ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Фирмите кои се дел од империјата на семејството Камчеви, односно на нивната холдинг комапнија се занимаваат и со здравство и со банкарство и со земјоделие и со медиуми и со угостителство и со кој знае уште што
Мора да убаво чувстото кога на 20-годишна возраст поседувате фирма која не само што го носи вашето име, туку е и голема и успешна? Веројатно ретки се оние кои знаат како е тоа да бидеш директор во фирма, иако уште „не си се испилил“. Е еден таков е сега притворениот Орце Камчев кој стана газда на „Орка спорт“, иако, реално бизнисот го водеа неговите родители.
Како одминуваа годините така растеше и бројот на фирми кои стануваа дел од сопственоста на семејството Камчеви за на крајот да станат холдинг комапнија која се занимава и со здравство и со банкарство и со земјоделие и со медиуми и со кој знае уште што?
Имеперијата на Камчеви се градеше со години, но последнава деценија таа имаше исклучително забрзан развој зад кој не секогаш стоеше капитал, туку моќ која произлегуваше од режимот кој владееше повеќе од една деценија.
Апсењето и притворањето на Орце Камчев за некои претставува изненадување, бидејќи тој за себе изгради мислење дека е недопирлив и дека никој ништо не му може.
Ваквото верување своја поткрепа има по случувањата од далечната 2005. година, кога Орце Камчев, поради закана со притвор за сторен економски криминал замина на најдолгиот годишен одмор во историјата на туризмот!
Иако за него имаше потерница, враќањето на Камчев во земјава беше договорена работа и тој, и покрај бегството, не мина ниту еден час во притвор!
Дали тогаш за Орце Камчев се завземал Тито Петковски, како близок пријател на семејството Камчеви, дали му помогнал неговиот „два пати-тест“ Трифун Костовски или, пак, Михајло Маневски ќе остане непознато, но тој во притвор не влезе, а и судската постапка која се водеше остана незабележана и секако, со ослободителна пресуда.
Од сето ова, на јавноста и остана само да се сеќава на вработените во „холдингот“ кои пред телевизиски камери беа вадени од картонски кутии во кои претходно биле криени!
Орце Камчев беше млад социјалдемократ, неговиот татко „тежок“ вмровец, а дедо му, од прво-втората жена најверојатно требаше да го обезбеди „третиот пат“ и со тоа да ја осигура имепријата на Камчеви?!
Печатење на маици за потребите на спротиставената политичка опција како да беше вовед во некои помирни води, но кога истата таа опција, пред 12 години, дојде на власт тој имаше ширум отворени врати.
Денеска ретко кој ќе сети дека Орце Камчев бил кандидат за пратеник од редовите на СДСМ и тоа со само 24 години. Од таа 1994. година не се памети ниту неговиот пораз од математичарот Данило Глигоровски, ниту палењето на џипот за кој Камчеви „дебело“ се обештетија.
За само една деценија „Орка холдинг“ ќе прерасне во фирма која ќе се занимава се се и сешто. Едноставно за се ги биваше луѓето. Дури и за „бапнување“?! Но, во таа деценија ретко кој гласно зборуваше за криминал и криминални купувања на удели и акции во успешни компании. Влезот на истражителите на Специјалното јавно обвинителство само не потсети дека Орце Камчев не е сопственик и акционер исклучиво во „КБ Аџибадем Систина“, „Систина Нефроплус“ или на ресторанот „Сушико“, туку и на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“од Битола и во битолските “Пелагонија Енерџи“ и во „Стопанска банка-Битола“, во тетовски „Жито Полог“, во млекарницата „Здравје Радово“, во „Бетон-Штип“, во хотелите „Мериот“ и „Ибис“, во „Монт“, во „Кара“ и во некогашната јапонска болникца „Токуда“, а која што сега се нарекува „Аџибадем Сити Клиник“.
Кога посака да го изрекламира купувањето на софиската болница Камчев со себе „влечеше“ и новинари од сите дневни весници кои ги издаваше „Медиа Принт Македонија“, а чиј што косопственик беше и шефот на империјата „Орка холгинг“!
Орце Камчев, сакаше за него да се пишува како најбогатиот Македонец, но тој ја разбра сериозноста на политичкиот момент и во декември 2016 година, на крајно конспиративен начин ја напушти „МПМ“. Објавата за напуштање на три деневни весници и еден неделник се случи во време на штрајк. Дали тој си го повлече својот удел во „МПМ“ од 1,33 милиони евра ќе треба да каже самиот Орце или неговиот „партнер“ Срѓан Керим кој, пак, еднаш веќе јавно лажеше за тоа.
Она што остана зад Камчев се уништени весници и неисплатени плати за околу 500 вработени. Велат дека шефот на империјата самиот иницирал стечај, само за да може да ја земе доходовната печатница на „МПМ“, но дали е тоа така ќе каже СЈО!
Како и да е трупањето на нови фирми и многу пари на сметките на „Орка холдинд“ изгледа дека заврши. Доаѓа нова ера во која освен што ќе наплата сметките ќе има и (рас)пад на империјата!