Преку околувратникот би можеле да направат поопсежни анализи за тоа како да се заштити рисот овде на Мунела, бидејќи, вели Хоџа, останати се само 4 до 5 единки
Подготвија: Јасмина Јакимова, Емилија Петреска, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски
„Секако дека се чувствуваме тажно и работиме со локалците кои соработуваат со локалните и државните власти. На рисот му требаат итни мерки! Така што, првата мерка, која ја бараме со години, е Мунела наскоро да биде национален парк. Со тоа, ние ќе можеме да преземеме други акции, работите побрзо да се подобрат“, вели Хоџа.
На уништувањето на Мунела удел имале и последователни пожари. Исто така, проблем за рисот е и криволовот. Изминативе дваесетина години, човечкиот притисок врз видот се зголемил, па активистите велат дека Албанија сега е во ситуација каде рисот е најмал по број досега. Забележуваат и некои поместувања, како пример мораториумот за лов низ цела Албанија, донесен во 2014, со важност до 2021, но сметаат дека има селективно спроведување на законите. Исто така, и конфликт меѓу ловечката заедница и владата за мерката во однос на управувањето со дивиот свет.
НА РИСОТ МУ СЕ ОДЗЕМА ХРАНАТА „Балканскиот рис е заштитен вид, што значи дека секоја форма на ловење, заловување, или каква било форма на чување или наштетување на видот, се смета за нелегално. Сепак, има и закани кои се предизвикани од луѓето кои индиректно, но многу силно влијаат на балканскиот рис како што е намалувањето на неговиот плен, екстремниот криволов на еленот, популацијата на диви кози, зајаците, кои се главна исхрана за балканскиот рис. Така што, ако му ја одземете храната на животното, тогаш му ја намалувате и можноста да преживее“, вели Александар Трајче од ППНЕА.
Тој раскажува за случајот во 2015 кога на Мунела бил убиен рис. Токму случајот им покажал колку е важно да се работи на образованието за заштита на рисот. Но им докажал и дека на Мунела сè уште се раѓаат рисови.
„Таа конкретна единка се однесувала многу неконтролирано и се доближила до стадо овци, но, според информациите, не знаела што прави и одела на многу непредвидлив начин. Се сомневаме дека било младо одвоено од својата мајка. Било неухрането, како што се покажа во понатамошната аутопсија и се однесувало на нетипичен начин за рисот. Овчарот за жал воопшто не го препознал животното. Овчарот беше младо момче од регионот, мислам на 12 или 13 години. Рисот му се доближил многу блиску, се исплашил и го удрил по глава со прачка, без да знае кое е животното. Ова е навистина несреќен инцидент и ние не се надевавме дека вакво нешто ќе се случи, но ова исто така ни покажа дека е важно да работиме, особено со младите генерации. Да знаат за видовите, да им укажеме колку е редок, колку е убав и колку е важен за екосистемот“, вели Трајче од ППНЕА.
ВО СЕЛОТО СПАЧ Недалеку од Мунела, во непосредна близина на автопатот Приштина- Тирана живее Ѓет Ѓони. Неговото село Спач е скоро напуштено, само две куќи се издигнати над еден огромен рудник, во кои заедно живеат три генерации. Раскажува дека неодамна го оженил својот син кој живее со него и нѐ пречекува со мекици, домашен мед и козјо сирење, локални продукти планинскиот реон. И задолжителната ракија. Како локалец, со години им помага на активистите во следењето на трагите на балканскиот рис во овој регион. Вели дека многу се доцни со прогласување на Мунела за заштитено подрачје, бидејќи има разни видови животни и растенија, па како поднебје е пригодно за туризам, посебно поради релјефот. Исто така, регионот е препознатлив по минералите.
„И токму затоа треба да сме внимателни со оваа подрачје“, раскажува локалецот застанат во својот двор, додека во позадина се слуша бушење.
Нагласува дека рудниците имаат своја специфичност, но, исто така, „природно е кога има работни активности, дивото животно да нема мир“.
„Бидејќи, материјалот што се наоѓа под земја треба да се извади. Сме лобирале и до компанијата која се наоѓа блиску рудникот, за да биде што е можно почувствителна, како за работниците, така и за нив, и имаме посебна соработка за заштита на овие животни“, тврди Ѓони.
Во минатото, вели, луѓето рисот го мешале со мачка. Не го разликувале. „Кога паѓаше многу снег, слегуваше долу за храна. И слегуваше многу блиску до куќите, па имаме неколку случки, дури памтам дека слезе и тука во мојот регион. Помина блиску до нашите куќи да се храни и тогаш изгледаше како нешто чудно, како мачка“, потенцира тој.
Според Замир Дедеј, директор на Националната агенција за заштититени подрачја, сериозно се разгледува предлогот за ставање на Мунела на листата на национални паркови.
„Среќни сме што имаме многу добри траги во Мунела. Предлогот даден од невладината ППНЕА беше добро прифатен од нас. Сега сме во процес на назначување на регионот за заштитено подрачје. Сигурни сме дека има одредени тешкотии, пред сè во однос на активности кои се случуваат или се планираат. Зборувам за хидроцентрали и рудници. Ова се две активности присутни во регионот, тоа го знаеме. Ние треба да најдеме начин да ги избегнеме, или затвориме. Нема среден пат“, потенцира Дедеј.
РИСОВИ ВО БЛИЗИНА НА ЕЛБАСАН Тој смета дека Мунела не е единственото јадро каде има рис во Албанија. Во прилог на ова доаѓа и последното откритие, кога пред еден месец за првпат на снимка е фатено семејство од три риса во реонот на Елбасан. Ова за активистите е важно откритие и дава надеж за опстанок на видот во Албанија.
Главниот град на балканскиот рис
Рисот го штитат и локалците од Жировница. Ова е најсеверното село во областа Долна Река во Северна Македонија. Југозападно се издигнува Дешат, северно Кораб, а југоисточно планината Бистра. Се наоѓа на височина од 912 метри, со жители што гордо се борат за опстанок на рисовите.
Загрозеното животно е влезено во културата и традицијата на локалните граѓани. Влезено е и во образованието на учениците. Уште од најмали нозе учат, го цртаат рисот. Тоа се забележува по ѕидовите и цртежите во основното училиште „Јосип Броз Тито“.
„Се разбира, рисот е наше национално богатство, ставено како заштитен знак и на нашите национални монети“, вели Анес Ахмети, наставник по географија и директор на училиштето.
И локалните жители, но и точките од ГПС сигналите на биолозите покажуваат дека рисот ги обожава шумите околу Жировница. Повеќе се движи навечер, но луѓето често знаат да го видат. Потоа случките се прераскажуваат од човек на човек. Но, не се случило рисот да нападне луѓе, или да направи некоја штета.
„Самиот факт дека рисот е претставен во нашето училиште на цртежи, укажува дека луѓето се приврзани и горди на тоа што можат да кажат дека во нашето село живеат неколку од малкуте единки преостанати на целиот Балкански полуостров, па и во Европа“, нагласува наставникот.
Ова село е познато и по тоа што гласно кажа „не“ за хидроцентрали. Во Жировница беа предвидени три мали хидроелектрани, од кои за две биле издадени концесии, со целата документација. Ахмети објаснува нивната градба би го урнисала целиот еко-систем во ова заштитено подрачје.
„Ако ја земеме водата, тогаш сме откачиле една алка од еко-системот и тој нема да функционира онака како што треба. Една од причините е и овој рис. Иако нашите грижи се насочени кон водата за напојување за селото, сепак и рисот, кој живее на овие простори, е меѓу главните фактори. Лично како мештанин на ова село и нашите активности како месна заедница, заедно со локалното население и дијаспората, нашиот став е јасен. Упатувам апел до сите засегнати да се откажат. Нашата цел е тие да не се изградат и нема да дозволиме нивна градба по ниту една цена!“, вели тој.
Едукацијата за рисовите е присутна паралелно и во Албанија. Активистката Клаудија Кочи од ППНЕА ни покажува цртеж со рис, направен од девојче од петто одделение. Девојчето била ученичка во едно од албанските училишта во Пука, каде во 2019 беше потврдена популација на рис. Цртежот се должи на образовниот процес и работилниците на ППНЕА.
„Девојката сега е средношколка, цртежот е направен во 2015. Сега таа учествува во национални натпревари за цртање и понатаму го промовира рисот и нашата работа и секако, информациите за видот. Практично ги посетивме сите 15 училишта во Пука и регионот Мердита. Ги обучувавме наставниците за едукација со деца“, објаснува Кочи.
Потребата за образование се појавила и откако нашле мртво рисче, недалеку од градот Пука. Оттука, заедно со партнерите од Германија, одлучиле за тригодишна стратегија за образование во областа. Ресорното министерството од Албанија е формално вклучено како партнер. Се обидуваат да ги унифицираат образовните програми со колегите од Северна Македонија и Косово, со цел да произлезе единствен образовен пакет.
Во шумите недалеку од Жировница, Лиса и Филипче го исчекуваат нивниот наследник. Активистите веруваат дека тие досега се имаат спарено. Ако сè помине како што треба, нивното младенче би требало да се роди во мај.
Принова која ќе израдува три соседни држави и ќе даде нова надеж за спас на балканскиот рис.
(КРАЈ)