Припадниците на ултрадесничарските групи и оваа година, поточно во сабота, на 4 февруари, ја одбележаа годишнината од смртта на Милан Недиќ, претседателот на квислиншката влада за време на нацистичката окупација на Србија во Втората светска војна
ГОЈКО ВЛАОВИЌ
Организаторите се собраа тој ден во Белград на аголот на улиците Кнегиња Љубица и Симина, на местото каде што се наоѓал затворот на Озне, каде Милан Недиќ се самоубил скокајќи од прозорецот во 1946 година како притвореник.
Оваа година, групата Зентропа Србија, позната по тоа што планираше концерт на швајцарскиот неонацистички музичар Евигер Штурм во клубот 451 во Белград на 12 март минатата година, ги покани симпатизерите да учествуваат на собирот. Организацијата е откажана а потоа сепак одржана.
Според медиумите, претставник на здружението на граѓани Клуб 451 е Марко Гајиновиќ, за кој се тврди дека е поранешен член на Националниот српски фронт, група чиј портал ги објави текстовите на Горан Давидовиќ, кој своевремено беше обвинет дека е основач на забранетата неонацистичка организација Национална машина во Србија.
Меѓу таблите што ги носеа напаѓачите на новосадскиот локал „Црни ован“ во Нови Сад, каде се собираат антифашисти, на 15 јануари беа забележани и оние на групата Зентропа Србија. На собирите на кои се слави Недиќ учествуваат активисти на Српска акција и Цароставник, кои исто така се одликуваат со искажување расистички и ксенофобични ставови, како и членови на ревниот „Вистински Српска православна црква“.
Историјата не учи дека Милан Недиќ е воен злосторник, предавник на Србија, соработник на окупаторите, антисемит и поддржувач на нацизмот. Како соработник бил окарактеризиран и од Владата на Кралството Југославија во Лондон и од партизанското Националноослободително движење. Сосема оправдано, бидејќи, станува збор за личност која им служела на интересите на хитлерискиот окупатор на штета на својата земја и народ.
Според тоа, јасно е дека властите не требаа да дозволат во саботата да се одржи митинг на кој ќе се слави името на квислинзите и поддржувачите на фашистичката идеологија. Организирањето на митинг за поддршка на Недиќ во Србија е исто како и одржувањето за поддршка на Адолф Хитлер или Бенито Мусолини. Скандалозно и неприфатливо.
Големиот проблем е што во изминатите години властите толерираа ултрадесничарски собири по повод годишнината од смртта на Милан Недиќ.
Милан Недиќ бил југословенски генерал, српски политичар и претседател на квислиншката марионетска влада во Србија за време на окупацијата од страна на нацистичка Германија во Втората светска војна позната по името „Влада на национален спас”.
Недиќ се борел во Балканските војни и во Првата светска војна. Во меѓувреме бил началник на генерал-штаб и министер на војската и морнарицата. Сменет е и пензиониран поради своите прогермански ставови и блискоста со движењето на Димитрија Љотиќ. Вратен е во службата пред Априлската војна, во која ја командувал третата група на армијата која имала задача да го брани најважниот дел од фронтот на границата со Бугарија, ама не пружил никаков отпор. Германската окупација го поставила за претседател на марионетската влада на народниот спас со цел полесно да го задуши востанието во Србија. Недиќ бил загрижен за опстанокот на српскиот народ во Хитлеровиот нов план. Неговата влада е задолжна за многу активности во врска со холукаистот и прогонети антифашисти, како што се регистрација и апсење на Евреите и заедничка контрола над логорот Баница. Неговиот режим верно ги извршувал сите германски барања.
Апелацискиот суд на Србија, ја потврди одлуката со која беше одбиено барањето за рехабилитација на Милан Недиќ, премиер на марионетската влада на Србија во Втората светска војна, што го поднесе неговото семејство.
Апелацискиот суд во Белград, во април 2019 г. ја потврди одлуката на Вишиот суд на Србија, со која беше отфрлено барањето за рехабилитација на Милан Недиќ, премиер на марионетската профашистичка Влада на Србија, за време на нејзината окупација во Втората светска војна.
„Според наоѓањето на Апелацискиот суд, а спротивно на жалбените наводи, одлуката на првостепениот суд е правилна“, се вели во одлуката на судот.
Судската постапка за рехабилитација на Недиќ започна во декември 2015 година. Семејството на Недиќ побара судот да го прогласи Недиќ за жртва на политички прогон на поранешните комунистички власти на Југославија.
Тие, исто така, побараа од судот да ја поништи одлуката на југословенскиот суд, со која Недиќ беше лишен од граѓанските права и му беше одземен имотот.
За време на судењето, сведочеа неколку историчари и беа презентирани неколку илјади страници документација.
Овој процес предизвика контроверзии, бидејќи неколку експерти посочија дека српскиот закон не дозволува рехабилитација на лица кои соработувале со нацистите.
Десничарски, но и антифашистички и левичарски групи периодично се собираа пред Вишиот суд, за да дадат поддршка, односно за да изразат противење на барањето за рехабилитација.
Кога неговата Влада беше соборена во 1944 г. нацистите го евакуираа Недиќ во Австрија. На крајот, тој беше уапсен од страна на британските сили, кои потоа го предадоа на југословенските власти.
По војната, Недиќ беше обвинет за соработка со Германците и за велепредавство, но правната постапка против него набрзо беше прекината, бидејќи Недиќ, во февруари 1946 година, во затворот во кој се наоѓаше, изврши самоубиство.