ЕВГЕНИЈ ДАЈНОВ
Нема држава во светот која официјално ќе прифати дека нема народ на нејзина територија, дека нема историја и дури нема ни јазик. Не постои таква држава, бидејќи не може да има. Следствено, нема шанси државата Северна Македонија некогаш да се потчини на бугарската „рамковна позиција“
Кога бев мал, често слушав од возрасните околу мене дека нешто било „неразбирливо како Индија“ и „комплицирано како македонското прашање“. Оттогаш помина долго време и се покажа дека Индија не е толку тешка да се разбере. Но, другото прашање и понатаму е комплицирано, иако одамна не сум ја слушнал фразата „македонско прашање“.
Можеби не сум го слушнал скоро овој израз, бидејќи прашањето е чисто бугарско некое време. Срамното вето (и последователната парламентарна „рамковна позиција“) наметната од ГЕРБ-ВМРО за Северна Македонија е отровно за бугарското општество и државност. Внесовме во јавното тело нова капсула, која продолжува да се распаѓа и да го шири својот отров во сите нас.
Не знам зошто мнозинството бугарски политичари се жалат дека ЕУ не го разбирала „бугарскиот став“ за македонското прашање. Овие политичари или не разбираат ништо од политика, или лажат. Вистината е дека ЕУ целосно разбира сè – од првата секунда кога ветото падна како гром од ведро небо, откако само две години претходно Бугарија се прогласи за гарант за влез на Западен Балкан во ЕУ.
Нема ништо што ЕУ не го разбрала. И токму затоа што разбраа, земјите-членки на ЕУ не ја поддржуваат – и никогаш нема да ја поддржат – бугарската „позиција“. Ниту една држава нема да го стори тоа, никогаш. И нема да ја поддржи, бидејќи, со разбирањето доаѓа ужасот како е можно една земја-членка на ЕУ да има таква „позиција“. На луѓето им се крева косата на глава, бидејќи нашето однесување е однесување на диви балкански хорди од почетокот на 20 век.
Сакам да потсетам што се случи и зошто:
Пред две години, откако се ближеа избори и ВМРО виде дека е во опасност да отпадне од парламентот, реши да поттикне максимална омраза кон некој надворешен непријател за да можат Бугарите да гласаат за свитата на Каракачанов. И за таа цел не ја избраа Турција (со која ќе имаа вистински сериозни проблеми), туку нашите македонски соседи, со два милиони луѓе кои можат да се распоредат на територија со големина од областа на Софија плус Перник. ГЕРБ стави вето, а Народното собрание го поткрепи со „рамковната позиција“. Што, всушност, сакаат Бугарите од Македонците? Што е тоа што ЕУ не го „разбира“ веќе три години?
Според „рамковната позиција“, Бугарите бараат од Македонците да се сменат имињата на неколку стотици улици; да тргнат некои спомен плочи, да признаат дека биле Бугари до 1944 година кога Македонците ги создале југословенските комунисти; да извршат лустрација (која самата Бугарија не ја спроведе), а таму каде што во пишани документи се споменува „македонски јазик“ да објаснат дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик. Нема држава во светот која официјално ќе прифати дека нема народ на нејзината територија, дека нема историја и дури нема ни јазик. Не постои таква држава, бидејќи не може да има. Следствено, нема шанси државата Северна Македонија некогаш да се потчини на бугарската „рамковна позиција“.
За работите да бидат уште поматни, позицијата на Бугарија постојано се менува. Од Софија кон Скопје постојано се слеваат нови барања, неевидентирани ниту во „рамковната позиција“, ниту во бугарско-македонскиот договор од 2017 година. Во последната година од владеењето на ГЕРБ-ВМРО, на пример, бугарската министерка за надворешни работи ги повика Македонците да престанат да го слават Тито. Потоа дојдоа преодните влади, кои поставија уште еден услов: бугарското малцинство да биде впишано во македонскиот устав. Кој може да ѝ верува на држава која постојано ги менува своите барања кон друга држава? Овде имаме чудовишна когнитивна дисонанца: ескалација на барањата прават диктаторите, на пример, Владимир Путин; Бугарија е демократска земја, членка на ЕУ, но го демонстрира истото однесување. И тогаш се прашуваме зошто нашите европски партнери гледаат на нас со таков ужас…
За Бугарија нема излез од оваа ситуација – не во рамките на цивилизираните меѓународни односи. Сите бугарски политичари знаат дека нема излез. Но, се прават дека не знаат – едни за да ја хистеризираат ситуацијата и да собираат гласови, а други – за да не се разбудат со гневни толпи под нивните прозорци.
Западнати во ќор-сокак со „македонското прашање“, останати без ниту еден надворешен сојузник, Бугарите станаа нервозни и почнаа да се потсмеваат едни на другите. Вака на нас делува отровот што ни беше ставен во телото со ветото и со „рамковната позиција“. Меѓутоа, овој отров има уште една, поважна димензија. Ветото и „позицијата“ ја разбрануваа таа смрдлива кал што секој народ ја носи на дното од својата душа. Од таа кал излегоа чудовишни мисли и расположенија. Ветото и „позицијата“ се директно одговорни за наглото зголемување на антиевропското расположение во Бугарија, според кое ЕУ е непријател, бидејќи не нѐ поддржува за македонското прашање. Па, ако ЕУ е непријател, кој е пријател? Русија, се разбира.
Отровот на ветото продолжува да се шири низ бугарското општество и покрај војната меѓу цивилизацијата и дивјаштвото што беснее недалеку од нас. Премногу бугарски граѓани и бугарски државници со души извалкани од ветото и од „позицијата“ се редат на страната на руското дивјаштво. И ова е веќе ризик за националната безбедност.
Бугарите и никој друг трпат од бугарската „позиција“ за македонското прашање. И тие ќе страдаат сѐ повеќе и повеќе. За да ги спасиме нашите души, мора да најдеме начин да го скршиме ова лудо вето. Две години никој во ЕУ не го поддржа, значи никогаш нема ни да го поддржи. Само се отрувме самите себеси, а сега се обидуваме да ги обвиниме другите 26 земји-членки на ЕУ, Македонците, Американците и секој на кој ќе ни текне – освен Путин, се разбира, кој е единствениот што има интерес од оваа каша.
Ветото и „рамковната позиција“ се тумор кој нѐ убива нас, а не Македонците. За да оживееме, императив е да си наметнеме радикален третман: да најдеме начин да го надминеме ветото, без да извршиме проруски пуч; да ја отфрлиме „рамковната позиција“ и последователно долго лечеше на општественото тело.
(Евгениј Дајнов е бугарски политиколог, дипломец на Оксфорд и професор на Новиот бугарски универзитет. Текстот е објавен во бугарскиот весник „Дневник“)