Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

„РАДИО“ – КНИГА ШТО СЕ СЛУША

January 21, 2019 Filed Under: Ревија

Новинарот и автор Љупчо Јолевски ја промовираше својата книга „Радио“ во Младинскиот Културен Центар. „Радио“ е збирка текстови на Јолевски објавени во Радио Слободна Европа, со кои се прославува македонската културна сцена последната половина декада.

НАСЛОВНА СТРАНИЦА Билјана Билбиловска е дизајнер на корицата

„Овде нема лажни и гнасни вести. Овде етерот е резервиран за творците“. Овие реченици се дел од почетните зборови во книгата „Радио“ на Љупчо Јолевски, долгогодишен новинар.

Низ страниците на „Радио“ се документирани новинарски текстови на Јолевски објавени во Радио Слободна Европа во последната половина декада. Со внимателен избор на текстови и настани, авторот ја одбележува и прославува македонската културна сцена.

​„За мене беше речиси неверојатно да се помисли (или посака, како сакате), во една книга, меѓу две корици, да се претстави македонската уметност и култура во нејзиниот тотал, во нејзината интегрална форма“, коментира рецензентот Марко Коловски, музиколог и уредник во Македонско радио.

Рецензентката Елизабета Баковска, поет и литературен критичар, вели дека оваа книга е скапоцена архивска граѓа со која се забележуваат развојот и трендовите во современата македонска култура.

Авторот пак, скромно објаснува дека идејата потекнува од стремежите „светот да го разбереме како поле за културен натпревар. И да си подадеме рака“.

„Книгата „Радио“ е некаков сублимат на мојата новинарска работа во изминатава половина декада со избор на прилози односно текстови што биле објавени за Радио Слободна Европа.

ОБРАЌАЊЕ Јолевски рече дека книгата е сублимат на неговата кариера

„Тој избор е ваков, а можеше и да биде многу поинаков. Со некои други творци или со истите со нови заложби и проекти. Сепак една е мислата: белким вака токму овде и сега кога културата е речиси набркана од медиумите да се понуди барем ронка од она со кое треба само да се гордееме. Со нашите културни вишнеења кои говорат многу, неизмерно многу повеќе од сите празни зборови на политичарите кои одамна безобзирно им го „украдоа шоуто на уметниците и ги дотераа до питачки стап“. Ги направија поданици на сопствената безобзирност свесни дека не им се рамни до глуждови“, вели Јолевски.

ПОТПИШУВАЊЕ Заинтересираните можеа да ја купат книгата а приходот ќе биде во хуманитарни цели

Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е скоро четири децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Бил соработник на белградските магазини Рок и Време, а потем долги години бил во Радио Телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Паралелно четири години бил уредник на Музичкото радио Канал 103, а соработувал и со изданијата на Детска радост, ревијата Екран и весникот Нова Македонија. Од крајот на 1990-те извесно време бил новинар во Телевизија Скопје и во магазинот Старт, потем уредник во дневните весници Дневник, Време и Нова Македонија, соработник на интернет порталот Блесок, на Југословенската и Екс. Југословенската рок енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку цела една декада автор и водител на музичката емисија Скопје – Париз – Тексас на Радио Равел. Во Радио Слободна Европа, Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet