ФАТМИР БЕСИМИ
Здобивањето со формално образование, но и неформалната едукација, се начини за градење на човечкиот капитал. Другите два столба на кои се темели градењето човечки капитал се пристапот до здравствена заштита и социјална грижа и инклузија
„Развојот не е само економски раст, туку и подобрување на животите на луѓето“, вели нобеловецот Џозеф Штиглиц. „Најважниот ресурс за економски развој се луѓето и луѓето, а не капиталот и суровините – се моторот на економијата“, рекол Питер Друкер, таткото на менаџментот. Добробитта на луѓето зависи од економијата и економијата зависи од она што луѓето ќе го внесат како инпут.
Во економијата и општеството воопшто, секогаш кога постои соодветно системско решение, тоа испорачува резултати. Добар пример е неодамнешното покачување на минималната плата, согласно воспоставениот систем на усогласување со потребите – трошоците на живот и резултатите – просечната плата. За унапредување на системот и забрзување на економскиот развој, исто така потребни се системски промени – структурни промени кои ќе ја подобрат продуктивноста и конкурентноста на нашата економија и ќе обезбедат подобри економски резултати. Како што посочив, луѓето се најважниот ресурс во економскиот развој, соодветно вложувањето во нив е многу важен дел од градењето на тој систем кој ќе испорача подобри економски резултати и повисок животен стандард. Претходно пишував за значењето на продуктивноста за забрзување на економскиот раст и растот на платите, сега оваа колумна ја посветувам конкретно на она што може да ја придвижи продуктивноста – човечкиот капитал.
Човечкиот капитал го претставува акумулираното знаење, вештини и други лични карактеристики коишто на луѓето им помагаат да бидат попродуктивни. Здобивањето со формално образование (образование во раното детство, формалниот училишен систем во земјата и програмите за градење вештини), но и неформалната едукација, (учење на работното место и здобивање со работно искуство), се начини за градење на човечкиот капитал. Другите два столба на кои се темели градењето човечки капитал се пристапот до здравствена заштита и социјална грижа и инклузија.
ТЕОРИЈА ЗА ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ Разгледувајќи ја теоријата на човечкиот капитал, постојат неколку класификации, почнувајќи од Бекер чие гледиште е дека човечкиот капитал ја зголемува продуктивноста на работникот во сите дејности, иако варира во зависност од дејноста, организацијата или ситуацијата. Тој на човечкиот капитал гледа како на еднодимензионален инпут во производствената функција. Гарднер пак смета спротивно, постојат голем број на различни вештини, каде наједноставната класификација на човечкиот капитал би била на ментални и физички способности. Размислувањата на Шулц/Нелсон-Фелпс за човечкиот капитал се засноваат на способноста за адаптација. Според овој пристап човечкиот капитал е корисен во променливи средини каде работниците вршат адаптација на промената. Боулс и Гинтис велат дека човечкиот капитал е способноста да се работи во организација и извршуваат дадени задачи, а главната улога на училиштата е да се всади идеологијата за ваквиот начин на функционирање. Спенс го дефинира човечкиот капитал како способности, одделно корисни во производствениот процес. И покрај разликите во гледиштата, заедничкото е дека човечкиот капитал придонесува кон извршување на работниот процес и профитот на фирмите, поради тоа е вреднуван на пазарот.
Од макроекономско гледиште, човечкиот капитал е суштинска сила во поттикнувањето на растот и развојот на економијата, бидејќи луѓето се двигатели на другите фактори на производство, како физичкиот капитал и инфраструктурата. Во повеќе трудови се анализира и утврдува корелацијата помеѓу едуцираноста на населението, нивото на продуктивност и степенот на економски развој. Со растот на продуктивноста, економијата може да произведува и консумира повеќе добра и услуги во иста временска рамка, со што се поттикнува економскиот раст. Следствено, земјите каде квалитетот на човечкиот капитал е повисок, се поразвиени. Ова го отсликува и индексот на човечки капитал на Светската банка, каде најразвиените економии имаат и највисок индекс на човечки капитал, односно овие економии најмногу вложуваат во луѓето и соодветно имаат најдобра искористеност на потенцијалната продуктивност на трудот.
ВЛОЖУВАЊЕТО ВО ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ Е МУДРА ИНВЕСТИЦИЈА Повеќе анализи, студии на меѓународни организации го квантифицираат влијанието на политиките за унапредување на човечкиот капитал врз економскиот раст и стандардот на граѓаните, покажувајќи ја врската помеѓу стекнувањето на знаење и вештини и економските резултати. Така на пример, анализите на политиките за унапредување на човечкиот капитал на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кај земјите членки, покажуваат дека посетата на предучилишно образование може да го зголеми БДП по глава на жител до 5,5%, зголемувањето на соодносот наставник – ученик би придонело за раст на БДП по глава на жител до 3,3%, додека автономијата на универзитетите и училиштата може да повлече зголемување на БДП по глава на жител до 3%. Други истражувања покажале дека една дополнителна година школување ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво и ваквата стапка на раст останува стабилна понатаму во животот. Инаку, овие проценти се уште повисоки за земјите во развој, дополнително повисоки кај жените.
Одржливоста и инклузивноста на развојот зависи од распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението. На пример, доколку само неколкумина ги имаат потребните вештини да користат нови технологии, економијата како целина може да се соочи со ограничувања за поттикнување на растот преку усвојување на овие технологии. Грижата за правичноста и вклученоста за распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението не е само прашање на етика, туку и најсоодветен економски избор.
Вложувањето во човечки капитал е меѓу најмудрите инвестиции за подигање на економската и социјалната благосостојба на граѓаните. Сепак, мора да се нагласи дека градењето на квалитетен човечки капитал е процес за кој се потребни подолго време и ресурси, но за возврат овој процес води кон резултати со поголем приход и обем.