Повеќе ме интересира просторот во којшто живееме во реалноста, отколку просторот во којшто живееме во сликите, истакнува уметникот Илија Пенушлиски чија изложба на дигитални графики „Градови“ е во тек до 26 јуни во скопската галерија „Акантус“
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Познатиот македонски сликар Илија Пенушлиски знае да каже дека никогаш не бил вљубеник во големи изложби. Во чести излагања. Според него да направиш изложба треба да имаш вистински повод, а тоа значи дека помеѓу двете претставување се случило некое сериозно придвижување во творештвото. Да се прави изложба сега, па следната година, па две или три во годината. Па уште ако се мамутски, гигантски изложби, во големи музејски простори и т.н. Нему сето тоа му се чини „превише чаламџиски, со доза на додворување заради пазарот и да се повторува името на уметникот“.
– Отсекогаш повеќе сум сакал помали изложби. Што поретки. Помалку. Така да изборот на оваа галерија, на „Акантус“, која го поседува барем јас колку што знам или претпоставувам најубавиот простор како една мала приватна галерија, е сосема логичен. Не е ништо чудно за мене. Второ, сликите во една ваков интимен простор имаат шанса повеќе да му кажат на оној што е спреман да им се даде отколку кога ќе го притиснат тие широки и високи плафони, проблематични светла кои се заштитен знак на нашава средина. Не видов ниедна галерија барем со пристојно осветлување… овдека е се* како што треба. А, што се однесува до новите техники, не се работи за некоја љубопитност да се истражи нешто ново. Не е резултатот гола љубопитност. Секоја нова технологија отвара простор човек да се обиде да види што ќе му понуди различно од она што претходно го знае. Ако го повторувавме само она што го знаевме тогаш ќе останевме на тркалото и немаше да одиме понатаму. Кога нешто ќе го дознаеш и ќе се осетиш како риба во вода и мислиш дека си го совладал, паметно е да се проба нешто што не знаеш. Па, макар и резултатот да биде лош, вели Пенушлиски.
Говорејќи за своите нови дигитални графики, од кои 39 под заедничкото име „Градот“ со леснотија го изнудија вниманието на културната јавност и бројните посетители на неговата поставка во скопската галерија „Акантус“ која трае до 26 јуни, 72-годишниот уметник истакнува дека и покрај тоа што тоа не е технологијата од неговата младост она што него го поттикнало да влезе во тој свет било тоа што кога ќе сретнел некои од тие дигитални принтови кои лесно можеле да се детектираат бидејќи пружаат големи можности. Тој со констатација дека уметниците понекогаш влегуваат во заблуда, а тоа е дека таа нова технологија нуди можности со неа да работите, а да емитирате акварел, маслена техника и т.н. Дека резултатот е нешто што личи на маслена техника.
– Треба да се искористи она што таа техника го нуди, а друга не. По мојата маалска, елементарна логика си викам чекај за ковање клинци клешта е да ги вадиш. И со клешта можеш да заковаш клинец, ама најчесто ќе го искривиш. Сакам да кажам дека секоја алатка си има сопствена логика. Треба да се искористи она што таа ви го нуди, а друга алатка не. Новата технологија пружа можност вие да си го фотографирате делото, а потоа и да си го отпечатите како графика. Во мојот список на термини, во сликарската терминологија, тоа мислам дека се вика репродукција. Значи не е поентата, посебно со новите технологии, графиката да биде разбрана како можност да се умножи едно од сопствените дела, туку да се направи нешто што ниедна друга техника не може да го направите. Се разбира да се искористи и можноста дека тоа ќе биде отпечатено во повеќе примероци и ќе се најде поширока публика. Прилично сум задоволен од сево ова. Требаше баеги трпение. Требаше да се отфрлат сите можности што техниката ги нуди. Да не се потпадне под тоа ефтино додворување…Јас сум со убава мисла, но не знам како нив публиката ќе ги види и поима, смета Илија.
Прашан за тоа дали при чинот на творење на новите дигитални графики имало моменти на скепса, моменти кога се преиспитувал дали е на вистинскиот пат Пенушлиски ќе рече „и да и не“. Појаснува дека кога ќе земе човек перце и хартија и кога ќе повлече линија тогаш тоа е готово еднаш и засекогаш. Па мора тоа да го стори еднаш, па два пати…дека едно време користеле шмиргла…дека со туш ја переле хартијата за да добие патина. Ќе рече дека понекогаш се оди перфектно и на крај со еден неконтролиран потег си ја упропастил работата. Дека овде таквите изненадувања се исклучени. Според него целиот процес е полесен, но понекогаш и поопасен затоа што можеш да се изгубиш во можностите. Дека лесно може да се потпадне под привлечноста на евтините ефекти што ги пружа технологијата. Затоа уметникот, како што ќе рече на овие графики, губел десет пати повеќе време отколку на другите. Затоа за него целиот процес не бил полесен туку различен, прилично интересен.
Во каталогот за „Градови“ родениот скопјанец кој дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година, пост дипломските студии ги завршил на Прат институтот во Њујорк две години подоцна и кој има бројни самостојни изложби во земјава и во странство, ќе напише: Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш. Градот поседува моќ да те зграпчи, да те направи вљубеник, да те зароби или пак да те фрли во очај. Градот не е глетка, не е само урбан простор. Градот ти се отвара зад секој нов агол и се шири низ напластените времиња. Градот може да континент што мами да го истражуваш повторно и повторно, „до бескрајот на непознатото за да се пронајде новото“.
Јас сум скопско дете. Во Скопје сум роден. Цел живот сум во Скопје. Има хризантеми, има раскошни ружи и кактуси. Јас сум од кактусите. Многу многу вода и многу многу чист воздух нешто не ми се добри за здравјето. Многу многу од Скопје не сум мрднал. Ја на Водно не сум се качил. Ако сум роден овде. Такво ми е и друштвото. Еден е по шах, друг по карти, по можност девојчиња…малку повеќе кафани. Фудбал не сум шутнал. Никогаш нема да заборавам прв пут кога дојдов во Скопје, веднаш после Земјотресот. Тогаш имав 16 години и со феријалци бевме на летување во Охрид. Се случи што се случи и го затворија Градот. Нема влегување и излегување. Окапавме таму. Крадевме лубеници на пазар и после ги продававме за да си изнајмиме точаци. Демек ќе ги изнајмиме на пет сата и ќе се вратиме во Скопје. Поинаку не можеше да се стаса. Сето тоа беше неуспешно. Ме однесоа во Краљево, па ме запишаа во гимназија во Белград…Првиот пат кога се вратив во Скопје, кога стигнав на Железен мост, кога го видов како изгледа Градот душата ми се скина. Никогаш не сум плачел толку како тогаш. Навистина тој беше мој град. Меѓутоа што ли сака човек од еден град? Не е само архитектурата. Не се само луѓето. Тоа е меланж од настани. И од сопствените спомени кои што останале. Мразам да зборам како што мене ми се чини дека постарите збореа а еве сега и јас, но верувајте ми Скопје имаше некој дух. Ако беше помал град. Се однесуваше по градски отколку денес. А да не зборам, ич да не ја отварам темата, за ова што го направија со „2014“. Ја не сум поминал таму. Не можам ни да поминам. Тоа е страшно нешто. Од Скопје сега само името ми се допаѓа. Пошто ми ѕвони во ушите. Да, може да се каже дека ова е некаков само егзил. Јас слабо се движам. Но немојте да мислите дека е тоа само поради здравјето. Не се сомневам дека младите си имаат свои катчиња, но …Скопје знаеше да биде духовит град. Кога ќе појдеше во Стара чаршија знаеше што да очекуваш, што ќе ти понудат дуќанџиите. Сега ми се чини дека и луѓето како да станаа нељубезни. Не можам да се сетам на ниту една улица што ќе ме извади од памет за да ја изодам, истакнува сликарот.
Но тука не престанува неговата исповед за љубовта и болката наречена Скопје. Тој потенцира дека „потрошил повеќе време на идеите за град којшто го има правото да се надградува, а не да го силува некој како 90 отсто архитекти во оваа наша држава“.
– Никој не може да се ослободи од своите сеќавања. Носталгијата е моќно оружје. Сигурно дека и грешам во извесна мерка кога викам дека Скопје е за никаде. Тој сигурно си има некоја тајна. Си има некоја идеја за тој град. И некое минато за нив. Грешам кога велам дека Скопје стана за никаде град, но факт е дека му се случија тектонски глупости. Страшни работи. И после Земјотресот. И сега во последниве 15, 20, 30 години. Нешто што во друга средина не се памети. Јас до скоро патував повеќе отколку што можете да замислите. Но кога сум и таму, во некоја нова средина, па дури и во прочуените средини, во музеј не влегувам повеќе. Не ме интересира. Кога одам да гледам сликарство, точно знам каде. Ќе го видам Веласкез. Ќе го видам Ел Греко. Тицијан. Повеќе од еден саат не останувам таму. Немам друга работа, ќе гледам сликарство. Доста ми е од сопственото уште туѓо ќе гледам. Жена ми затоа со мене не сака да путује. А, што гледам? Само кровови гледам. Само бележам улици, ќошиња …Повеќе ме интересира просторот во којшто живееме во реалноста, отколку просторот во којшто живееме во сликите. Сум потрошил повеќе време на идеите за град којшто го има правото да се надградува, а не да го силува некој како 90 отсто архитекти во оваа држава. Скопје ја изгуби таа шанса. Фантастично ја изгуби таа шанса. И сега Свети Петар не го оправа. Кој ќе го руши сето тоа.
Инаку, „Градови“ Илија Пенушлиски му ја посветува на својот починат пријател, режисерот Љупчо Тозија и во публикацијата на англиски јазик е печатен текстот на класикот на Френк Синатра – „This Town“, песната што во една прилика обајцата непрекидно ја вртеле од Скопје до Гевгелија.
– Со Љупчо бевме големи другари. Дури не грешеа кој е кој од забавиште па до скоро. Тоа е една наша приватна приказна. Песната ни се лепи за идејата за градот. Градот знае да биде најубавиот пејзаж. Какви планини, какви бакрачи. Градот знае да биде убав. Волшебен. Ех, кога ќе се заљубиш во некој град и кога ќе трба да си одиш срцето ти се кине. Исто како во најубава женска. А градот може да биде и грдотија. Може да биде суров. Јас моите љубов од градови ги имам испланирано за следните три животи. За првиот имам дилеми…дали тоа би бил Њујорк или Рим. И пошто сум зихераш трет нема да има. Си мислам Њујорк, ама ете и Рим ми фаќа око. Тешка е таа одлука.
На прашањето дали со „Градови“ би тргнал на пат во земјава или можеби во странство, Илија Пенушлиски не премолчува дека целата Република тенко стои со изложбени простори. Дека притоа многу му смета несоодветното осветлување. Како пример за тоа наведува дека некаде пред пет години откажал изложба во еден поголем град во внатрешноста токму поради тоа, а добиените симболични средства за проектот ги вратил во Министерството за култура.
Во продолжение авторот со констатација дека на сите ние е јасно дека уметностите, тука вклучувајќи го и сликарството, имаат и политичка употребна вредност.
Што мислите зошто ги прават тие силни изложби по повод еве „Свети Кирил и Методиј“ во Рим? Еве македонско сликарство. Треба да размисли државата што ќе прави. Тоа треба да биде една осмислена политика за промоција на сопствената средина. Не заради сликарите. Ликовните уметници. Ајде еве нека биде за тоа што се преведува. Како се учествува на тие саеми за книги. Театарски и филмски фестивали. Државата мора да вложува во тоа. Големи нации вложуваат, а камоли ние вакви мали кој никој и не ги слуша. Како ќе те чујат надвор ако не така. Се се плашам дека ќе смислиме некоја ракета за на Марс. Од друга страна кога ќе ми текне во какви срамни простории се одржуваат тие изложби на македонските сликари во странство, на македонското сликарство, ми иде да…Ајде сега да не излезе овде дека си ја кудиме државата, ама еве да ги земеме другите мали државички како нас и како тие си ја одбележуваат државноста како нас. Или како праќаат претставници на одредени средби. Музички, ликовни, поетски…сеедно. Кај нас „а бе ајде…култура“ . Сликарството нема да ја промени Македонија. Ќе ја промени мотиката, ќе ја променат фабриките, ќе ја промени организацијата на аграрот…ама ако ништо друго треба да покажеш дека е тоа средство за пропаганда, дека не сме мајмуни на дрво во оваа средина. Треба да се мисли однапред.