Во Македонија, каде релјефот е претставен со честа смена на планини, котлини и долини, овие поројни поплави (порои) се сериозна закана и проблем, особено со оглед на тековните климатски промени и ефектите од нив

БОЈАНА АЛЕКСОВА
Поројните поплави се дефинираат како брзи и често ненадејни поплави кои се случуваат во рок од неколку часа или минути по интензивни врнежи, обично во оголени, вегетациски деградирани и еродирани сливови. Тие се особено опасни поради нивната ненадејност, што може да доведе до големи материјални штети и човечки загуби. Најчесто се јавуваат на стрмни, оголени или обесшумени планински падини, на терени со слаба или воопшто неприсутна вегетација, неотпорни литолошки формации и слабо отпорни почви, при што водата се концентрира и движи со голема брзина, носејќи со себе сѐ што наидува на патот.
Во Македонија, каде релјефот е претставен со честа смена на планини, котлини и долини, овие поројни поплави (порои) се сериозна закана и проблем, особено со оглед на тековните климатски промени и ефектите од нив. Климатските промени, како глобален феномен, се карактеризираат со зголемување на просечните температури на Земјата.
Глобалното затоплување пак, влијае на временските прилики, особено на зачестеноста на екстремни временски настани (топлински бранови, екстремни врнежи, појави на невреме и сл.). Научниците од Меѓувладината комисија за климатски промени (IPCC) истакнуваат дека вакви настани стануваат почести токму како резултат на глобалното затоплување.
Како климатските промени влијаат на пороите?
Климатските промени го менуваат режимот на врнежи. Според Националната океанска и атмосферска администрација (NOAA), со зголемување на температурата, за секој степен Целзиус, воздухот може да задржи околу 7% повеќе водена пареа. Ова значи дека интензивните врнежи стануваат уште поинтензивни. Еродираните, незаштитени почви и неотпорните литолошки формации не може да апсорбираат толкаво количество на вода, туку водата се насобира и тече слободно низ сливот, предизвикувајќи порој. Така, за време на поплавите во Босна во 2024 година, силни врнежи активираа свлечишта и предизвикаа порои, убивајќи над 20 лица, а неодамнешните поплави во Шпанија, во 2024 година, предизвикаа над 200 жртви и огромна материјална штета.

Кои области во Македонија се најризични?
Неодамна, заедно со проф. д-р Ивица Милевски од ПМФ-УКИМ во Скопје, извршивме истражување со издвојување на критични сливни подрачја на Македонија од аспект потенцијални поројни поплави. Истражувањето беше изведено со користење на т.н. Индекс на потенцијални поројни поплави (Flash Floods Potential Index – FFPI), статистички метод кој ги зема предвид факторите како наклони, литологија, почви, вегетација и користење на земјиштето. Во постапката, на соодветна ГИС – платформа и користејќи софистицирани методи на далечинска детекција, секој од наведените фактори се класифицираат, квантификуваат и им се даваат тежински фактори. Ова значи дека се анализираат физичко-географските и вегетациските карактеристики на теренот за да се утврди потенцијалноста за појава на поројни поплави. Конечниот индекс е добиен врз основа на нивната збирна вредност. Всушност, овој индекс ја покажува состојбата на теренот во однос на потенцијалот за концентрација на водата од врнежите. За уште подобра просторна претстава, добиениот грид-модел за целата држава е поделен на преку 1.200 мали сливни површини (со големина од 20 до 100 км2), со пресметана просечна вредност за секое сливно подрачје. Согласно со таа просечна вредност за подложност на поројни поплави, сливовите се поделени на пет категории и тоа сливови со:
Многу ниска подложност, кои покриваат 1.9%.
Ниска подложност, кои покриваат 5.6%.
Умерена подложност, кои покриваат 28.9%.
Висока подложност, кои покриваат 41.5%.
Многу висока подложност, кои покриваат 22.1% од територијата на државата.

Според Индексот на потенцијални поројни поплави, се воочува дека 63.6% од сливовите во Македонија се подложни на поројни поплави. Помалите сливови на реките Треска, Крива Река, Пчиња, Брегалница, Пена, Црна Река, Струмица, Вардар се најизразените во контекст на висок и многу висок потенцијал на поројност, со историја на поплави, како поплавите на Треска во 1979, 1996, 2005, 2010 и 2021 година, на Крива Река во 1964, 1966, 1970, 1975, 2004, 2005, 2010, 2013, 2014, поплавите на Пчиња во 2010 година, поплавите на Брегалница во 1962, 1979, 2010, 2015, 2016, 2021, 2023.
Во 2015 година, селото Шипковица, сместено во централниот дел на сливното подрачје на реката Пена (северно од Тетово), доживеа катастрофална поројна поплава поради интензивните врнежи. Овој настан резултираше со загуба на четири животи и значителна штета на инфраструктурата.
Според историските податоци, Црна Река имала поројни настани во 1966, 1994, 2005, 2013, 2018, 2010, 2015, 2021, 2023, а реката Струмица во 1969, 1994, 2010, 2015, 2021, 2023.
Сливовите на реката Вардар исто така се соочиле со поројни поплави, особено во 1962, 1979 и 1990 година, што резултирало со големи штети, особено во скопскиот регион. Неодамнешните поплави во 2010, 2016, 2020, 2021 и 2023 година, предизвикани од обилни интензивни врнежи, ја нагласуваат тековната изложеност на помалите сливови на екстремни временски услови. Трагичниот настан во североисточниот дел на Скопје во 2016 година, кога поплавен бран резултира со загуба на 22 животи, го нагласува овој ризик. Според Годишниот извештај на Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР), околу 93 mm дожд (93 литри на m2) паднале на овој простор (општина Гази Баба, во правец на Скопска Црна Гора) за само околу четири часа.
Сливовите со голема потенцијална поројност, во суштина имаат стрмни наклони, еродирани карпи и почви, обесшумени терени, што, комбинирано со интензивни врнежи, создава совршени услови за поројни поплави. Овие настани доведуваат до значителни земјоделски загуби и штети на инфраструктурата, што ја нагласува итната потреба за подобрени стратегии за управување со овој тип на поплави. Сеопфатен пристап кој интегрира хидролошки мониторинг и ефективно планирање на користењето на земјиштето е од суштинско значење за да се ублажат идните влијанија од поплави во сливовите со висок ризик.
Секако, освен самата топографска подлога, за создавање на поројни водотеци важни се метеоролошките услови, а врз сето наведено влијае и човечкиот фактор. Низ историјата, па и денес, човекот имал и има значително влијание врз промена на природната средина, со што директно или индиректно влијае на појавата на поројни поплави, првенствено преку промените во користењето на земјиштето, уништувањето на шумите, сточарството и сродни практики. Денес, Македонија, со главно урбано население од приближно 1,8 милиони, е во контраст со нејзиниот доминантно рурален состав до 1960-тите. Во тој период, т.н. екстензивните земјоделски практики значително ја промениле употребата на земјиштето, овозможувајќи деградација на шумите и зголемена подложност на поројни поплави.

Што може да се преземе?
Со климатските промени т.е. со глобалното затоплување, се очекува зголемена фреквенција на поројни поплави, особено во овие т.н. ризични сливови. За среќа, постојат бројни превентивни мерки: подобрување на системите за рано предупредување, пошумување на голините и заштита на шумите, чистење на дренажните системи/канали и изградба на нови пропусти и канали, изградба на мали акумулации и зголемена едукација на граѓаните се клучни чекори. Овие мерки можат да го намалат ризикот и да нѐ подготват за иднината. Мора да се напомене дека и покрај сите мерки, невозможно е да се спречи поројна поплава. Сепак, со превентивни и внимателно планирани активности, може да се намали ранливоста, со цел дас е избегне природна катастрофа (жртви и материјални штети).
Токму во таа смисла е и значењето на истражувањето кое го спроведовме (кое е во процес на публикација). Истражувањето (заедно со добиениот модел и карта), многу јасно ги покажува најосетливите терени и сливни подрачја, каде лесно доаѓа до формирање на поројни поплави, дури и при дневни врнежи од 60 mm (или акумулирани врнежи од 100 mm). Тие подрачја треба да се од врвен приоритет за државата за преземање на мерки со кои ќе се намали површинското истекување и концентрација на вода, пред воопшто да формираат пороен тек, со потенцијални катастрофални ефекти.
Превенцијата и контролата на поројни поплави бараат интегриран пристап, кој ќе вклучува и климатска адаптација и модернизација на инфраструктурата за превенција и справување со поплави.
(Авторката м-р Бојана Алексова е докторанд по геонауки на Факултетот за науки, при Универзитетот во Нови Сад)