ДЕНКО МАЛЕСКИ
Новиот премиер на Македонија Мицковски, се чини, сепак ќе учи на тешкиот начин. Тоа дека заклетвата ќе ја даде со името Северна Македонија, се чини, е резултат не на свесно променет став туку на силен надворешен притисок
Во тој уникатен и неповторлив момент на историјата на меѓународните односи на почетокот од деведесеттите, сите поверувавме во моќта на правото и на демомкратските вредности. Светското мислење не се смени ниту кога во Лисабон, ЕЗ излезе со соопштение дека земјите членки се спремни да ја признаат малата балканска држава ако во нејзиното име не е содржан зборот „Македонија“.
Па нели е право (меѓународно право) на секоја држава самата да си го определи своето име? Сознанието дека, во реалноста, тоа сепак не е така радикално го смени моето поимање на светската политика. Од „идеалист“ станав „реалист“ и се зареков дека после политиката ќе пренесам на македонски се што можев од магацините на западната политичка мисла за оваа опасна сфера од нашето живеење.
Таму пишува дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членови, од памтивека до денес и се додека постојат.
Пишува за анархичната структура на меѓународното општество на држави раководени од своите интереси и поткрепени од својата моќ, за рамнотежа на сили, за односи меѓу големи и мали држави и за бројни други безвременски железни закони на меѓународната политика.За мене доказот беше очигледен: на самитот во Лисабон, согласно начелото дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, Грција успеаа да го наложи својот став врз останатите европски држави.И поука дека малата држава мора да бара компромис за да преживее.
Поднесов оставка која не ми беше прифатена и бев наговорен од претседателот да продолжам. Но, овој пат по вистинскиот и единствен пат во меѓународните односи, патот на „реализмот“.
Новиот премиер на Македонија Мицковски, се чини, сепак ќе учи на тешкиот начин. Тоа дека заклетвата ќе ја даде со името Северна Македонија, се чини, е резултат не на свесно променет став туку на силен надворешен притисок.
Имено, тој продолжува да зборува за „погледи во очи“ со оние кои му кажувале едно а испаднало друго, се скандализира од „манипулации“ и „двојни стандарди“.. .
Манипулации, интереси, моќ, двојни стандарди, измама, насилство, војна, правила а не исклучоци во реалната меѓународна политика, е нешто што допрва ќе го учи.
Зашто, кога се би било според правото и правдата во односите меѓу државите, како што мисли, тогаш, би релкле децата од моето маало, „и баба ми би можела“ да води држава. Но, секоја нова генерација политичари мора да помине низ таа школа на животот.
Притоа, ако вашето образование не ве научило на маката на другите, ќе научите кога ќе ја почувствувате на својата кожа.