МАГДАЛЕНА АНДОНОВСКА
Фактичката ситуација говори дека новинарството во Македонија бележи драстичен пад на својата вредност искажана во пари. Платите на новинарите (чест на исклучоците) се нешто над минималната плата. Овој податок говори за фактот под какви услови работат медиумите
Секоја планина својата тежина. Секој избор е личен, а вредноста заедничка.Но, што е тоа вредност? Како таа се мери? Вредносното ниво е различно, од држава до држава, од личност до личност, од компанија до компанија, од професија до професија. Варира од ситуција до ситуација. Но, во нашава држава сигурно се држи на дното и упорно се одржува на завидно ниско ниво е вредноста на новинарската професија. Професија која е во слободен пад. Знам, ќе кажете милион причини зошто е тоа така. Тргнувајќи од нелојалната конкуренција преставена во таканаречените човек – медиум, каде една личност го одржува целиот портал. И не е тоа не е се. Проблемот е што истиот тој медиум работи исклучиво на „опипаст“ вести и продуцира лажни и навредливи содржини, за кои не носи никаква одговорност. Ова е сриозен проблем со кој се соочуваат професионалните медиуми, кои имаат редакции и видливо и јавно прикажан импресум.
Не велам дека овој проблем е мал. Тој се сериозна пречка за работата на професионалните медиуми. Но, дали е тој единствениот поради кој новинарството не може да напредува? Дали ова е причината поради која од година во година паѓаат платите на новинарите? Дали е ова причината за намалениот вредносен систем кон оваа професија? Мислам не. Фактичката ситуација говори дека новинарството во Македонија бележи драстичен пад на својата вредност искажана во пари. Платите на новинарите (чест на исклучоците) се нешто над минималната плата. Овој податок говори за фактот под какви услови работат медиумите. И во една ваква ситуација невозможно е да се бара од новинарите да работат истражувачко новинарство. Да истражуваат за туѓите грешки и злоупотреби. Да создаваат листа на непријатели поради кои ќе завршат на суд, чии судски пресуди ќе ги платат тие самите. Или, пак, да откриваат злоупотреби на одредени компании или лица, чиј криминал никогаш нема да биде казнет, или казната за нив ќе остане во некоја фиока. Ете затоа ги нарекуваат поголемиот дел од новинарите држачи на микрофон.
Знам, ќе речете тоа не е оправдување. Но, пробајте вие да се ставите во нивна кожа. Пробајте со минимални средства да се борите за вистината. Како таа вам ќе ви изгледа? Од тука колку пари, толку музика.Вредносниот систем сакале или не, го диктираат финансиите. Секако, барем од посериозната генерација постојат новинари кои и со овие средства се обидуваат да го задржат реномето на професијата. И поради себе, но и поради професијата во која се се уште вљубени. Но, за жал вакви ентузијасти има се помалку. И тоа што како професионална вест или тема може да се прочита е резулат на нивниот личен ангажман, и ништо повеќе.Затоа да прашам, со кое право политичарите се уште новинарите ги ословуваат со седма сила во државата? За каква сила зборуваат? За онаа што латентно ја применуваат врз нив, или за силата што сопствениците на медиумите (чест на исклучоците) ја тренираат врз новинарите?
Од силата на медиумите остана само силата на вољата на одредни новинари да работат професионално. До крај.