Радмила Шекеринска, без најмало сомневање, е личност на 2024 година. Со назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, таа стана највисок функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија (ЕУ)
Во соопштението на НАТО, по нејзиното именување, се истакнува дека Радмила Шекеринска ја презеде функцијата заменик генерален секретар на НАТО на 2 декември 2024 година. Како поранешен вицепремиер и министер за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска има огромно искуство како креатор на политики и создавач на консензус. Таа е шампион на родовата рамнотежа и постојан поборник за силни трансатлантски односи.
Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како премиер на Холандија.
Изворите на Рацин.мк во Брисел објаснуваат дека постапката за избор на заменик генерален секретар на НАТО предвидува широка консултација на ниво на амбасадори во НАТО, на ниво на министри за надворешни работи и шефови на влади и држави, по што генералниот секретар носи одлука.
Во разговор за Рацин.мк нашите извори во седиштето на НАТО во Брисел потврдија дека широките консултации на повеќе нивоа наишле на консензуално одборување на тоа што беше најавувано дека кај генералниот секретар на НАТО Марк Руте и меѓу најтесното опкружување на неговиот кабинет преовладува силната желба заменикот на генералниот секретар да доаѓа од Централна или Источна Европа и од најновите членки на Алијансата и дека е подобро да биде жена.
Во последниот круг на кандидатки за избор, останале поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китановиќ, поранешната еврокомесарка и заменик-премиер и министер за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел и – Радмила Шекеринска.
Сите три кандидатки за позицијата биле на разговор со генералниот секретар на НАТО после што Марк Руте ја објави веста дека Радмила Шекеринска е неговиот избор. Оваа негова одлука наиде на консензус и неподелена поддршка меѓу сојузниците на Алијансата и во главното седиште на НАТО во Брисел.
По тој повод генералниот секретар Марк Руте напиша:
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“.
Радмила Шекеринска ја презеде фумцијата заменик генерален секретар на НАТО на 2 декември оваа година.
По тој повод, по објавата за нејзиното назначување, на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте.
„Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша таа.
Рекоа за Радмила Шекеринска
Марк Руте, генерален секретар на НАТО:
Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога.
Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Република Северна Македонија:
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО.
Изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО е не само лично признание, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата.
Уверена сум г-ѓа Шекеринска, ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани.
Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него.
Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Северна Македонија:
Како Влада имавме пред нас би рекол предизвик за одлука, а тоа беше кој и како да го поддржиме за заменик генерален секретар на НАТО, имајќи в предвид дека таму имаше кандидати од неколку земји и ние тука немавме никаква дилема. Зошто? Прво, затоа што повикуваме често пати на единство, повикуваме на дијалог со опозицијата и доколку повикувате, а тоа не го правите на дела, тогаш сте лицемерни. Така што ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шеќеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници.
Да се има Македонка, во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши.
Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и трговија:
На заменик – генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска ѝ упатив искрени честитки за изборот на оваа висока и значајна функција, која претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман, но и за државата како активна и посветена членка на НАТО.
Изразив уверување дека нејзината улога ќе придонесе за дополнително зајакнување на Алијансата и унапредување на соработката меѓу земјите членки. Потврдив дека како членка на НАТО, остануваме целосно посветени на заедничките цели и вредности, активно придонесувајќи кон мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко.
Венко Филипче, претседател на СДСМ:
Радмила Шекеринска е вистинскиот избор за втор човек на НАТО – најмоќниот воено политички сојуз во светот. Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност, силно верувам дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат.
Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност.
Назначувањето на Шекеринска е уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, кои со посветена работа успеаја да ја внесат Северна Македонија во НАТО. Со тоа, не само што ја обезбедивме сигурноста на нашата земја, туку го зацврстивме нашиот идентитет како стабилен и доверлив партнер на меѓународната заедница.
На Радмила ѝ посакувам големи успеси во новата улога. Знам дека нејзината работа ќе биде инспирација за многумина, особено за младите кои треба да веруваат дека со многу труд и работа може да се постигне секој успех.
Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО:
Многу сум горд што дури меѓу првите, ако не и прв, во државата прогнозирав дека Шекеринска има добри шанси да стане заменик генерален секретар на НАТО.
Многу параметри беа во нејзина полза. Добар кандидат, жена, претставник на европската левица, иако знаеме дека НАТО е, во принцип, инкарнација на десницата, но ете, и Алијансата оди кон рамноправност, полова и политичка, па и во еден вид рамноправност во застапување на регионите. За прв пат од Балканот ние имаме таква позиција.
Одлуката за да биде избрана е праведна и правилна. Можеме да кажеме и бројни други параметри коишто беа во нејзина полза кои што денес се исто така многу битни.
Живееме во еден геополитички контекст во кој Западен Балкан беше некако маргинализиран. Знаеме дека голем број на такви транснационални функционери доаѓаат од Грција, Романија, Бугарија, Хрватска, Унгарија и така натаму, но ова е прв пат некој лидер, млада личност да биде на таква позиција од Западен Балкан. Тоа е добра вест и за нашата држава и за целиот регион, бидејќи таа добро го познава и ќе биде вистински претставник на овој регион.
Советот на амбасадори на Република Северна Македонија:
Советот на Амбасадори на Република Северна Македонија го поздравува именувањето на Радмила Шеќеринска за заменик ГС на НАТО. Тоа е голем успех во нејзината политичка кариера, но уште поголем успех на Република Северна Македонија, зашто поставувањето личност од нашата земја на ваква висока позиција во НАТО алијансата, во толку комплексен момент во нејзината историја кога Европа се соочува со голема закана по нејзината безбедност претставува признание за Македонија, како точка која може да претставува место за отпуштање на затегнатост, пример за заемна почит на разлики и негување на европски вредности, но и пример за проактивност и донесување одлуки во клучни моменти со позитивни резултати.
Честитајќи и го именувањето на Радмила Шеќеринска за Заменик ГС на НАТО, Советот смета дека тоа е потврда за нејзините лични, професионални и организациски квалитети. Советот на Амбасадори верува дека новата заменичка генерален секретар на НАТО, Шеќеринска успешно ќе ги извршува задачите и ќе придонесе кон зајакнување на Алијансата, преку работа на унапредување на единственото на овој најсилен одбранбен сојуз во светот. Во исто време, Република Северна Македонија покажува дека, иако мала, може значајно да придонесе кон мирот во Европа и светот преку нејзиното активно делување во НАТО.
Стефан Лофвен, претседателот на Партијата на европските социјалисти:
Во име на целото семејство на ПЕС, сакам да и честитам на Радмила Шекеринска за нејзиното назначување за заменик генерален секретар на НАТО. Ова назначување нагласува дека Северна Македонија е сигурен сојузник и партнер и во НАТО и во Европската Унија и е јасен знак на признание за одличната работа што ја направи г-ѓа Шекеринска.
Што има во биографијата на Радмила Шекеринска?
Радмила Шекеринска ја презема втората највисока функција во НАТО со истакната политичка кариера зад неа. Таа беше во два мандата министерка за одбрана на Северна Македонија (2017-2020, 2020-2022), како прва жена на таа функција и со најдолг стаж на една таква позиција од осамостојувањето на земјата во 1991 година.
Како министерка за одбрана, таа беше клучна во подготовката на Северна Македонија за влез во НАТО, предводејќи ги сложените владини реформски програми и трансформацијата на вооружените сили. Под нејзино водство, Северна Македонија го зголеми својот придонес во мисиите и операциите на НАТО, вклучително и во Авганистан, Косово, Ирак и засилено напредно присуство на НАТО во Латвија. Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО во 2020 година и успешно постигна целосна воена интеграција во НАТО за помалку од 19 месеци.
Радмила Шекеринска беше пратеник во парламентот (2006-2014) и е единствената жена што водеше некоја од главните политички партии во Северна Македонија. Како вицепремиер задолжен за европска интеграција и координација на надворешната помош (2002-2006), таа беше активно вклучена на највисоките позиции во процесот на Северна Македонија да стане земја-кандидат за пристап во Европската унија.
Таа помогна да се постигнат и склучат сложени договори, особено трите кои го обликуваа демократскиот пат на Северна Македонија: Охрид, Пржино и Преспа. Таа беше одликувана со Орден „Командант на националниот орден за заслуги на Франција“ во 2018 година за исклучителни граѓански заслуги.
Радмила Шекеринска е родена на 10.06.1972 година во Скопје. Дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје и магистрирала меѓународни односи на Флечерската школа за право и дипломатија, Универзитетот Тафтс, САД. Таа исто така предавала „Структури и институции на ЕУ“ на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.
Ги зборува англискиот, францускиот и повеќето јужнословенски јазици.
Декември 2024 – денес – Заменик генерален секретар на НАТО
2017-2022 година – министер за одбрана на Северна Македонија
2017-2020 – вицепремиер на Северна Македонија
2006-2014 – пратеник
2006-2008 – претседател на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДУМ)
2002-2006 – Заменик претседател на Владата задолжен за европска интеграција и координација на странска помош
1998-2002 – пратеник
(racin.mk)