Еден од најголемите експерти за развој на интелигенцијата кај децата, доктор Ранко Рајовиќ, објаснува за потешкотиите да се биде родител во дигитално време
Некогаш се верувало дека интелигенцијата е 100-процентно наследна. Меѓутоа, докажано е дека интелектуалните способности зависат од бројот на синапсите (врски меѓу нервните клетки), а поновите истражувања покажуваат дека дури 50 проценти од синапсите се формираат пред четвртата година од животот. Движењето, скокањето, трчањето, искачувањето…го поттикнуваат создавањето синапси. Денес живееме во време кога децата се статични, седат пред телевизор или компјутер, па затоа и одгледуваме генерации кои сè помалку се движат, а се зголемува и бројот на пречки во развојот.
Со оглед на фактот дека интелигенцијата во голема мера зависи од стимулацијата која ја добиваме во најраното детство, станува јасно дека родителот е централната фигура која е одговорна за развој на детскиот интелект. Интернистот, невроендокринологот, соработникот на УНИЦЕФ за рана едукација, еден од основачите на МЕНСА Србија, Словенија, Црна Гора и БИХ, како и еден од најголемите експерти за развој на интелигенцијата кај децата, доктор Ранко Рајовиќ, во своето интервју за порталот „Антена М“ објаснува за потешкотиите да се биде родител во дигитално време, најчестите грешки што се прават при воспитувањето и како треба да се однесуваат родителите при огледувањето на „малите генијалци“.
Играта е главна задача на детето и секогаш ќе биде тоа, смета доктор Рајовиќ.
„Децата денес помалку се движат, па со самото тоа и детството е поразлично. Имаме деца со прекумерна тежина, во пораст се и случаите на детски дијабетес, а на училиште наставниците забележуваат дека денешните деца се сè послаби (моторика, внимание и концентрација) во однос на генерациите пред пет или десет години. Движењето е важно за развој на мозокот, особено во најраното детство, така што обврска на родителот е детето да биде што повешто и поподвижно, што подолго време да поминува во парк, во природа, на игралиште…За жал, истражувањата покажуваат дека во пораст се проблеми кои не постоеле порано, како нарушувања во говорот, дислексија, дискалкулии (потешкотии во формулирање и усвојување на математички поими и релации), како и други дисфункции на кората на големиот мозок. Можено е сето тоа да е поврзано со недостиг на движење, затоа што истражувањата во САД покажуваат дека децата кои малку се движат во секојдневните активности имаат намалени структури на големиот мозок (базалните ганглии) што може негативно да влијае врз когнитивните процеси“, истакнува Рајовиќ.
Во раното детство се поставува и темелот на натамошното функционирање на мозокот.
„Тоа би значело дека се наследува капацитетот, но тој капацитет се развива под влијание на опкружувањето Ако опкружувањето се менува, а сведоци сме дека се менува прилично брзо, тогаш мораме да ги менуваме и начинот на работа со децата во градинките и училиштата. Најприродната и најгенералната дефиниција на интелигенцијата можеби е „можност за адаптација на опкружувањето и снаоѓање во животот“. Важно е да се знае дека детето во првите неколку години многу брзо учи за опкружувањето и односот кон истото, истовремено сознавајќи и многу работи за себе. Мозокот во првите неколку години е неверојатно пластичен – има вонредна способност за приспособување. Метаболизмот на мозокот е двојно побрз кај децата во периодот од четвртата до седмата година во споредба со возрасните“, наведува Рајовиќ.
Моќта на приспособување на мозокот најубаво се демонстрира при учењето јазици – во која било средина и да се најде, детето ќе го научи јазикот што таму се зборува.
„Веќе на возраст од пет или шест години, ќе има многу повеќе потешкотии при совладување на новиот јазик, но и натаму ќе има можност да го научи како мајчиниот. Меѓутоа, децата со 11 или 12 години, иако во однос на возрасните полесно ќе го совладаат, новиот јазик никогаш нема да им стане мајчин. Во раното детство се поставува темелот на натамошното функционирање на мозокот. Овој темел не означува само интелектуално функционирање, туку ги опфаќа сите аспекти од развојот на детето – физички, емоционален, социјален и когнитивен“, истакнува тој.
За дилемите кои денес ги мачат новите родители околу нивното снаоѓање во лавиринтите на детството, Рајовиќ напишал две книги: „IQ на детето – грижа на родителите“ и „Како да се развива IQ кај детето низ игра“. Тој потенцира дека најкорисни играчки се оние кои не го „крадат“ вниманието на детето, затоа што малечките мораат своето внимание активно да го насочуваат за да „останат“ во процесот на играње до крај.
Грешките во воспитувањето на децата се составен дел на родителството, па можат да бидат и корисни доколку се воочат навреме. Повеќето родители заради пренагласената потреба да ги заштитат децата – ја прават најголемат грешка.
„Детето во првите години од животот, учи без престанок. Формалното образование и учењето како што го поимаме, доаѓаат подоцна. Дотогаш детето веќе го совладало најтешкото градиво – спонтано и низ игра. Ретки се примерите каде шестгодишно дете се изгорело кога ја ставило раката во врел чај или невнимателно се затрчало по замрзната површина. Детето ќе биде многу повнимателно, не затоа што родителите сто пати му ја повториле таквата опасност, туку затоа што претходно стотина пати веќе паднало – на рамно, на скали, на нагорнина, на земја, трева… Дотогаш, иако несвесно, многу добро научило преку какви површини може безбедно да се поминува, со каква брзина на движење, со каков наклон при движењето, со каков начин на движење…Детето кое на седумгодишна возраст би паднало така што да ги скрши забите, а притоа да нема ни гребнатинка на дланките, не се научило како да паѓа. Тоа секако не е негова грешка, но е проблем што на седум години треба да се учи на таква фундаментална работа. Токму заради тоа, преголемото заштитување може да се забележи како најголемата грешка што (ненамерно) родителите можат да ја направат. Тука спаѓаат и употребата на модерните технологии без ограничување, генералната неспособност да се постават граници, недоволно движење, неурамнотежена и нездрава исхрана, премалку сон…итн“, наведува доктор Рајовиќ.