Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

РАЦИОНАЛНОСТА И РЕКЛА ЗБОГУМ НА МАКЕДОНИЈА

July 9, 2025 Filed Under: Колумни

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Дури и ChatGPT сфати што сакаше да каже еврокомесарката, а не сфати јавноста тука

Македонија живее во лош филм кој – никако да заврши. Ако ја парафразирам култната реченица во филмот на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на Доли Бел?“ – „Секој ден во секој поглед сѐ повеќе напредувам“, нашата би гласела – секој ден во секој поглед Македонија назадува.

Оваа епска хистерија околу загрозениот идентитет што ни се случи вчера по изјавата на Марта Кос е најдобра потврда дека како нација тотално сме го изгубиле компасот. Ќе ни стане животна желба да видиме наш премиер како шири позитивна енергија, како се прегрнува со еврокомесарка, како прави пријатели од ЕУ функционерите на Македонија, како е добредојден во секоја европска престолнина или накратко – како го прави тоа што го прави Еди Рама, чија земја со крупни чекори оди напред и вредносно кон Европа.

Гледајќи ги реакциите, впечатокот е дека омразата, навредите и самосожалувањата станаа единствена движечка сила во нашата држава. И, дека и тие што треба да се елита и што треба подалеку да гледаат и повеќе да разбираат, се стопија во реката на „идентитетско едноумие“ кое нѐ зароби и интелектуално, и економски, и политички и ја одзема перспективата на идните генерации. Три децении губевме време да спречиме придавката „Северна“ да не се додаде на името Македонија, а веќе две децении „сечеме вени“ поради уверувањата дека сите треба на хартија да ни го признаат националното чувство и јазикот што го зборуваме. Има ли ова крај?

Поактуелното прашање сепак е – ќе се најде ли воопшто некој кој ќе се обиде да ѝ помогне во иднина на Македонија, ако по секој збор и по секоја порака ние гледаме непријател и навреда? Со Марта Кос, сакале да видиме или не, делиме иста историја и исто наследство. Откако еднаш ја нападнавме затоа што ни ги кажа условите за преговори што сами ги потпишавме, таа сепак дојде со позитивна енергија и со добра намера во Македонија – да помогне.

И она што го кажа јавно на прес-конференцијата не беше навреда, туку обид да ни каже дека идентитетот е нешто многу посилно од официјално признавање, дека е нешто што го носиме во себе и никој и ништо не може да го избрише, освен ние самите (со бугарските пасоши, на пример). Каков интерес беше нејзините пораки да се извадат од контекст, да се отфрли тоа што беше во прилог на Македонија, да се вулгаризира тоа што го опиша околу традицијата и таа да се „расчеречи“ јавно како „бирократка на ЕУ“ која носи непристојна порака? На крајот на краиштата, што ќе добиеме од тоа да имаме уште еден европски функционер кој ќе бега како од оган од нашата држава и ќе нѐ смета за политичка закана? Вака ли ќе влеземе во Европската унија, ова ли се вредности со кои се фалиме дека сме подготвени за Европа?

Бидејќи Марта Кос кажа повеќе од тоа што ѝ се префрла во јавноста, прашањето е исто така колкава доза на фрустрација ни е доволна на нас Македонците за да не забележиме дека таа токму со тоа име ни се обрати овде во Скопје и дека ни го призна етничкиот идентитет. Колкава доза на самосожалување ни треба на нас Македонците за да не видиме дека таа порача дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување, дека тоа е нешто што никој не може да ни го одземе. Колкаво ни е нивото на политичка нетолеранција кога не видовме дека таа во изјавата за идентитетот ја спомна и татковината (нацијата), го спомна  јазикот (нашиот македонски) и ја спомна традицијата како дел од идентитетот, проширувајќи го описот за него и повеќе од тоа за што спориме ние во моментов. И притоа мораше да води сметка за деликатен баланс, бидејќи на крајот на краиштата мора да води сметка и како таа порака ќе биде примена во Бугарија, а неа да не ја нападнат како пристрасна.

Дека рационалноста рекла збогум на Македонија се гледа веќе и од месечината. Дури и ChatGPT сфати што сакаше да каже еврокомесарката, а не сфати јавноста тука. Бидејќи нему не може да му се препише ни про-ЕУ ни анти-ЕУ, ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ, не може да му се забележи и на објективноста. А, според неговата клучна проценка, Кос нагласила дека „националниот идентитет – како што е македонскиот – никогаш не може да зависи од политички одлуки, дека е лична, емоционална вистина.

„Кос потврдува дека идентитетот не е нешто што е дадено или одземено со договори или уставни измени – тоа е  внатрешно чувство поврзано со историјата, културата, јазикот и традицијата. Таа ја истакнува отпорноста на идентитетот дури и во време на политички промени и го гледа членството во ЕУ како рамка што го поддржува, а не го дефинира идентитетот. Ова гледиште добро се совпаѓа со чувството за идентитет на многу Македонци – како нешто што се живее секојдневно преку јазикот, културните практики и споделените сеќавања (како што се гледа во општествените рефлексии). Кос изјави дека ЕУ – бидејќи е изградена врз различноста – може да биде заштитна мерка за заштита на ‘идентитетот, културата и јазикот на народот на Северна Македонија’. Сепак таа, исто така, предупредува дека дури и уставните промени не гарантираат пат кон ЕУ без проблеми – може да се појават идни билатерални спорови, а дијалогот со добра волја е од суштинско значење“.

Накратко кажано, и според вештачката интелигенција пораките дека ние „не сме рецепт туку народ“ се потсмевање на сами себеси и немаат ништо со пораките на Кос, чија поента беше сосема друга. Дека таа не го сведе идентитетот, како што се оценува тука, на полнети пиперки, односно на „фолклорен или гастрономски“ елемент, ниту пак го одвои македонскиот народ од историскиот, политичкиот и државотворен контекст. Реално во ЕУ имаат попаметна работа од тоа да се вклучуваат во вакви политички сценарија во Македонија, а Марта Кос нема ни интерес  бидејќи ја чувствува како блиска Македонија и патем тука била и на меден месец.

Оттука, посебен предмет на анализа е зошто Македонците кога самите ги критикуваат состојбите овде оценуваат дека стануваме „Пакистан или Бангладеш“ (иако овие две држави може да се навредат), а кога некој од ЕУ ќе проба да нѐ охрабри да одиме напред – се прогласува за непријател. Слепило е да не се види дека еврокомесарка дојдена од нашиот регион и од нашата поранешна држава по дефиниција е шанса за Македонија, а ние да ја вртиме против нас.

Ваков подарок Бугарија не можеше ни да сонува пред посетата на Кос, што го објаснува и молкот во соседната држава околу најновата хистерија, која наликува на таа претходно околу францускиот предлог – за кој власта многу ветуваше, а уште нема решение.  Откако премиерот Христијан Мицкоски ги отвори како прашања Гоце Делчев, Јане Сандански, и останатите место да ги остави „закопани“ во Протоколот, сега останува и „ајварот“ да го направиме дел од спорот со Брисел, бидејќи во Македонија како никој да нема друга попаметна работа. Најжално е што и критичката јавност јавна на бранот на идентитетската хистерија заборавајќи на она што беа и се уште се главни теми во Македонија – корупцијата, партократијата, заробеноста на општеството, распад на системот и бесперспективноста.

 

 

Filed Under: Колумни

ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД
ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ: НЕ ЗНАМ ЗОШТО СЕ ПЛАШИМЕ?
НОВО ОБМИСЛУВАЊЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА РАЗВОЈОТ ОД ПЕРИФЕРИЈАТА

Најново

  • ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
  • ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
  • ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet