Радост, разочараност, лутина и апатија во безмалку подеднакви дози се доминантните чувства по објавените резултати од Годишниот конкурс за поддршка на програми од национален интерес во културата за 2021 година. Во тек е и подготовката на приговорите до Министерството за култура
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Нецели 48 часа по објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на програми од национален интерес во културата за 2021 година на Министерството за култура стигаат и првичните реакции. Рака на срце, нималку толку жолчни како во претходните години, но сепак евидентни. Дури првичните јавувања на социјалните мрежи беа обоени од радост на дел од творците или организаторите на некои манифестации, а имаше и забелешки дека по подолго време и онака како што доликува комисиите го вреднувале трудот на авторите .
Разбирливо, дури потем, по проветрувањето на резултатите, уследија појавите на разочараност, лутина и, во пристојни количини апатија. Дури, кај пристоен број на луѓе од културата како да победи чувството дека во некоја рака „приказната се повторува“ и дека зависно од политичката обоеност евидентен е кругот во кој безмалку и предолго се вртат истите имиња.
Згора на тоа имаше и оценки дека е заборавено на вистински начин да биде вреднувана книжевноста за деца, дека е згрешено во третманот на одредени веќе традиционални манифестации за сметка на други, дека притоа некои во кои нема ни „к“ од култура со повеќе од пристојни суми се провлекле на листата, дека така наспроти заложбите и натаму доминантната постоечка филозофија во македонската култура е „празот“… Но, да тргнеме со неколку примери.
Меѓу првите со отворено писмо до министерката Ирена Стефоска и до членовите на комисијата се јави Д-р Иванка Апостолова – раководител и програмски продуцент на Македонскиот центар на Интернационален театарски институт. Таа прашува зошто е одбиен нивниот проект „Дигитален театарски хаб“, една од двете апликации што ги доставиле на Конкурсот. Таа и со дополна дека и овојпат аплицирале за Годишна меѓународна членарина на Одделот за меѓународна соработка, и на Одделот за интердисциплинарни проекти, но дека и тука се случило истото.
„Од 2020 година, јас сум само вработена во културата, со поддршка од Министерството за култура. Значи дека егзистирам само од овие проекти, покрај прецизното реализирање и видливост на секој одобрен проект – проектна активност на одобрениот проект.
Бидејќи официјалните писмени известувања со задоцнување ќе пристигнат, за натамошно спроведување на приговор од наша страна, ќе ви бидам многу благодарна да ми објасните што недостасуваше во нашиот проект – содржински и документациски (во однос на критериумите на Министерството за бодување, проценка, континуитет, квалитет …техничките критериуми и слично)“, прашува Апостолова.
Безмалку едновремено, пристигна и реакцијата од идејните творци на Скопски поетски фестивал, интернационално замислената манифестација што со нагласено внимание ја очекуваат мнозина луѓе од културата во градов и која треба преку вкрстувањето на поезијата, музиката и визуелното да ја потполни постојната празнина.
„Ние за Скопскиот поетски фестивал изработивме многу убава, богата и прецизна програма, што се потрудивме да биде јасно и детално доловена во апликацијата. Се работи за настан што има за цел преку поезијата да обедини повеќе уметности и тоа директно на сцената, на еден многу креативен и иновативен начин, а тимот што ќе работи на фестивалот е од одбрани, докажани и способни луѓе, а не добивме ни минимална поддршка од министерството. Сакаме да знаеме на што се должи ова непрепознавање на квалитетот, што го гледаме и во несразмерната распределба на средства кај други такви манифестации, како на пример Поетска ноќ во Велестово, којашто влегува и во заложбите за деметрополизација, што исто така понуди богата програма, со бројни учесници од земјава и од странство, а средствата не се ни 15% од буџетот за да се оствари планираното.
И овој пат би сакала да добијам вистинско образложение зошто СПФ не доби поддршка, зашто не гледам како еден ваков проект не е од национален интерес, вели Јулијана Величковска.
А, кога веќе ги допираме манифестациите, мнозина се чудат со сумата (1.000.000 денари) доделена на Здружение „Културно-забавен живот – КЗЖ Струмица“, односно на 10-то јубилејно издание „Струмица опен фест 2021“. Чисто за појаснување истото она на кое низ годиниве се извртеа и културни работнички како Северина и Цеца, па БИЈЕЛО ДУГМЕ, Жељко Самарџиќ…
Од таму зарем не треба да се размисли за одвојување на културата од „комерцијалата“ во Годишниот конкурс за проектите од национален интерес?
Ете, затоа и болат констатациите од овој тип: Ве известуваме дека Министерството за култура оваа година не одобри финансиска поддршка за реализација на осмото издание на Меѓународниот поетски фестивал ,,Литературни Искри 2021” – Гостивар.
Со силна желба и со почит кон поезијата нашата литературна манифестација нема да дозволиме да згасне. Деновиве ќе биде објавен конкурсот за поетските творби.
Или, „постовите“ како „44. Денови на македонска музика ли се, празијада ли е? Срам е сигурно!“, на кои убаво би било да им се одговори бидејќи доаѓаат од инволвирани и стручни луѓе кои и мислат само убаво на македонската култура и нејзиниот натамошен развој.
А, кога ги допираме манифестациите во Годишниот конкурс не смее да се заборави ни реакцијата на Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, а која се однесува на огромното разочарување од третманот на Министерството за култура на една од најзначајните летни културни манифестации во земјава – Скопско лето, која за 42 издание распослано во 40 дена добила само 546.000 денари, а дека притоа комплетно е избришан традиционалниот Блуз и соул фестивал, еден од најстарите во регионов кој лани го одбележа убавиот јубилеј 25 години од постоењето.
„Веќе долги години по ред, под превезот на објаснувањата од типот за неопходност за децентрализација на културата, во програмите поддржани од Министерството во сосема несразмерен и не адекватен износ се поддржани програми кои значат буквално „позајмување“ на концептот на манифестацијата која своето реноме и углед повеќе од четири децении го градеше само и исклучиво врз основа на квалитетот на понудените содржини и гости. Сега кога е активна кандидатурата на Скопје за Европски град на културата, ние сме соочени со маргинализирање на најголемата летна манифестација во главниот град. При тоа, компаративноста ни покажува дека за слични манифестации со содржини што често немаат никаква поврзаност со културата (и се нудат пред многу помал број потенцијална публика) е обезбедена далеку поголема поддршка“, вели Никола Глигоров, првиот човек на Дирекцијата за култура и уметност.
Безмалку идентична беше реакцијата на Софија Семенпеева во однос на Фестивалот ЛИТЕРА, при што таа само ја повтори одлуката на својот тим дека и без доделените средства тие се одлучни во идејата да направат дури и побогато издание на манифестацијата од ланското. Во овој контекст, исклучително беше обраќањето на Билјана Црвенковска, последната добитничка на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ, во кое таа на аналитичен начин проговори дека квалитативно на соодветен начин не е вреднувана книжевноста за деца и дека со многу нешта е потценета нејзината уметничка вредност, што е тема за посебна дискусија што мора да се стори.
А, кога сме кај творештвото за деца и не само неговите творци туку и конзументите на нивната уметност ги изненади информацијата дека Комисијата годинава не успеала да го „види“ Театарот сенки и облаци и посебно 9-от Интернационалниот детски фестивал за театар на сенки „Сонот на облачето“.
Бидејќи слушнавме дека главен критериум за Министерството за култура оваа година биле квалитетот и континуитетот, не можам да разберам зошто решиле да го отфрлат нашиот фестивал, и да не го поддржат со ниту еден денар. Декларативно сите се многу загрижени за децата, за нивниот креативен развој, едукација, уметност. И не само нашиот, гледам дека оваа година ниту еден детски театарски фестивал во Македонија не добил ниту денар.
Зарем на овој начин се грижиме за децата, зарем во оваа тешка година кога на сите ни треба поддршка и стимул да продолжиме понатаму, некој решил да ни ги земе трошките за преживување? Ние ќе најдеме начин да преживееме, ќе продолжиме да го правиме тоа што најдобро знаеме и ќе дадеме повеќе од својот максимум за да опстанеме. Се надевам дека истото ќе го направат и другите обесправени уметници, до некои подобри времиња, ќе рече актерот и раководител Круме Стефановски
Во однос на „непрепознавањето“, Ирена Андреевска од Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт-поинт Гумно“ од Слоештица, родниот крај на бардот Петре М. Андреевски, вели дека „токму дека културата уште долго ќе мизерува поради непрепознавањето“.
„Ако сакаме да ја сочуваме културата, пред сѐ мора да умееме да ја препознаеме, а потоа и соодветно да ја поддржуваме. И ова не се однесува само на институциите, туку на секој еден од нас. Ние и овој пат ќе ја обжалиме доделената сума, но жално е што однапред знаеме дека тоа е само изгубено време.Никогаш не добивме одговор кои критериуми не сме ги исполниле и врз основа на што е донесен заклучокот и бодовите“, вели Андреевска.
Кон ова уште една емотивна реакција. Во случајов од Ивана Балабанова која се јави во името на танчерите во земјава со следните зборови по информацијата дека Министерството не им одобрило ниту еден проект. Таа, меѓу другото, пишува: Ви благодарам Министерство за култура што препознавате квалитет. Каде е танцот во приказнава? Не, не сум лута, разочарана сум. Не за себе, за сите како мене.
(РСЕ – опремата е на Глобус)