Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПOПОВИЌ: КОЧОВСКА ПРИЗНА ДЕКА ВО БУЏЕТОТ НЕМА ПАРИ

June 24, 2026 Filed Under: Македонија

Со зголемување на дефицитот се кршат и законите – констатираат во СДСМ. Министерката з финансии на прес ги објави промените со ребалансот што ги усвои Владата

ПОПОВИЌ Власта брутално ги прекршува фискалните правила и Законот за буџети

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција упати остри критики до економските политики на Владата, обвинувајќи дека најавеното зголемување на буџетскиот дефицит е директна потврда дека државната каса е празна. Според опозицијата, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска со оваа одлука признала дека во Буџетот нема пари, со што во ризик и неизвесност е ставена дури и редовната исплата на платите и пензиите за граѓаните. Поповиќ потенцираше дека со ваквиот чекор власта брутално ги прекршува фискалните правила и Законот за буџети, со оглед на тоа што законските одредби јасно налагаат дека буџетскиот дефицит не смее да надмине 3 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).

Од СДСМ алармираат дека целиот планиран годишен буџетски дефицит е целосно потрошен уште во првите шест месеци од годината. Наместо претходно ветуваното намалување, Владата сега планира дополнително да го продлабочи дефицитот, што според партиската реакција ќе доведе до нови, скапи задолжувања кои во иднина ќе ги враќаат граѓаните и идните генерации преку повисоки камати, нови даноци и поскапи јавни услуги.

Опозицијата посочува дека реалната состојба на економијата најдобро се пресликува преку падот на куповната моќ на граѓаните и секојдневниот раст на трошоците за живот. Наместо најавуваните статистички успеси, реалноста покажува зголемена загриженост кај населението.

„Јавниот долг, кој Владата ветуваше дека ќе го намалува, за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра и веќе се доближува до бројката од 11 милијарди евра. Овие пари не отидоа за повисоки плати, ниту за мерки за поддршка на граѓаните и компаниите, а најмалку за капитални инвестиции. Тие завршија во криминалните партиски тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Поповиќ.

Таа заклучи дека по две години од владеењето на десницата, економијата се движи кон колапс, граѓаните тонат во длабока сиромаштија, а државата е доведена во меѓународна изолација, поради што СДСМ бара итна одговорност и промена на ваквиот економски курс..

Инаку Владата неделава, на предлог на Министерството за финансии, ги усвои Измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се врши усогласување на буџетските проекции со актуелните економски движења и се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на развојните приоритети на државата.
Како што кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од растот на цените на енергенсите, случувањата на меѓународните пазари и конфликтите во одделни региони. И покрај овие предизвици, македонската економија покажува отпорност и задржува позитивни трендови.
Како што потенцираше министерката со ребалансот, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари.
„Со ребалансот обезбедуваме стабилност на јавните финансии, но истовремено создаваме простор за повеќе инвестиции, поголема економска активност и поквалитетни услуги за граѓаните. И во услови на глобална неизвесност, остануваме посветени на одговорно управување со јавните средства и поддршка на развојот“, истакна Димитриеска-Кочоска.

MИНИСТЕРКАТА КОМЕНТИРА Ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка несигурност

На расходната страна, како што кажа министерката вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари, во однос на иницијално планираното ниво, дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети – обезбедување средства за земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку социјалните надоместоци, народните кујни и мерките за деинституционализација.
Буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари или 4,1 проценти од БДП. За првпат, како што истакна министерката, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата
“Особено значајно е што со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“ кажа Димитриеска-Кочоска.
Дополнителните средства ќе бидат насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата, меѓу кои се изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, изградбата на железничкиот Коридор VIII, инвестициите во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, изградба и реконструкција на училишта, градинки, студентски домови, како и инвестиции во руралниот развој и модернизацијата на земјоделството.
“Значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините преку инвестиции во локална патна и комунална инфраструктура, образовни и спортски објекти, со што се обезбедува рамномерен регионален развој и подобар квалитет на живот за граѓаните во сите делови на државата“ кажа министерката.
Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.

Filed Under: Македонија

КАКВИ СЕ ПРОГНОЗИТЕ ЗА НОВИОТ РЕБАЛАНС?
ПOПОВИЌ: КОЧОВСКА ПРИЗНА ДЕКА ВО БУЏЕТОТ НЕМА ПАРИ
ПРИТИСНАТА ВЛАДА И КОНФУЗИЈА КАЈ ДЕСНИЦАТА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
ЛЕТОВО ПРВИ ЌЕ СЕ КАПАТ ПОЕТИТЕ А ПОТОА ТУРИСТИТЕ
ИЗРАЕЛ НАМЕРНО ГИ ТАРГЕТИРАЛ ДЕЦАТА ВО ГАЗА И ИЗВРШИЛ ГЕНОЦИД

Најново

  • КАКВИ СЕ ПРОГНОЗИТЕ ЗА НОВИОТ РЕБАЛАНС?
  • ПOПОВИЌ: КОЧОВСКА ПРИЗНА ДЕКА ВО БУЏЕТОТ НЕМА ПАРИ
  • ПРИТИСНАТА ВЛАДА И КОНФУЗИЈА КАЈ ДЕСНИЦАТА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet