Ова не е прв пат за уставен судија да се избере актуелен советник на член на државниот врв од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2017, тогашниот претседател Ѓорге Иванов го предложи за уставен судија Дарко Костадиновски, кој беше советник за надворешна политика во неговиот кабинет. На 11 јануари 2018 Костадиновски избран за уставен судија, а во јуни 2024 беше избран за претседател на Уставниот суд.

ДРАГАН МИШЕВ
Гласачката машинерија на парламентарното мнозинство во Собранието со 63 гласа „за“ и седум „против“, за нов уставен судија го избра Гоце Наумовски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за правни прашања, и брат на поранешниот вицепремиер од ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.
Освен партиска подобност, изборот на едниот од браќата Наумовски (Гоце) има и непотистичка позадина, ако се има предвид дека и двајцата се професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде прв се вработил Гоце, па потоа си го земал и братот Васко, како да се работи за приватен факултет во семејна сопственост. Од друга страна, тоа и не треба да зачудува, ако се знае дека и премиерот на сегашната влада и лидер на партијата од каде доаѓа барем едниот од браќата Наумовски – студираше, стана асистент, а потоа и професор на факултетот каде што му предаваше неговиот татко.
По изборот, Наумовски (Гоце) веднаш положи заклетва во Собранието, повторувајќи ги свечените зборови по Антонијо Милошоски, за кој, откако во една од објавените „бомби“ се слуша како го известува тогашниот претседател на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев дека нашол лице кое ќе поднесе претставка за судијата, а Аџиев ветува дека ќе заврши работа; своевремено СЈО го осомничи дека договарал лустрација за судијата Билески од Кичево, кој беше лустриран во 2010 година, за по девет години Европскиот суд за човекови права во Стразбур да утврди серија неправилности и незаконитости кои му ги прекршиле човековите права на судијата кога бил прогласен за соработник на тајната полиција.
Апсурдно е тоа што, токму новоизбраниот судија на Уставниот суд, повторувајќи по пратеникот и долгогодишен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски при полагањето го прекрши уставот, со некористењето на уставното име на земјата.
Истовремено, ова не е прв пат за уставен судија да се избере актуелен советник на член на државниот врв од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2017, тогашниот претседател Ѓорге Иванов го предложи за уставен судија Дарко Костадиновски, кој беше советник за надворешна политика во неговиот кабинет. На 11 јануари 2018 Костадиновски избран за уставен судија, а во јуни 2024 беше избран за претседател на Уставниот суд.
Всушност, намерата да ја преземе и судската влат, ВМРО-ДПМНЕ не ја крие од самиот почеток, организирајќи хајки против неподобни судии – директно, како во случајот на отворените напади против Државниот обвинител Љупчо Коцевски кој беше ставен за разрешување на собраниска седница, иако Законот за јавно обвинителство го забранува тоа, по што самиот си поднесе оставка непосредно пред нејзиниот почеток – или од страна на нивните „јастреби“ -режимски новинари кои преку медиумите блиски до власта јавно ја клеветеа и навредуваа обвинителката за врски во Агенцијата на ЕУ за соработка во кривичната правда (Еуроџаст) Ленче Ристоска, во момент кога постапката за избор на кандидатите за нов државен Јавен обвинител е во сензитивна фаза.
И како капак на сѐ, дојде скандалозната изјава на портпаролката на Владата, Марија Митева, на која, во емисијата „Само Вистина“ со Андреј Жерновски, најверојатно опиена од власта, и се испушти и изнесе протечена информација дека го знае решението по тужба поднесена од нејзиниот соговорник Жерновски, која инаку е сѐ уште во постапка, на тој начин признавајќи дека има влијание и добива информации директно од високи кругови внатре во самиот суд, што дополнително ги подгрева сомнежите кај најголем дел од граѓаните во непристрасноста и објективноста на судството во СевернаМакедонија.
По се изгледа, Гоца се врати- навистина се врати, и од нејзиното црно тефтерче повторно ќе се договараат судии и пресуди, само што истото, овој пат е надградено и проширено… и уште по црно.
(civilmedia.mk)




