Цело лето слушав радио на еден стар апарат кој фаќа неколку станици. На сите страни неверојатна мизерија. Најкусо кажано. Морам да признам дека горе долу знаев како е, ама дека е до толку јад и беда ситуација не претпоставував.
ПАНЧЕ НАУМОВ
Речиси цело лето го поминав во Свети Николе. Намерно без ТВ, без интернет, ФБ имав од време на време кога ќе дојдеа децата. Радиото требаше да ми биде прозорец кон светот. Цел ден слушав радио на еден стар апарат кој фаќа неколку станици од кои две на Свети Николе, Канал 77, двата канали на македонското радио, Антена 5, Метрополис и …толку.
Што е поентата?
На сите страни неверојатна мизерија. Најкусо кажано. Морам да признам дека горе долу знаев како е, ама дека е до толку јад и беда ситуација не претпоставував.
90 отсто музика, нееешто малку вести, тук там некакви говорни емисии и … остатокот е музика со реклами. Спонзори, спонзори … Ништо да не се вложува, а да се заработи многу. Ете, тоа е главната идеа. Безидејност. Безнадежна е состојбата.
Ако не фатите корона пак немате среќа, од музиката ќе се разболите. Ако сте мислеле дека царството на шундот е кај соседите, Србите и Бугарите, не сте во право, штом ќе слушнете неколку од новите македонски песни, народни или забавни сеедно, ќе се уверите дека ние не заостануваме зад нив. Ги следиме, следиме, упорни сме, тука сме веднаш зад нивниот грб.
Канал 77 (со национална фрекфенција) нема информативна програма. Пардон има, ама таа е на претпотопско ниво. Вестите се толку куси, штури поштури здравје, толку никакви, башка непрофесионални. Ништо не можеш да дознаеш што се случува во државата, а за светот да не зборуваме. Столе Наумов ја брани честа на радиото со неговиот “Стадион” во сабота од 10 до 12. Не знам дали Горан Гаврилов сеуште е сопственик, ако е, тогаш тоа што го има не личи на него.
Приказна за себе е јавниот сервис. Македонското радио, радио Скопје, некогаш беше храм на писменоста, ерудиција, елоквентност, дикција од која ти се заледува крвта. Една грешка не смееше да им се случи. Плејада на новинари, не на државно ниво (мислам на бивша Југославија), на европско ниво беа. Професионалци, креативци, творци на фантастични емисии. Нека ми простат овие од тв Скопје, тие стоеја мирно пред овие од радиото. Така беше. Сега што ќе слушнеш? Невидена мизерија. Жал ми е што морам да речам така. Плус, државното радио партиски е обоено. Срамота.
Се извинувам, јас паметам одамна, Rадио Скопје беше латентна опозиција на власта отсекогаш, и во еднопартискиот систем, во таа црна зандана. Највисоките политичари со страв го слушаа радиото. Да, да. Дневникот во 15,30 беше празник за уши. А сега… што сега? Вчера две минути ја читаа честитката по повод 8 септември на бившиот претседател Ѓорѓе Иванов како втора вест. “Да не го упропастиме тоа што нашите дедовци ни го оставиле”. Ма немој. Втора вест, еј. Ниту Черчил немал таков третман на БиБиСи. Вака ете, дознав дека бившиот претседател е жив и здрав.
Ова било режим? ОК. Ако е толку режим зошто не успева еве веќе четири години да го ослободи од стегите на претходната власт јавниот сервис, и радиото и телевизијата, плус Регулаторот сосе оној партискиот јастреб, директорот?
Метрополис и Антена 5 не сакам да ги коментирам, не заслужуваат. И тие имаат национална фрекфенција, се прашувам само зошто ја добиле? Најдобро е радиото на Славјанскиот универзитет. Студентско радио, нема вести, нема спонзори, нема реклами (освен за универзитетот), а музиката е повеќе од пристојна.