ВЛАДИМИР ГЛИГОРОВ
Проблемот е што системот на рамнотежа на моќ што постоел во 19 век или по Втората светска војна на Европа веќе не ѝ е потребен. Ова е клучно недоразбирање меѓу руската надворешна политика и европскиот безбедносен систем
На крајот од збирката есеи „Руски мислители“, Исаја Берлин наведува разговор меѓу Достоевски и Суворин од 1880 година, кој вториот го запишал во дневник во 1887 година. Разговорот се одвивал на денот на обидот за атентат врз Лорис-Меликов, тогаш најмоќниот царски човек, додека неколку недели претходно бил извршен обид за атентат врз самиот цар Александар II (кој наскоро ќе биде убиен).
Фјодор Михајлович го прашува Алексеј Сергеевич дали би ја известил полицијата дека била поставена бомба во Зимската палата, ако случајно дознал? Тоа е алузија на неуспешниот атентат, на бомбата што навистина беше поставена во Зимскиот дворец со цел да се убие царот, но експлодираше прерано. Суворин вели дека не би. Ниту јас не би, вели Достоевски. Сè друго што вели Достоевски објаснувајќи ја својата позиција е исклучително интересно, но тоа е за друг пат (и откако ќе го најдам „Дневникот“ на Алексеј Сергеевич Суворин).
Тука најпрвин би сакал да зборувам за неодамнешните изјави на Кисинџер.
Не само што Србија и Русија веруваат дека Америка сака да доминира со светот, туку не мал број политички коментатори во Америка веруваат дека сите одлуки се носат во Вашингтон, така што, да речеме, нема да има руска агресија врз Украина доколку тоа не го сакаа властите во Вашингтон. Ќе зборувам за тоа на крајот.
Тоа не е став на Кисинџер. Тој тргнува од руските историски интереси и советува како да се воспостави светска рамнотежа на силите. Тоа е реалистично, како што се вели во политичката мисла, но најчесто е погрешно како толку посебно во овој случај.
Ќе ги оставам настрана историските интереси на која било земја или народ, бидејќи, тие никако не можат да се исчитаат од ничија историја. Во својот есеј за Украина, Путин го гледа овој интерес за одбрана на рускиот свет од Запад, што во никој случај не е во целосна согласност со руската политичка историја. Затоа што, како што вели Дмитри Тренин во инаку многу интересната статија „Кто мы, где мы, за что мы – и почему / Кои сме, каде сме, за што сме – и зошто“ од април оваа година:
„Всушност, станува збор за откажување од дел од наследството на Петар Велики – 300 години традиција на позиционирање на Русија не само како голема европска држава, интегрален дел од рамнотежата на силите на континентот, туку исто така составен дел на европската цивилизација“.
Повторно како историска интерпретација, а тоа во најмала рака е поедноставено. Затоа што постоеја најмалку две страни во долготрајната руска дебата за односот меѓу Европа и Русија, како во земјата така и во прогонството. Настрана прашањето што е европска цивилизација и конечно што е цивилизација во политичка смисла на зборот. Меѓутоа, клучно е тоа што Кисинџер ја идентификува руската политика, политиката на руските власти, со руските интереси, згора на тоа историски. Сепак, тој греши помалку, бидејќи ја гледа Русија како светска сила, а не само како европска сила, со што го зема предвид целиот советски период, особено по Втората светска војна.
А всушност, кога се вели дека државите немаат трајни пријатели, туку само трајни интереси, се мисли на неисториски цели или обврски, на рационални, треба да се каже, државни интереси – од кои безбедноста е најважна. Државата е и сила, моќ и претставува закана за другите, како резултат на што е овој безбедносен проблем, особено за соседите кои затоа имаат историја на соработка и конфликт. Како тоа се оправдува, да речеме, со историска мисија од овој или оној вид, е она што се нарекува пропагандна војна.
Поточна е Кисинџеровата опсервација за улогата на Русија во воспоставувањето и одржувањето на рамнотежата на силите во Европа и светот. Рамнотежите се секако нестабилни, а со тоа и привремени, а покрај тоа секогаш има повеќе можни рамнотежи. Кисинџер, а тоа е клучно, ги советува американските и европските власти да работат на воспоставување рамнотежа на силите во Европа и во светот за што Русија би можела да придонесе.
Меѓутоа, проблемот е што системот на рамнотежа на моќ што постоел во 19 век или по Втората светска војна на Европа веќе не ѝ е потребен. Ова е клучно недоразбирање меѓу руската надворешна политика и европскиот безбедносен систем. Како резултат на тоа, историското разбирање на меѓудржавните односи во Европа нема смисла. Поради Европската унија и НАТО, нема територијални спорови во Европа, така што нема потреба од систем на рамнотежа на силите за да се зачува европската безбедност.
За да се види тоа, доволно е да се споредат односите меѓу европските земји со состојбите на Балканот. Ако имаше територијални спорови во Европа како што имаше порано, таа сега би изгледало како централниот или, како што велат, западниот дел на Балканот. Тогаш би бил потребен безбедносен систем заснован на рамнотежата на големите сили или на рамнотежата на регионалните сили кои имаат поддршка или заштита од големите сили.
Тоа не е состојбата на работите во Европа денес, иако историски набљудувано беше така. Рускиот поглед е дека тоа е така, бидејќи Европа е всушност под американска власт, па затоа Русија треба да го нагласи барањето за споделување на одговорноста за европската безбедност со Америка. Кисинџер не е на тоа мислење, иако не е сигурно дека тој ѝ придава некакво стратешко значење на Европската унија.
Но, Кисинџер верува, ако добро го разбирам, дека би било добро руската агресија врз Украина да заврши што е можно поскоро за да може Русија да придонесе за светскиот баланс на силите. Затоа што проблемот со рамнотежата на силите можеби не е европски проблем денес, но секако е светски проблем. И додека руското освојување на Украина нема да доведе до посакуваната промена на рамнотежата на силите во Европа, а со тоа и до систем во кој САД и Русија ќр ја споделуваат одговорноста за европската безбедност, тоа би можело да го намали придонесот на Русија за светската безбедност, светската рамнотежа на моќ, што за последица ќе има зголемување на улогата на Кина.
Има два проблеми со овие препораки на Кисинџер. Првиот е дека не е сигурно колкаво руско влијание има во Азија. Географски, Русија е во соседство или многу блиску до сите кризни подрачја, но има одлучувачка улога само во некои од нив, најмногу во оние кои се регионални. Од американска гледна точка, најважните спорови се во Пацификот, а во нив руското влијание е релативно ограничено.
Вториот проблем е долгорочното намалување на руското влијание, бидејќи станува збор за земја која има релативно мала економска тежина, барем што се однесува за некоја велесила. Секако во споредба со Кина, а со текот на времето и во споредба со Индија. Значи, влијанието на Русија во Азија е ограничено и ќе се намалува.
Така, проблемот со гледиштето на Кисинџер за системот на рамнотежа на моќта во светот, поради што би имало смисла да се задоволат, во ограничен обем, територијалните барања на Русија во Европа, е тоа што рамнотежата што тој ја гледа не може да се одржи, бидејќи руската влијанието ќе продолжи да се намалува, особено во споредба со големите азиски земји.
Има смисла да се вратиме овде на оние кои изворот на сите проблеми го гледаат во САД. Многумина кои се сеќаваат на Виетнам и особено на Ирак немаат голема доверба во американските намери и имаат тенденција да веруваат дека сè би изгледало поинаку доколку Америка би ја променила својата меѓународна политика. Пред сѐ, ако се откаже од потпирањето на сила. Секако, кога ќе дојде до криза како украинската, тогаш се гледа дека се бара таа сила, а не само понуда, така да се изразам.
Но тука е поважно нешто друго. Имено, постои голема разлика меѓу силите кои имаат и оние кои немаат територијални спорови или претензии. Во тоа, мислам дека Хабермас греши кога го генерализира ризикот од нуклеарен одговор на Русија на можен пораз во Украина во став дека нуклеарните сили не можат да ја изгубат војната. Меѓутоа, нуклеарната сила како што е САД, секако може да ја изгуби војната и да се повлече, како во случајот со Виетнам или Авганистан, или, на крајот на краиштата, да се повлече ако не ја изгуби војната, како во случајот со Ирак. Тоа е затоа што не се стреми да освојува територии. Истото важи и за европските сили, особено за оние со колонијално минато.
Поинаква е ситуацијата со силите како Русија или Кина и многу други земји во Азија кои имаат територијални спорови или освојувачки намери. Се разбира, нема оправдување за многу американски интервенции, каде што Ирак е веројатно најлошиот пример, додека Виетнам е секако најбрутален. Но, Америка ја изгуби Виетнамската војна и се повлече од Авганистан без воопшто да помисли да користи нуклеарно оружје. Бидејќи ова е земја која користеше нуклеарни бомби за да ја заврши војната со Јапонија, причината за воздржувањето може да биде само тоа што поразот беше подобро решение. А веројатноста дека пресметката на војната ќе биде таква што е подобро да се прифати поразот како исход во голема мера зависи од тоа дали се работи за војна за територии.
А кога станува збор за Русија или Кина, всушност се работи за територии, за освојување територии. Што поразот го прави исход кој може да биде крајно неприфатлив.
За кого? Тоа би било едно од можните прашања што Достоевски му го поставува на Суворин. За Путин или за Русија? Каде е разликата?
Не мора да бидете Линдон Џонсон или Ричард Никсон или Хенри Кисинџер за да ја видите разликата. Да земеме примерот кој е вовед во украинската трагедија на која сме сведоци. Јанукович под притисок на Путин се повлече од договорот со Европската унија, спротивно на мандатот што го доби на изборите. И тој беше сменет со бунт. И оттогаш Украина ја трпи одмаздата на Путин. Како тоа ги обврзува Русите и Русија?
И како пак САД и Европа? Чомски наведува американски дипломат кој имал план за европски мировен систем кој не бил спроведен, а според кој последица е подготвеноста на САД и Западот да се борат до последниот Украинец и Украинска. Сепак, Украина има сосема рационални причини да се стреми кон членство во ЕУ, иако самата ЕУ во никој случај не беше подготвена да ја прифати во членство, а како ќе изгледаат работите ќе видиме во иднина. Истото може да се каже и за членството во НАТО, иако тоа беше недостижно. Но, сугестијата дека мажите и жените од Украина страдаат, бегаат и умираат за Америка, а не за Украина, е, најблаго кажано, непријатна, без оглед од кого доаѓа.
(Текстот е објавен во „Пешчаник“)