Ние зборуваме за едно критично загрозено животно кое е распространето на Балканскиот полуостров. Да, можеби велиме дека во Македонија е упориштето на балканскиот рис, но самиот рис не знае за политички граници. Тој е распространет во делови на Албанија, во Косово, и тука е важно заеднички да делуваме во насока на закрепнување на популацијата на рисот – велат активистите
АВТОРИ: ЈAСМИНКА ЈАКИМОВА, ЕМИЛИЈА ПЕТРЕСКА, БОЈАН ШАШЕВСКИ, ДАНИЕЛ ЕВРОСИМОВСКИ
Руговската клисура создала неверојатни карпести предели, водопади, растространета зелена флора… Високо во шумата наидовме на траги од мечка, која застанала да се почеша на дрво. Ова според активистите, е вообичаена глетка. Исто така, направена е и мала импровизирана куќичка на дрво, за да може да се набљудуваат сите животни. Од мечки, срни, зајаци, па до најмалите – глувците.
Ваквата средина е идеална за рисот, објаснува Лајчи. Но, треба напор за негово зачувување. И од институциите, и од граѓаните. Според него, во модерното време со компјутери и социјални медиуми, проблематично е што луѓето не сакаат да го делат своето време со природата.
„Сакаат да уживаат во природата, па потоа да се вратат дома. Што, прави разлика, бидејќи треба да даваме фидбек на природата. Тоа е важно. За мене, не е важно само да е „прекрасен пејсаж’, да е ‘свеж воздух’. И навечер, со семејството постираш кавер фотографија на Фејсбук, но никогаш не постираш исечени дрвја, негативни работи. Сакаш да споделиш со пријателите дека си бил на ’прекрасно место’. Придонесот така е мал. За да спречиш негативна работа, треба да ја промовираш таа негативна работа. Не можеш само да речеш, ‘еј, некој сече дрвја’ Не! Тоа е систем“, нагласува Косовецот.
БЛАГ ПРИРАСТ Дел од оваа екскурзија на Проклетие беше и Александар Павлов од МЕД. За него е охрабрувачки што се забележува одреден пораст на популацијата на балканскиот рис во регионот.
„Ние зборуваме за едно критично загрозено животно кое е распространето на Балканскиот полуостров. Да, можеби велиме дека во Македонија е упориштето на балканскиот рис, но самиот рис не знае за политички граници. Тој е распространет во делови на Албанија, во Косово, и тука е важно заеднички да делуваме во насока на закрепнување на популацијата на рисот. Она што донекаде охрабрува, е дека ние забележуваме еден благ пораст. Тоа е благ, но сепак е пораст на популацијата на Балканскиот рис. Но, тоа ни оддалеку не е идеална ситуација. Затоа што во моментов има многу прашања кои остануваат отворени, а го засегнуваат рисот“, вели Павлов.
Затоа, во таа смисла, смета тој, е особено важно да се соработува и со оние чинители што се во самата држава, не само невладиниот сектор, туку и институции и органи.
На ова се надоврзува и Мануела вон Аркс, претставничка од КОРА – Швајцарија. Организацијата уште во 90-тите има направено истражувања за рисовите низ Европа. Помага со експертиза на организациите. Среќна околност е што Германија и Швајцарија можат во континуитет да бидат ангажирани за проблемот преку фондации, односно, вели таа, има начини да се одвојуваат пари за заштита.
СТРАНСКА ПОДДРШКА „Мислам дека во овие земји (С. Македонија, Албанија, Косово н.з.) постојат други приоритети, има голема стапка на невработеност, министерствата се повеќе заинтересирани за инфраструктура, исто така, мислам дека политичката состојба не е толку стабилна како во Германија и Швајцарија. Тука, постојано имате избори, се менуваат луѓе во министерствата, па не е многу стабилно и е тешко нешто да се изгради. Од друга страна, во Швајцарија има многу постабилна ситуација, пример, имаме изградено долгорочна соработка со министерствата“, потенцира Аркс.
Фондацијата Еуро Натур исто е присутна во регионот. Експертката за големи месојади, Мареике Брикс, дополнува дека е неопходна соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор. Некогаш, вели, постојат политички интереси, но генералната слика не е дека институциите секогаш ја отежнуваат работата.
„Тоа е нешто што ни треба, на долг рок. Не можеме да имплементираме нешто единствено на ниво на невладина организација. Тоа не функционира. Ни треба владина поддршка, ни треба разбирање на владино ниво, дека овие работи се важни за земјата, за развојот на земјата. На глобално ниво, кога зборуваме за климатски промени и слично, знаеме дека овие теми зависат од политички одлуки. И, секако, затоа се потребни политичари кои носат одлуки во таа насока“, смета Брикс.
НЕМА ОКОЛУВРАТНИЦИ НА КОСОВО Поради малиот број рисови, на Косово засега нема обиди за заловување на рис и ставање околувратник. Сепак една убава вест неодамна го привлече вниманието на јавноста. За првпат е снимена единка на рис на Шар Планина, од заштитената косовска страна. Македонската страна на планината пак останува неистражена и уништена. Активистите со години притискаат и овој дел на планината да стане национален парк. Бидејќи ако се убива на едната, а штити на другата страна на границата, рисот тешко ќе преживее.
Автопатот Тирана – Приштина го сегментираше живеалиштето на балканскиот рис. Од источната страна останаа местата по кои можат да се движат Лиса и Филипче – високите врвови на Кораб и заштитениот појас Кораб – Коритник од албанска, и цело Маврово од македонска страна. На западот пак осамена е планината Мунела, едно од главните места каде е евидентиран рис во Албанија.
Откако ќе се напушти широкиот автопат, ве пречекува слабо населениот планински регион. Единствено нешто што покажува дека тука има живот се бројните камиони кои возат по локалниот пат. Планината се прекопува за да се извади бакарот и другите минерали од неа. Оштетувањата се очигледни, огромни јаловишта зјаат по планината.
Мунела нема статус на заштита. Со постојана дива сеча, без шума, со намерно подметнати пожари, сега таа е како сцена од апокалиптичен филм, сместен во високи снежни предели, каде рисови и волци се движат избезумено во потрага по плен.
Тоа прво паѓа во очи кога се качивме на Мунела. Тимот од организацијата за Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) поставуваше замка за заловување рис, со цел да му стават ГПС околувратник, во рамки на истражувањата и мониторингот од Проектот за закрепнување на балканскиот рис. Бараат Мунела да стане заштитено подрачје, со соодветна администрација и мониторинг.
Активистите од организацијата веќе трета година се обидуваат да заловат рис на Мунела. Но и во Албанија, појавата на новиот коронавирус ги сопре активностите на терен. Ја немаа среќата на македонските колеги.
„За жал, состојбата со пандемијата Ковид – 19 влијаеше негативно на мониторингот на рисот во планината Мунела. Ние ја деактивиравме стапицата во боксот пред планираното време. И покрај ова, нашите камери сè уште се активни и го фотографираат рисот“, објаснува Бледи Хоџа од ППНЕА.