БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Академикот се прашува дали господинот премиер го загрижува фактот дека рејтингот во дијаспората му е нула. И јас не знам дали го загрижува тој факт, но сакам да го прашам академикот кој 39 пат се враќа во Македонија, дали него го загрижува фактот дека дијаспората се уште живее во политички и културен мезозојк
Не знам дали при триесет и деветото враќање во Македонија, Божин Павловски почувствувал дека тоа може да му биде последно враќање, но атмосферата за крах на референдумот, што толку многу го импресионирала, јас ја разбирам како основа на трајната разделба меѓу академикот и неговата сакана. Божин Павловски видел дека целата нација и тука и во сите австралии, е потоната во епиката на отпорот против промената на името и дека таа семакедонската љубов кон смртта, јас така ја гледам драмата, ќе го спречи академикот да го заокружи бројот на враќањата на 40! Ништо од печалбарскиот гранд слем. Штета. Освен ако до референдумот не скокне до земјата на кенгурите и не се врати уште еднаш. Зашто, по (не)гласањето, ако се случи така како што насетува тој, нема да има каде повеќе да се враќа.
Типична иселеничка нарација исполнета со притаена радост од надоаѓачката несреќа. Леви, десни, уметници и простаци, глупаци и генијалци, сите му се виделе како противници на прекрстувањето на државата и сите му биле потонати во очај. Не ни кажува како самиот се чувствува, но мене ми личи дека и тој ги споделува тие чувства.
Сите нарикачат по смртта, само Македонците со нарикачење ја довикуваат!
А зошто, молиќу лепо!?
Затоа што народецот чувствувал дека НАТО ќе заврши за Македонија како што Варшавскиот пакт завршил за Бугарија, дека светот е зафатан со тоа да најде убаво место за гробна дупка на Северноатлантската алијанса, убава кокетажа на академикот со простата маса која мисли дека секој момент НАТО ќе се распадне.
Што уште видел господинот што се враќа!?
Катица Јанева му се видела како Томе Аџиев. Како лустратор на паднатите режимлии. Хахаха! Тоа е исто како јас да напишам дека не можам да видам разлика меѓу литературата на Божин Павловски и собрание дела на Амди Бајрам.
Заев не направил ништо на домашен план!
Тоа е веќе важен и тажен рефрен во химната на смртта што не престануваат да ја пеат и вмороните и обичните морони: ние ќе ја убиеме Македонија затоа што Заев не направил ништо на домашен план. Какво прекрасно алиби. За мир на душата на усмртителите. Па, чекајте, ако Заев не направил ништо на домашен план, ќе имаме или ќе предизвикаме избори, па ќе го смениме, каква врска има неговата реформска агенда со идејата да се самопотврдиме како нација и држава на референдумот.
Но, не, рефренот не е тука за да ја изрази загриженоста од рефирмските зафати, туку за да ја пумпа антиреферендумската атмосфера. Едното цревце се измислиците за договорот со Грција (се бришела Македонија, тралала) другото цревце е распаѓањето на НАТО, третото цревце е НАТО како проект кој ни ги одзема силите за внатрешните реформи. Четвртото цревце се тековните афери кои допрва ќе се множат и треба да ја соборат владата односно да направат хаос во приоритетите: ако успее референдумот, нема да можеме да го тргнеме Зокита и затоа е попаметно да ја тргнеме Македонија на референдумот.
Бљак!
Кај се украдените пари?
Па кај се де!
Зошто не го прашате Груевски?
Освен тоа, еве, по некое милионче почна да капе.
И само уште едно прашање.
Академикот се прашува дали господинот премиер го загрижува фактот дека рејтингот во дијаспората му е нула. И јас не знам дали го загрижува тој факт, но сакам да го прашам академикот кој 39 пат се враќа во Македонија, дали него го загрижува фактот дека дијаспората се уште живее во политички и културен мезозојк. Како и зошто се случува непогрешливо да застануваат зад најригидните политички позиции? Како се случи, ако треба да му веруваме на еден друг академик, на Гане Тодоровски, дека таа и таква дијаспора, ни се врати во државата со тој одвратен, патетичен, самоубиствен национализам во форма на вмро-дпмне. Како се случува, и покрај сите негови вложувања, таа структура да остане замрзната во времето.
Јас повеќе им верувам на импресиите на Мицитакис кој има впечаток дека референдумот ќе успее. Хахаха!
Јас се залагав прашањето за дигиворит со Грција да се затвори во Собранието, така како што сега предлага Павловски. Но, сега е доцна. Толку доцна што мислам дека и таа идеја на академикот не е добронамерна.