АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Кутијата ја отвори Мицко. Падна и главата на Сашо Мијалков, демократска верзија на Ранковиќ. Почна крвавата братучедоубиствена војна во која главата на оној што распиздува мора да падне пред главата на братучедот на ВМРО-власта – Груевски
Како изгледале првите чекори на АСНОМ-ска Македонија во склопот на ФНРЈ, во тоа далечно време земја на „народната демократија“ како и сите земји од социјалистичкиот Варшавски пакт на чело со СССР? Сегашните млади, како и оние во зрела доба можат многу да научат од уметничката литратура на Живко Чинго: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“ и „Големата вода“. Да, литературата не е историја. Ама таа зборува поубедливо и повпечатливо од „сувата“ нарација на историјата (Аристотел). Накусо, тоа е времето на безмилосната ОЗНА, железна тупаница на авангардата на КПМ, верзија на Лениновата ЧЕКА.
Потоа уследи времето на изолоција на ФНРЈ од Варшавскиот пакт по историското „не“ на Јосип Броз Тито во 1948. Дека нешто крупно се случува со светот околу мене и со светот во луѓето можев само да почувствувам, но не и да раберам затоа што бев дете на три-четииригодишна возраст. Се сеќавам живо дека, со дедо ми почнавме да одиме во куќата (над полициската станица, ја викаа „конак“) на еден Турчин Ибраим, од каде што се враќаваме со „шарвета“ пченкарно брашно од кое се правеше „качамак“ или се месеше леб. Тоа биле скудни времиња со закана од глад поради „прекин на сите економски и трговски врска“ со земјите на „народната демократија“, како што дознав подоцна.
Времето на општа, насилна колективизација како политички одговор на Тито кој на дело го убедуваше баќушка Сталин дека КПЈ, иако стигматизирана како еретик, држи до строгата прямолинейность (партиска линија) го помнам по два настана. Едниот е на ура калемењето “горнички“ на падините на Карабалија, планина која го дели Дојран од Богданци. Вториот е оранжериите на дрвени носачи, кои ги посети Тито со Јованка, како и крушките под Карбалија. Можев да го видам од близу големиот водач. Јас бев во училишниот хор кој му ја испеа југословенката химна. Трајче Попов, татко на режисерот Столе Попов направи документарец за тој настан на кој се гледа како Тито и шепоти на Јованка. На моите Богданчани брзо им појде од рака да го дешифрираат тој шепот. Наводно, тој и рекол: “Дај бре, Јованке, распизди једном ту твоју распиздаљку“ (газоза со затворч со жичен механизам). Таа газоза тие ја викаа – „распиздаљка.“
Јас бев гимназијалец кога Чинго го објави својот прв расказ („Приказна за Завојката“) во “Студенски збор.“ Беше нешто друго од тогаш веќе доминантниот модернизма кој се ширеше меѓу гимназијалците преку „Млад борец“. Теретските основи на тој модернизам ги усвојував од „Есеите“-те на Г. Старделов. Неговите “Есеи“ вриеја од “квинтесенции“, „вехеменции“, „вируленции“ итн. Кога, во една писмена работа по македонски и литература се послужив со нив, добив еден кец колку бандера. Тоа ме натера да гледем со доза на дискретна недоверба кон тој модернизам. Старделов, понятно, изгуби многу во моите очи.
Значи, времето на либералниот комунизам го живеев како гимназијалец а неговиот крај го доживеав како студент на Филолошкиот факултет. Беше јули или август, бев купил „Нова Македонија“ на која, на цела, прва страница имаше нешто како извештај од Брионска седница на која падна главата на тогашниот шеф на југословенската тајна полиција Александар Ранковиќ. Имаше, ако не се лажам и фотографија на К. Црвенковски како шеф на комисија која поднесла извештај за таа брионска седница, во кој се документираат „застранувањта“ на таа полиција од партиската прямалинейност.
Тоа беше време кога бев опседнат со романите на Достоевски. Тој мe натера са ги исчитам Стариот и Новиот Завет. Во Стариот има многу поуки кои повикуваат на насилство – „око за око, заб за заб“, но и такви кои повикуваат на воздежување – „кој вади меч, од меч ке загине“. Се сеќавам добро дека мојата прва реакција на таа долга уводна статија во „Нова Македонија“ беше: “што му требало на Крсте да се нафаќа да биде шеф на таа комисија?“ За мене, тогаш беше тој ангел со пламен меч во својата рака кој го очекува истиот меч. Беше тоа еден вид мое интимно, внатрешно пророштво кое се оствари кон почетокот на седумдесетите со славната седница во Караѓорѓево. На таа седница паднаа хрватските, српските итн. либедрални комунисти. Со нив и Крсте.
Верувам, господа мои, веќе се прашувате што сакам да кажам кога ве запознавам, онака згора-згора, со овие епизоди од мојот живот. Веднаш да ви кажам: ништо ново и ништо особено. А можеби и сами се досетувате. Со тие мои „епизодички“ (Чинго) сакам на свој особен начин да потсетам дека сегашните чистки (“очистување“ и “прочистување“ според А, Николовски) во ВМРО-ДПМНЕ се erga omnes молотов коктел од: железната ОЗНА-тупаница на АСНОМ-ска Македонија, егзорцизмот на баќушка Сталин, онаа „распиздаљка“ во раката на Јованка од која не мора да (про)излезе освежителен дух, свилниот гајтан или тупаницата во кадифена нараквица на либералните комунисти итн.
Сепак ми се чини дека, во тој молтов коктел, сега во рацете на водачот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски, доминира духот на онаа распидаљка која, како што можев да видам како дете, а со свои очи, сепак се колебаше да ја отвори Јованка спроти која седеше тогаш верникот Александар Ранковиќ. Таа распиздаљка е наша, локална верзија на пандорината кутија. Кутијата ја отвори Мицко. Падна и главата на Сашо Мијалков, демократска верзија на Ранковиќ. Почна крвавата братучедоубиствена војна во која главата на оној што распиздува мора да падне пред главата на братучедот на ВМРО-власта – Груевски.