Покрај механизмите за препознавање на лажните вести и дезинформациите, тема на разговор на денешната сесија „Правни аспекти и саморегулација во борбата против дезинформациите“ во склоп на 17-то издание на конференцијата е-Општество.мк беше и известувањето на медиумите и ширењето на дезинформации на социјалните мрежи.
Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски нагласи дека Македонската радио-телевизија како јавен сервис платен од граѓаните би требало да ја има улогата на главен сервис за проверка на фактите. Но, тој рече дека е загрижувачки што МРТ оваа година има за половина помал буџет во споредба со минатите години.
За да се подобри медиумската слика, според Секуловски, новинарите треба да се придржуваат на етичките стандарди, политичарите исто така треба да внимаваат бидејќи често тие во јавноста изнесуваат лаги и дезинформации што претставува политичка некултура. „Етичкиот кодекс не е само за новинари туку за сите граѓани“, потенцираше Секуловски.
Уредничката на Порталб.мк, Елида Зулбеари истакна дека од новинарски аспект е дискриминаторски феноменот на создавање нови медиуми во период на предизборие кога треба да се поделат државни пари, а при преглед на истите се покажува дека многу од нив немаат ниту адреса ниту импресум, но се регистрирани еден месец пред почеток на кампањата со што ги исполнуваат условите за да добијат пари. Зулбеари потенцираше дека токму такви медиуми шират дезинформации и го нарушуваат професионалното известување само за да остварат профит или да шират црна кампања и дезинформации со што придонесуваат во недоверба на јавноста во новинарството.
Говорниците се осврнаа и на потребата Стопанската комора да им препорача на компаниите да се рекламираат во медиуми кои се на позитивна листа на професионални медиуми од каде може да се следи нивната работа и со тоа да покажат општествена одговорност. На тој начин компаниите ќе можат полесно да ги дискредитираат непрофесионалните медиуми.
Уредникот на Новинската агенција Мета.мк, Горан Ризаов за време на дискусијата ја потсети јавноста дека иако новинарите и сите вработени во фондацијата Метаморфозис веќе една година се мета на онлајн закани и црна кампања, надлежните институции сè уште немаат преземено ништо во врска со говорот на омраза и заканите за физичко насилство.
извор: МЕТА