БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Таа „Портокалова книга” би морала да има скратена верзија за пошироки распространувања, но и двете би морале да бидат отпечатени во големи тиражи. Со една единствена цел: Да му се покаже на светот какво чудовиште чува Виктор Орбан ако се случи да му даде азил
Во рамките на мерките за екстрадиција на Груевски би било многу добро да се подготви обемно досие на најголемиот мирновременски злосторник во поновата историја на Европа, дебела „Портокалова книга на злото” за подемот и падот на Груевски, за неговиот режим низ појавата, растежот и разорното дејство врз културата, економијата, институционалноста, правноста и моралноста на Македонија, со приказ на незамисливите политички практики, ненормално ненормалните пљачки, грабежливи приватизации, нарачани убиства и терористички напади, разорени медиуми, уништени крајолици, девастирани градови, кретенизирани луѓе, иселен народ, покорено судство, уништено Скопје! Заедно со еден психопатолошки профил на лудакот проследен со авторитетни анализи на најпознати стручњаци за делата на политичкото лудило од различни видови кои не ги ослободуваат злосторниците од одговорност.
Таа „Портокалова книга” би морала да има скратена верзија за пошироки распространувања, но и двете би морале да бидат отпечатени во големи тиражи. И преведени на повеќе јазици да се дистрибуираат низ Европа и светот. Ударни елементи од овие изданија би се користеле за објави во најпознатите светски весници, списанија, портали,телевизии и социјални мрежи.
Со една единствена цел: Да му се покаже на светот какво чудовиште чува Виктор Орбан ако се случи да му даде азил. И да се разбуди светската моралност и моќ да извршат притисок злосторникот да се врати на местото на злосторот кај што ќе одговара. Како што нацистите ги враќаа од Јужна Америка, додуша малку подостарени, што се надевам нема да се случи со Груевски. Или одбегнатите убијци од последните југословенски војни. Можеби да се замоли Манчевски да сними еден, два или три спота. Можеби и некој документарец. Да направиме повеќе панели и други мерки да преземеме.
Дали е тоа кампања!?
Да, тоа е кампања на правдата!
Кој ќе ја плати!?
Владата, од вонредни и редовни буџетски приходи, а мислам дека можат да се обезбедат и дополнителни средства од домашни и странски извори.
Ако сакаме Македонија да покаже дека е жива. Дека знае да прави глупости и пропусти, но дека е спремна да ги отстранува и да се бори за себе и за своите европски перспективи.
Кој би ги правел овие работи: професори, новинари, доктори, политичари…
Мала одбрана редакција.
Гарантирам дека ќе ја задоволиме правдата, а на Грујо, Орбан и бандата ќе им ја расплакаме мајката.
Ако бегството не е договор за дело (хахаха) или друга форма што би ја направила целата операција фарсична или дури бесмислена, па можеби и штетна.