Последните години е добра околност во кадровски напредувања ако си од Струмица. Кога е Штип во прашање кадрите од таму традиционално лесно се вклопуваат во секоја гарнитура на власт. „Партизанските“ кадровски ревири (Прилеп, Кавадарци) не се веќе толку забележителни
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во време на социјализмот, локал-патриотизмот беше постојана тема за улична критика на власта. Се сметаше дека политичарите од врвот, според роднокрајни критериуми, практично без никакви други проценки ги туркаат на подобри општествени позиции оние кои се роднини или дури и лица од поширокото соседство. Кога веќе тоа можат да си го дозволат. Легендарни се шегите на сметка на „галичаните“ (Мијаците) за кои се велеше дека се како „врзана вреќа“. Потоа се укажуваше на тоа дека беа форсирани луѓето од Штип и овчеполието (не се говореше, барем тогаш за влашко лоби), потоа дојдоа на ред прилепчани, па луѓето од Тиквешијата, во зависност кои и чии кадри беа заседнати на политчкиот врв. Имаше и обратни случаи, велешани ги колнеа своите политичари (ги немаше многу ни во високата политика) од кои не добија ништо ,иако имаа дадено народни херои а згора се работи, нели, за „градот на гемиџиите“.
Зошто ваков вовед? Па затоа што како актуелен се води случајот Рашковски кој веднаш го имплицира кадровскиот „охо лепак“ по географски координати.
Што и да каже премиерот Заев во своја одбрана факт е дека последните години да си струмичанец е привилегија. Дури и кога немаш никакви квалификации можеш да станеш директор на театар, како градоначалник да те фатат како шверцер на тутун, (Ново село) а дури и фатен на граничната линија добиваше доста „мек третман“; поптоа се бутна кадровски решение на некогашната ДА во редовите на пратениците на СДСМ, кое потоа се претвори во проблем кога „одеднаш“ стана независен пратеник, додека партијата излегуваше од Парламентот! Заедно со едно друго решение, од Штип кое едноставно, како и претходното, како падобранец беше лансирано во врвот на добитната листа. За тој, вториов избор Заев секако нема влијание, но ова е само слика за некакви „интересни сфери“ во политиката кога лица од другата страна на улицата едноставно се вивнуваат кон новата шанса во политиката. Денес тие избраници или поточно избранички имаат веројатно високи пензии, за разлика од оние кои од претходниот режим претрпеа големи штети и дадоа жртви, лични и на нивните семејства, ама затоа сега се социјални случаи!
Ова е малку подолг вовед за да се објасни случајот Рашковски. Истиот е од Струмица ама не е жртва на претходниот режим. Ни најмалку – на Правниот факултет тој со својот компјутерски систем бргу стана господар над редовноста на студентите, нивниот успех… му се плашеа дури и асистентите, бидејќи стануваше олицетворение на идејата на Груевски за контрола на политиката врз студентскста иднина. Тој комесарски систем му оневозможи на син на познат новинар, да замине во САД заради тоа „што не положил“ колоквиум некаде на стартот на студиите. Не помогна ниту тврдењето на професорот дека во неговата евиденција е сигурно дека тој колоквиум е положен…
Може денес да се тврди дека во актуелната афера (или веќе можеме да говориме за афери) со овој информатичар е цеосно јасно дека беше шок кога тој, во рамки на горекажаното, ја премина улицата и стана – генерален секретар на Владата! Човекот веднаш ја покажа својата вештина да прави дилови кои како да се повеќе тајни отколку јавни. Или можеби познати само на неколкумина? Според обвиненијата, изнесени во јавноста, тој регистрирал патент за техничко решение (софтвер) кој потоа со државни пари си го откупил. Наменет е за користење од полицијата, но МВР тврди дека не и е потребно. А платено е! Падна во очи долгиот одмор во корона сезона во Мексико, што ја подигна тензијата во земјава, бидејќи се доживеа како бнегство, а беше многу лошо што премиерот се уште како да му држеше страна.
Имотот на Рашковски е импозантен иако падна во очи само во мигот кога една тв екипа го следеше и откри дека во неговиот броен возен парк има е едно непријавно „волво“ со импозатна цена од 77 илјади евра. Тоа секако не е импресионирачко во однос на другиот имот кој сега веќе екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, уште во декември лани почнал да го префрла на име на малолетните деца. Да не се убедуваме дека „секојц е невин додека не се докаже“ кога ова е апсолутно „шибицарски“ трик, чија интенција е видлива и од Водно.
Оттаму, Рашковски сега нема ништо на свое име, објавија повеќе медиуми во земјава, повикувајќи се на извори од Антикорупциска комисија. Освен станот во Скопје од 65 квадратни метри, децата на Рашковски сега целосно поседуваат 11.000 квадратни метри во селото Побожје, на Скопска Црна Гора.
Како што е познато, тој беше во куќен притвор а сега и во притвор во Шутка за набавката на софтверот за сообраќај додека беше генерален секретар на Владата. Откако оваа вест ја објавија медиумите, се јавија многу реакции. Јанаки Митровски, адвокат, прашува дали Рашковски не чул за проширена конфискација на имот.
„На Рашко му дадоа куќен место ефекивен притвор, inter alia, бидејки немал имот на свое име, кој пред три месеци го префрлил на име на децата кои заедно имаат шест години. Илјадници пати судии на претходна постапка немањето имот, сосема оправдано, го сметаат за фактор да се определи мерка, бидејки нема имот кој го врзува, само за Рашко тоа не е случај. Инаку, Рашко како добитник на 11 златни и две сребрени медаљи бла бла, и два доктората, не чул за проширена конфискација!“, пишува адвокатот во својата објава на фејсбук.
Од ДКСК, постојано укажуваат на проблемот кој го имаат со докажувањето на имотната состојба на функционерите.
Сегашниот закон нема утврдено рокови за јавна достапност на наведените податоци за имотната состојба на функционерите, а постојната електронска апликација на ДКСК обезбедува достапност на податоците во периодот на актуелниот мандат на едно избрано или именувано лице, и нивно автоматско отстранување по престанокот на мандатот.
„Општо е позната состојбата за прикривање на вистинскиот сопственик при стекнување имот во период на активен мандат на избрано или именувано лице, исто како што е познато дека извесен период по престанокот на мандатот состојбите со имотот се менуваат. Законската регулатива, но и непостоење на општ закон за потекло на имотот ги спречува институциите, меѓу кои и ДКСК, за преземање соодветни активности за докажување дека истиот е стекнат поради коруптивни активности или злоупотреба на функција“, децидни се од антикорупциска комисија.
Затоа, тие велат дека има потреба од пропишување на временски период за јавност на податоците од Изјавата за имотна состојба и интереси во подолг период од периодот на мандатот на избраните и именуваните лица, потоа, ДКСК да има законска надлежност да спроведува постапка за проверка на имотот и по престанок на нивната функција, но и да се донесе Закон за потекло на имотот.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира дека во рамките на истрагата која се води против поранешниот генерален секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски и за уште три други лица, е извршен претрес во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во Скопје, што ги користел осомничениот управител на правно лице и притоа биле одземени компјутери. Од Обвинителствтот велат дека во досегашиот тек на истрагата не биле пронајдени материјали кои би можеле да се поврзат со приемните испити на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители, а дека софтверот за полагање на приемниот испит на слушатели во Академијата не е запленет.
Драги Рашковски, и други три лица, меѓу кои и управителот на фирмата којашто ќе го добие тендерот вреден 81.000 евра, ќе бидат веројатно осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување. Имено, судија на претходна постапка на Рашковски му изрече мерка куќен притвор, но по жалба на Обвинителството таа мерка му е заменета. Ова ја стегнува правната јамка околу престижот на овој екс функционер а сега жител на затворот „Скопје“.
Нема сомнение дека оваа афера – како и да заврши – ќе има лошо влијание на рејтингот на Заев. Уште повеќе што блискоста оди по регионално ниво, што покажува дека кадрите кои доаѓаат од таму лсно минуваат под радарот. За штипските и да не говориме…