Лиса и Филипче се два балкански риса од Националниот парк „Маврово“, во Северна Македонија. Но, нивната приказна е далеку од романса. Кога во неа се замешува човекот таа сè повеќе наликува на трагедија
АВТОРИ: ЈAСМИНКА ЈАКИМОВА, ЕМИЛИЈА ПЕТРЕСКА, БОЈАН ШАШЕВСКИ, ДАНИЕЛ ЕВРОСИМОВСКИ
Екрем Веапи, или Еко, како што скратено го нарекуваат неговите колеги, е 28-годишен ренџер. Магистрирал биологија-екологија на Природно математичкиот факултет во Скопје. Се одлучил за оваа наука поради неговата љубов кон природата. Среќен е што работи во НП „Маврово“. Уште посреќен што може да помогне на МЕД и партнерите за зачувување на рисот.
Со жар во очите објаснува како се поставуваат камера-замки, стапици кои помагаат во проучувањето на мистериозните мачки. Нагласува, рисот „живее во шума, за да се сокрие од човекот, бидејќи тој е неговиот единствен непријател“.
„Во минатото, поради недоволна едукација, како на ловџиите, така и на народот, можеби го сметале рисот како непријател на нивните домашни животни. Но, денес, ловните друштва се поедуцирани. Проектот кој го водам, за заштита на балканскиот рис, има работилници во кои се вклучени ловџиите, сточарите, локални работници и сите целни групи кои може да дојдат во контакт со рисот. Едукацијата има цел да им покаже дека рисот не е животно кое може да им наштети“, вели Екрем Веапи.
Веапи живее во Требиште, село во општината Маврово и Ростуша. Регионот е полн со височини и живописна природа. Полн е и со приказни за рисовите.
АДНАН ФЕЈЗУЛИ Една таква ни раскажува Аднан Фејзули, кој не одведе до соседното село Велебрдо каде што живее. Ловџија е од свои 28 години, а основач е и на ловџиско друштво „Крчин-ачки“. Негов роднина, пред само неколку месеци забележал како рис поминува крај патот кај реката Радика. Буквално дошол до самиот асфалт.
„Не е баш природно да се спушта по населени места. Но, како да ви кажам, ако нема доволно храна за сам да се снајде, може да наближи и до населено место. Сепак, населението го штити. Чувари сме на рисот. Никогаш не сме уловиле рис! Дури е заштитен знак, лого на нашето ловно друштво“, потенцира Фејзули.
Ловџијата се жали дека луѓето од крајот си одат. Порано тука гравитирал народ и обработувал земјиште. Сега бараат подобар живот во европските земји, Германија, Италија. Слабо се враќаат назад во родниот крај. Сега, вели тој, има повеќе мечки отколку луѓе.
Мечката е заштитена на ниво на држава исто како и рисовите. Ги штити Законот за ловство. Меѓутоа, нагласува Фејзули, споредено со 15-20 рисови што се останати во Маврово и околината, мечките тука се во голем број и им прават сериозни штети.
„Прави штети на пчелари, сточари, овие култури кои ги имаме, на насади. Има голем подем на мечка и институциите треба нешто да се преземат бројот на мечки да се намали“, си ја кажува маката ловџијата, потенцирајќи дека, од друга страна, рисот и понатаму е заштитен симбол на овој крај.
РАГБИСТКИТЕ НА КОСОВО Балканскиот рис е влезен во шумите на Косово. Балканскиот рис е влезен и во духот на женскиот рагби тим од Приштина, тим од млади девојки што под рефлектори вежбаат во салата на училиштето „Трет милениум“. Се викаат „Балкански рис“.
Освен што балканскиот рис пополека влегува во социјалниот и културен живот во Косово, оваа земја може да се пофали и дека со камери-замки, во националниот парк „Проклетие“, беше докажано дека рисот постои и надвор од приказните на луѓето.
„Рисот кој го заловивме овде, ни кажува дека не е случаен рис кој дошол од Македонија и Албанија. Туку дека е природно наследство од минатото, бидејќи во минатото сите елементи ни укажуваа присуство на голем број рисови, а не денешните бројки“, вели Фатос Лајчи од косовската Група за еколошки одговорна акција (ЕРА).
Косовскиот Бер Грилс“, како што го нарекуваат некои активисти, раскажува дека е пораснат на планината Проклетие. Како дете слушал и се информирал за рисот како животно, знаења што главно доаѓале од науката од бивша Југославија. Со време, во 2003 година, ја формирале ЕРА, кога уништувањето на шумите било „на високо ниво“. Не успеале во индивидуалните пристапи да и помогнат доволно на природата, па сакале преку невладиниот сектор експертизата да ја доближат до светот, преку локалните и централни институции. Меѓувремено работеле и на заштита, а преку интернационалната тура за одржливост и туризам „Врвовите на Балканот“ и да ја зајакнат локалната економија. Да овозможат локалците да заработуваат пари од туризам, за да не ги сечат шумите, живеалиштето на рисот.
Некаде во 2010 година, добил телефонски повик од косовската Агенција за заштита на животната средина за да се сретне со претставник од фондацијата Еуро Натур. Разговаравале за рисот, колку и дали воопшто го има низ природата.
„Му реков – да, имам видено рис во 2001, многу блиску до град. Знам дека никогаш не ми поверува, беше скептик, бидејќи немавме да му покажеме доказ. Но, четири години подоцна станавме партнери со Македонија, Албанија и Црна Гора во Програмата за зачувување на Балканскиот рис. Започнавме, а Еуро Натур нè поддржа со само пет камери. Откако ги поставивме камера-замките, по три месеци им покажавме рис. Тоа беа спектакуларни вести, бидејќи знам дека во Македонија беа потребни повеќе од една година да се „фати“ рис. Во Албанија повеќе од две години. Но, овде по три месеци дојдовме со резултати од камерите. Ја снимивме првата единка во Косово, што беше навистина „бум“ во медиумите, телевизиите, дури и во самата Еуро Натур“, вели Лајчи.
Со него се сретнавме во Пеќ, град што живее под Руговската клисура и „Проклетие“. Во овој град партнерите, активисти и биолози од МЕД, ЕРА и ППНЕА, се сретнаа да дискутираат за балканскиот рис. Кои ќе бидат следните заеднички чекори за спас на големата мачка.
(продолжува)