ХРИСТИЈАН СТАНОЕВИЌ
Холандија е прва европска земја која го регулираше ова право во се позачестената форма на работно ангажирање на работна сила на компаниите. Кај нас државата пак ќе задовни
Работата од дома станува загарантирано право на вработените, а тој тренд ќе го почне Холандија каде веќе во прва фаза помина предлог-законот со кој се воведува ова ново работничко право. Слични измени се очекуваат и низ повеќе земји од Европа и светот.
Со нив се предвидува работниот однос да се врши надвор од работното место, во договор со работодавачот, при што на вработениот треба да му се обезбеди надомест за употребените средства, соодветна опрема и заштита при работа од дома, како и покривање на сите вообичаени трошоци.
Дали „државата“ повторно ќе задоцни?
Државните раководства побавно реагираа отколку брзите прилагодувања кои ги презеде приватниот сектор, особено компаниите кои беа технолошки подготвени да го реорганизираат работниот процес со помош на дигиталните алатки.
Потребата која се јави со рестрикциите за движење во екот на пандемијата со Ковид-19 по повеќе од две години треба да донесат серија на законски измени но, дали истите се задоцнети? Ова особено се нагласува како дилема ако се земат в предвид новите трендови кои се повеќе укажуваат дека работата од дома ќе стане уникатна појава на 2020 година и дека нема да се задржи во периодот што следи.
Од една страна државата покажува интерес за заштита на работниците согласно новите услови на пазарот на труд и желба да поттикне иновативни и флексибилни работни односи, а од друга страна компаниите се помалку покажуваат желба за толерирање на вработените кои овие поволности ги злоупотребуваат.
Дали работата од дома навистина е работа?
Големо внимание привлече неодамнешната изјава на Илон Маск преку социјалната мрежа Твитер. Шефот на повеќе високотехнолошки компании порача дека вработените итно мора да се вратат во канцелариите или „да најдат друго место каде што ќе се преправаат дека работат“.
Воопшто ИТ секторот, особено големите технолошки компании како Тесла, Гугл и Фејсбук веќе најавија прекин на работата од дома, најмногу поради намалената продуктивност и изгубениот контакт помеѓу колегите, додека пак гиганти како Епл и Мајкрософт тоа го прават на „понежен“ начин.
Но, и покрај овие повици, се проценува дека бројот на луѓе кои работат од дома и не се вратени во канцелариите и натаму е доста висок и изнесува околу 60%, стои во извештајот на „Фјучр Форум“ изработен за потребите на Слак.
Слак, компанијата која стана популарна со софтверот за менаџирање, делегирање обврски и споделување работни фајлови помеѓу вработените, сега анализира кога, како и во каков обем вработените ќе се вратат на нивните канцелариски бироа.
Над 50% од испитаните вработени кои биле дел од истражувањето истакнале дека сакаат да имаат поголема флексибилност и избор кога би работеле од дома или од далечина.
Дигитално „глумење“ зафатеност
Во 90-те години со напливот на канцелариските работни места се појави кованицата „презентизам“, односно прикажување на голем број вработени дека се навистина зафатени пред нивните бироа, а всушност повеќето од нив во позадина играат солитер или го пополнуваат работното време со било што освен со вистинска работа.
Сега експертите за човечки ресурси, базирано на податоци од неодамнешните истражувања, покажуваат дека вработените од дома трошат над 1 час во просек за да им покажат на претпоставените или колегите дека навистина времето го трошат работејќи. Дури 54% од испитаниците одоговориле дека чуствуваат притисок да докажат дека се „онлајн“.
„Пандемијата ни даде уникатна шанса да го преобликуваме нашиот работен век и да ги тргнеме настрана остатоците што ги научивме во ерата на канцеларијата, но сепак е јасно дека ги повторуваме истите грешки. Работниците се очајни да избегнат сомнеж дека не работат доволно напорно и се враќаат на истите навики на „презентизам“, приспособени за дигиталното работно место. Трошоците се огромни, што резултира со несреќни, истрошени вработени, намалено задоволство и изгубена продуктивност“, оценува Тарик Рауф основач и главен извршен директор на „Кјуталог“.
Според истражувањето „Пополнувајќи време на работа“ (Killing time at work) од „Кјуталог“, „ГитЛаб“ и „Ворк Хаб“ висококвалификуваните вработени стравувале дека нивниот придонес нема да биде соодветно забележан од менаџментот што ќе го успори нивниот кариерен напредок.
Новата кованица „дигитален презентизам“ сега се однесува на докажување дека навистина се работи преку пополнување на задачите во софтверите за проектен менаџмент, враќање на пораки и мејлови, постојан онлајн статус, внесување на коментари на „клауд драјв“ документите и вклучување на онлајн состаноци, дури и на такви на кои не е потребно нивното присуство.
Нема „магично“ решение за сите
Целосната вина за намалена продуктивност не може да се префрли само на вработените или да се вади генерален заклучок, бидејќи се зависи од индивидуалниот пристап, па така кога се носат нови политики кои ќе ги засегаат сите вработените, треба да се анализираат новите студии и податоци за начинот на кој се работи во овој пост-пандемиски период.
Компаниите ќе треба да бараат баланс помеѓу тоа нивните вработени да се задоволни, да имаат чувство на цел и исполнетост, како и одреден степен на флексибилност работата да се заврши од дома или од друго место, како и да се одбере работното време според сопствените потреби.
Пренагласената улога на државата во регулирање на работните односи може да има и контра-ефект, па така од мотивот да се интервенира на пазарот според новите потреби, може да дојде до поголем расцеп помеѓу работната сила и работодавачите.