Веќе соработката со Украина ја подигнуваме на едно повисоко ниво, наместо досегашната Комисија, и уште поважна е заложбата на сите земји членки на Алијансата, особено САД како предводници, Германија, кои се залагаат за уште поголема поддршка на Украина. Но, таа поддршка да не биде краткотрајна, односно да не ја договараме месец за месец, туку да биде долгорочна поддршка која ќе трае најмалку во Наредните 10 години

ЏАБИР ДЕРАЛА
Ексклузивно, од самитот на НАТО во Вилнус, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, за ЦИВИЛ Медиа зборува за главните теми на овој важен настан, кој генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, го нарече историски „уште пред и да започне“. Министерката Петровска зборува за тоа што од самитот е посебно значајно за нашата земја, имајќи предвид дека регионот е исправен пред сѐ поголеми безбедносни предизвици, како што се косовско-српските тензии и нестабилноста на БиХ. Понатаму, Петровска го споделува ставот на нашата земја во поглед на барањето на Украина за членство во НАТО.
Македонската министерка за одбрана го коментира и историскиот чекор на Шведска која направи и уставни измени за да ги задоволи условите на Турција, со што се деблокира процесот на зачленување на Шведска во НАТО. Петровска во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа ја уверува јавноста дека приватната платеничка формација Вагнер не е присутна во земјите членки на НАТО на Балканот. Таа говори и за тоа како се справува нашата земја со опасностите што произлегуваат од руската агресија против Украина.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се Вашите очекувања, односно што од самитот ќе биде посебно значајно за нашата земја, особено имајќи предвид дека регионот е исправен пред сѐ поголеми безбедносни предизвици, како што се косовско-српските тензии и нестабилноста на БиХ? Кои други безбедносни предизвици во регионот се присутни?
ПЕТРОВСКА: Особено е важно она што овие денови го зборуваме на Самитот, зад затворени врати, а сепак да најдеме начин како да искомуницираме со јавноста, има интерес за тоа што го зборуваме. Како што беше најавено и во рамките на подготовките на Самитот, меѓутоа и овие денови со изјавите кои ги даваа, шефовите на држави и премиери кои се шефови на делегациите, вклучително и нашата, даваа осврт или ги искажуваа очекувањата, што ќе се случува на овој Самит. Разбирливо е затоа што повеќе од една година на европско тло, имаме за жал, сѐ уште активна војна. Односно, неоправданата агресија на Русија врз Украина. Очекуваме дека НАТО-земјите членки ќе бидат гласни, ќе бидат обединети и ќе донесат одлуки околу тоа што ќе се случува понатаму и како ќе тече поддршката за Украина, она што е најважно. Но, исто така, не заостануваат и оние други прашања што се важни за НАТО да продолжи да функционира успешно како и досега.
Она што во суштина е важно за нас како земја-членка на НАТО Алијансата и учествуваме во целиот овој процес за донесување на овие одлуки што вчера и денес беа заклучени како такви. Зборувавме за инвестициите во одбраната. Ова го зборувам од аспект за да одговориме соодветно на сите ризици со кои се соочуваме и на национално ниво, но и како членки на Алијансата навистина е потребно да го зголемиме инвестирањето во одбрана. Знаеме дека до 2018 година, тоа го потврдуваат и официјалните бројки на буџетот на одбрана, дека многу малку беше инвестирано, речиси и да не беше инвестирано во одбраната. Од 2018 започна зголемувањето на нашиот буџет и денеска сме земја која што може да се пофали со 1,85% од бруто домашниот производ кој го одвојуваме како буџет за одбраната. Она што го презентиравме вчера и денес е дека Република Северна Македонија ќе го достигне просекот од 2% од бруто домашниот производ што ќе биде одвоен за одбрана.
Но, она што сите се сложуваме е дека не треба да биде плафонот или највисокото достигнување на буџетот туку треба да биде почетното ниво. Не се обврзуваме колку ќе биде во наредните години, меѓутоа да 2% ќе биде минимумот од буџетот којшто треба да го издвојуваме како земја-членка на НАТО.
Она што е многу важно и на овој Самит беше потенцирано е дека, исто така, не само да го имаме овој процент, туку како правилно да го трошиме буџетот на одбраната. Северна Македонија, до сега, успешно го планира и троши тој дел од буџетот, односно, 20% од буџетот, а во иднина ќе биде и повеќе, насочени за модернизација и опремување на Армијата. Односно за оваа година конкретно, за нас е над триесет проценти, односно 33 проценти веќе ги имаме испрограмирано и испланирано, таа модернизација на армијата. Со ова сакаме да излеземе во пресрет на, како што реков, соочување со современите предизвици, и веќе војувањето, како што и самите сме сведоци, не се сведува само на конвенционални методи на војување, туку се повеќе се присутни и сајбер нападите, хибридните закани итн. Одбраната, како модерна опрема, треба да биде способна да одговори на сите овие предизвици.
Вториот сегмент од самитот, апсолутно е Украина, она што е навистина важно, е дека на овој Самит, и тоа ќе се случува во попладневните часови, денеска, за прв пат ќе се одржи Советот помеѓу НАТО и Украина, веќе соработката со Украина ја подигнуваме на едно повисоко ниво, наместо досегашната Комисија, и уште поважна е заложбата на сите земји членки на Алијансата, особено САД како предводници, Германија, кои се залагаат за уште поголема поддршка на Украина. Но, таа поддршка да не биде краткотрајна, односно да не ја договараме месец за месец, туку да биде долгорочна поддршка која ќе трае најмалку во наредните десет години. Со таа, пред сè, финансиска поддршка, и политичка и секаков друг вид поддршка, сакаме да и помогнеме на Украина, уште повеќе, како што впрочем го правевме во изминатите месеци, да и помогнеме да ја заврши оваа војна што е можно побргу, се разбира, и што е можно побргу да го продолжи својот пат кон интеграција и во НАТО и во ЕУ.

Кој е ставот на Северна Македонија во поглед на барањето на Украина за членство во НАТО?
– Република Северна Македонија има принципиелен став од самиот почеток на кризата во Украина, односно воениот конфликт, меѓутоа во однос на прашањето за нивната забрана за членство во Алијансата. Република Северна Македонија е апсолутно застапник, или, се залага за отворени графи на НАТО, што значи дека секоја земја која најпрво има барање, и сака да пристапи кон НАТО алијансата, ние тоа го прифаќаме како позитивно, но, се разбира дека таа земја треба да обезбеди, односно, да исполни одредени услови.
Исполнувањето значи дека земјата е способна и во можност да пристапи кон НАТО Алијансата, затоа што пристапувањето кон Алијансата, и тоа беше случај и со Северна Македонија, не е само користење на придобивките од колективната безбедност, туку е и давање и сопствен придонес на самата земја која ќе се зачлени во НАТО, кон колективната безбедност. Република Северна Македонија постигнува баланс помеѓу тие две нешта, и тоа е правило кое треба да се почитува, и за секоја земја која, се разбира, сака да стане членка на Алијансата, за која вратите се отворени.
Она што за нас е приоритет, и, да, неспорно е дека Украина ќе стане земја членка на НАТО алијансата, но, приоритет број еден, за сите нас, и за Република Северна Македонија, како пријател на Украина, меѓутоа, за сите останати сојузници и партнери на НАТО алијансата, приоритет број еден е победата која треба да биде извојувана во Украина.
Сите наши ресурси, сите наши капацитети, ги насочуваме кон поддршка на Украина. Затоа што, изминатиов период, и денеска утрово, имав можност да се сретнам со жени лидерки во областа на одбраната и надворешната политика, претставници на граѓанските организации, со кои зборувавме на тема што се случува во Украина, од наш аспект.
Навистина не е лесно, повеќе од дванаесет месеци таму се војува.
Она што ние го гледаме и за кое имаме симпатии и сожалување, од наш аспект, навистина е многу поинаку кога ќе се соочите и кога ќе бидете присутни на теренот. Нашето разбирање за нивната волја, и за нивниот, благо кажано, притисок, да станат членка на Алијансата, е разбирлив. Меѓутоа, сепак, треба да им дадеме приоритет на работите, и само така, ќе можеме да оствариме она што е крајна цел за сите нас.
Страдањата во Украина навистина мора да престанат. Токму затоа, нашите ресурси, нашата поддршка првенствено е насочена кон тоа.
Шведска направи и уставни измени за да ги задоволи условите на Турција. Тоа е, меѓу другото, причината поради која генсекот на НАТО, Столтенберг, кажа дека овој самит на НАТО е историски, уште пред и да започне. Кој е Вашиот коментар на согласноста на Турција да го деблокира процесот на зачленување на Шведска во НАТО?
– Јас тука ќе се сложам и не можам повеќе да додадам од тоа што и Генералниот секретар на НАТО го кажа, а тоа дека се работи за историски чекор, особено ако се земе предвид какви се потенцијални безбедносни предизвици, безбедносни закани постојат. Проширувањето со Финска, а сега и на Шведска, навистина е одлична порака. Однесувањето на Турција или деблокирањето, давањето согласност да пристапи Шведска во НАТО, само уште еднаш покажува колку НАТО или сојузниците во Алијансата знаат да ја проценат важноста на моментот. Да, од оправдани причини, национални на Република Турција, имаа одредени барања за кои тие имаа сопствени објаснувања. Меѓутоа, од друга страна, она што покажува однесувањето на Шведска е дека тие не беа само декларативно за НАТО. Туку навистина и тие вложија дополнителни работи за да ги оправдаат довербата и поддршката кои тие ја имаа од сите нас, односно да се приближат заедно со Република Турција.
Дијалогот кој што се одвиваше, иако можеби на моменти скептиците велеа дека нема да се случи на овој Самит, меѓутоа дијалогот кој што беше воден, со поддршка и помош од сите сојузници, на крај вроди со плод и со конечен резултат, а тоа е прилкучувањето на Шведска во рамките на Алијансата.
Мислам дека тоа треба да биде позитивен пример за случувањата кај нас, заради тоа што ако цело време декларативно се залагаме за нешто, тоа треба во одреден момент да го произведеме односно да го преточиме во реални чекори. Ако ние од осамостојувањето до денес, сите политички партии и нивните лидери кога ќе ги прашате ќе ви кажат дека ние сме за пристапување во ЕУ и за НАТО додека станавме членка на Алијансата. Но вистинското прашање кое треба секој од нас да си го одговори е што ние правиме за тоа да го оствариме. Заради тоа што ветувањата во еден момент можат да станат и бесмислени ако не работите на нивно остварување. Истото е и во Република Северна Македонија.
Ако сите ние, без исклучок на политичките партии, опозиција, позиција, парламентарни и вонпарламентарни, сите се залагаат за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Единствениот услов кој во моментов е на маса пред нас е промената на Уставот со внесувањето на Бугарите како малцинство и продолжување на патот за Република Северна Македонија. Тоа е единственото нешто.
Теориите дали тоа ќе биде последно нешто, дали имаме право да се сомневаме, апсолутно имаме право да се сомневаме во се и сешто, но наша е одлуката што треба денес да ја донесеме – дали ќе направиме чекор напред или ќе останеме затворени во нашата средина и во наредните 20 години ќе се сомневаме и ќе претпоставуваме дека нешто ќе се случи и покрај тоа што ќе направиме промена на Уставот.
Она што е важно и тврдам одговорно како и сите кои се дел од процесите е дека досега со ниту една одлука не се наштети на националните интереси на Република Северна Македонија. За жал, минатото покажува дека во нашата држава се носеле навистина тешки политички одлуки, ама кога ќе видите што донеле тие тешки политички одлуки за иднината на граѓаните на нашата држава тогаш секоја тешкотија се исплатела и можеме со задоволство да бидеме горди на тоа што го донесоа како одлука во минатото.
Ќе го дадам примерот со Преспанскиот договор, што многумина мои колеги не сакаат да го коментираат за да немаат некое поврзување, јас не сум била дел од тој процес, но сега неколку години подоцна апсолутно го подржувам, затоа што како поинаку денеска ќе бевме и ќе седевме на масата со сите држави подеднакво ако не го направевме тој историски чекор. Само ние ја гледаме придобивката од тие промени само неколку години подоцна, а замислете каква ќе биде придобивката за нашите граѓани, за нашите поколенија, за младите кои сите политички партии велат дека се залагаат да ги задржат во РСМ и да не си одат од државата.
Но како ако тие и понатака од нас само слушаат празни политички говори и празни ветувања а без да гледаат никаква реализација. На кратко таа е паралелата што сакав да ја направам во однос и на Шведска и на Турција во однос на пристапувањето во НАТО Алијансата, навистина го давам како позитивен пример за тоа што треба ние да направиме во овие исто така критични и клучни моменти во нашата држава.
Приватната платеничка формација Вагнер е присутна на Балканот. Колкава е заканата од Вагнер? Има ли други такви или слични вооружени групи што може да ја разнишаат безбедноста и одбраната на земјите во регионот? Како се справува нашата одбрана со опасностите што произлегуваат од руската агресија против Украина?
– Со сигурност можам да кажам дека Вагнер не е присутен на Балканот во земјите кои се членки на НАТО и тоа е уште еден дополнителен мотив и доказ зошто пристапувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата беше толку важно и многу значајно. Сведоци бевме изминатиот период и ќе бидеме во иднина на хибридни дејствувања и на Русија меѓутоа и на други држави кои евентуално би и помагале во нејзиното дејствување.
Целта на таквото дејствување од нивна страна се разбира кој е, да се поткопаат вредностите и верувањата дека она што се прави во моментов во државата или и самото пристапување во НАТО и нашето зачленување и патот кон ЕУ дека всушност се погрешни. Тоа е идејата на тие хибридни дејствувања, односно да се намали довербата во институциите.
А кога велам институциите, велам дека тоа се напади врз системот. Тие често знаат да бидат хибридни напади и дејствувања насочени против поединци, дали во Владата или други политички структури, меѓутоа тие имаат цел да го срушат односно да ја намалат довербата во системот.
Она што е особено важно е како ние ќе реагираме и како ние реагираме во тие моменти. Како Министерство за одбрана имаме поделена надлежност или одговорност, но навистина понекогаш сме предводници или повеќе гласни кога зборуваме за оваа тема.
Јакнењето на институционалната доверба, второ зајакнувањето на општеството е нешто што ќе придонесе за успешно справуваме со овој тип на закани. Мене ми е навистина задоволство што денот кога заминував за Самитот во Вилнус се објави и повторното рангирање на транспарентност на институциите каде што МО неколку години по ред е прва, односно прворангирана институција по транспарентност.
Ова ми е важно и ќе го спојам со хибридните дејствувања затоа што секогаш кога имате било каков малициозен обид да се наруши довербата или да се подрие системот, транспарентноста на институциите е особено важна. Затоа што најдобар лек или најдобар механизам за борба или за отпорност кон дезинформациите и таквиот вид на малициозни дејствувања е транспарентноста и отчетноста.
Да, во обраната (ресорот што го предводам), често се случува да не можеме во целост да одговориме на прашањата заради некоја класификација, дали тоа би било во рамките на НАТО или во партнерските односи, но никогаш не остануваме должни кон медиумите или кон јавноста, секогаш се обидуваме информацијата да ја презентираме на начин што ќе ги задоволи барањата, меѓутоа сепак нема да наштети и на процесите кои во иднина треба да се водат.