Лиса и Филипче се два балкански риса од Националниот парк „Маврово“, во Северна Македонија. Но, нивната приказна е далеку од романса. Кога во неа се замешува човекот таа сè повеќе наликува на трагедија
АВТОРИ: ЈAСМИНКА ЈАКИМОВА, ЕМИЛИЈА ПЕТРЕСКА, БОЈАН ШАШЕВСКИ, ДАНИЕЛ ЕВРОСИМОВСКИ
Кон крајот на март Лиса и Филипче заедно ја поминаа македонско-албанската граница. Без страв ги искачија шумските ридови на планината Кораб. Откако кратко се задржаа во Албанија, се упатија кон соседната планина Дешат, каде низ стрмните патеки повторно влегоа на македонска територија. Намерно ги избегнуваа граничните премини, патиштата и било каква трага од човечка цивилизација. Сосема небитно им беше тоа што нивната територија ја делат две различни држави. На тој заеднички пат, најважно им беше да создадат поколение. Да го продолжат својот вид.
Лиса и Филипче се два балкански риса од Националниот парк „Маврово“, во Северна Македонија. Но, нивната приказна е далеку од романса. Кога во неа се замешува човекот таа сè повеќе наликува на трагедија.
Покрај нив во светот се преостанати уште 40-тина единки балкански рис, распределени во три соседни држави каде заштитата на животната средина е релативно ниско на листата на државни приоритети. Токму активностите на луѓето го доведоа балканскиот рис на работ на изумирање.
Затоа, здружени организации од соседните Северна Македонија, Албанија и Косово се обединија како заштитници на оваа „голема мачка со мали шанси“, врежана на македонската петденарка, на раб на изумирање според Црвената листа на загрозени видови.
РЕГУЛАТОР НА ПРИРОДАТА Додека приказните и легендите кажуваат дека нашите предци имале култ кон оваа таинствена мачка, сега реалноста зборува дека нејзиниот опстанок е во раце на политичката волја, која упорно се обидуваат да ја пробудат Македонското еколошко друштво (МЕД) и организациите – партнери вклучени во Проектот за закрепнување на балканскиот рис. Веќе 15 години го следат рисот, во обид да го зачуваат екосистемот.
Рисот се наоѓа на врвот на синџирот на исхрана и претставува регулатор на други животински видови во неговата средина. Ако рисот исчезне, тоа може да доведе до огромни и непредвидливи промени во природниот екосистем.
„Рисот како и другите топ предатори, имаат улога да ги регулираат популациите, главно на копитари, срнечки дивеч и зајци, но, исто така, за да не се пренамножат, бидејќи можат да направат штети на посевите, дрвата или сето она со што се хранат. Другата улога е контрола на таканаречени мезопредатори. Тоа се оние месојадни животни, како лисицата или куната“, објаснува Диме Меловски од МЕД.
Меловски својот живот и работа го посвети на проучувањето и заштитата на големата мачка. Уште како студент по биологија, таа му го привлекла вниманието. Со месеци останувал на македонските планини, следејќи ги трагите на балканскиот рис. Две децении подоцна, кога веќе го привршува својот докторат за рисот, тој е човекот за кого велат дека „знае сè“ за таинственото животно.
Опстанокот на рисот, особено на младите единки, вели Меловски, зависи од доволно количество храна и калории кои ќе ги внесат првите 10-11 месеци. Тогаш е важно женката константно да им носи храна и постојано да е успешна во ловот.
„Доколку има вознемирување од типот на хидроцентрали, минирање или градење пристапни патишта, со самото тоа се отежнува успехот на лов. Ги вознемирува не само рисовите, туку и неговиот плен кој е во самата територија и на мажјаците и на женките“, потенцира Меловски.
Затоа е важно следењето на рисовите како Лиса и Филипче во земјите од југозападен Балкан. Кога биолозите ќе успеат да заловат рис и да му стават ГПС околувратник, тие имаат можност да видат точно по која територија се движи, каде бара плен и дали може да најде храна. Анализираат и како новите инфраструктурни објекти влијаат на неговото движење, па дури и дали е жртва на криволов … бидејќи ако животните во шумата се плашат од рисот, рисот е загрозен единствено од човекот.
ТИЕ НЕ ЗНААТ ЗА ГРАНИЦИ За разлика од луѓето, рисовите не знаат за граници. Најбројни се во НП „Маврово“, јадреното подрачје на балканскиот рис во регионот. Во Албанија се размножуваат на планината Мунела, а годинава за првпат беше докажана репродукција на рисот на планинскиот ланец кај Полис. Ги има и на Проклетие, планината која ја делат Косово, Албанија и Црна Гора. Ова се регионите каде МЕД, албанската ППНЕА и косовската ЕРА се активни за спас на рисот.
Националниот парк „Маврово“ е сместен во западниот дел на Северна Македонија. Територијата под заштита опфаќа 72.204 хектари. Повеќе од една деценија биолозите тука работат на проекти за заштита на рисот. Од јануари до средината на април е најважниот дел од нивната работа, сезоната на заловување рисови со цел да им се стави ГПС околувратник. Годинава имаа невообичаена среќа. Иако, поради пандемијата на новиот коронавирус и вонредната состојба во земјата сезоната заврши цел месец порано, заловени беа 3 риса, сите женки.
„Женките се вообичаено попаметни од мажјаците и потешко се фаќаат во замките“, низ смеа вели Меловски.
Од 7 риса кои до лани успеаја да ги заловат, само Маја беше женка. Но годинава, нештата добија поинаков тек. На почетокот на февруари во замката се фати Нарциса, здрава женка, стара околу 3 години и тешка 15 килограми. Еден месец подоцна, влезе и Лиса, партнерката на Филипче. На 14-ти март, точно 10 години откако беше заловен првиот балкански рис кој го носеше името Марко, во стапицата во „Маврово“ влезе уште една женка. Ја нарекоа Атиџе.
„Тоа беше неверојатно, на истиот ден, точно 10 години откако го заловивме Марко“, раскажува Меловски кој се потсетува дека само еден ден претходно размислувале за повлекување од Маврово, бидејќи околниот регион веќе беше ставен во карантин поради појавата на новиот коронавирус.
(Фељтонот се објавува во согласност со авторите. Ќе оди во повеќе продолженија)