Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

РЕАКЦИЈА: СУДСКИОТ СОВЕТ ГО ЗАГУБИ ЦЕЛОСЕН ЛЕГИТИМИТЕТ ДА ИЗБИРА, ОЦЕНУВА И РАЗРЕШУВА СУДИИ

May 9, 2023 Filed Under: Македонија

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за последниот развој на настаните во Судскиот совет.

ВЛЕЗ Новинарите не можеа да ги следат расправиите во Советот

„Вчера, во период од помалку од четири часа, Судскиот совет одржа дури три одделни седници на кои, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет. Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на Судскиот совет. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет на РСМ останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26 април се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет.

За жал и на штета на владеењето на правото членовите на ССРСМ направија неуспешен обид да го „озаконат“ своето незаконско постапување, повторно со повреда на одредбите од Законот за Судски совет и Деловникот со кој се уредува работата на ССРСМ.  Во две од трите седници одржани вчера беше незаконито исклучена јавноста со повикување на чл. 39 ст. 2 од Законот за Судскиот совет, според кој јавноста може да биде исклучена единствено и само „заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија“ што не беше случај. Меѓучовечките односи помеѓу членовите на Советот не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет на РСМ како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови.

Понатаму, согласно член 38 од Законот за ССРСМ и член 11 од Деловникот на ССРСМ, денот на одржување на седница на Советот се објавува на веб страната на Советот веднаш по закажување на седницата истовремено со доставување на поканата до членовите на Советот. Поканата се доставува најмалку 7 дена пред денот на одржување на седницата, но постои можност поради итни и неодложни работи седницата да се закаже и во пократок рок. Седницата на која е избран новиот претседател беше свикана од заменик претседателот на Судскиот совет на невообичаен начин, вон работното време на Советот, петнаесетина минути пред самиот почеток на седницата, што е директно прекршување на законските одредби кои се однесуваат на транспарентност и јавност во работата на Советот.

Убедени сме дека со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии. Легитимитетот, покрај од Уставот, во суштинска смисла треба да извира пред сѐ од стручноста, професионалноста и интегритетот на членовите на овој орган кои со своето познавање на правото треба да бидат пример за севкупната правосудна фела посебно кога станува збор за судии и истакнати правници. Оценувањето на работата на судии, кое претставува единствен случај на проверка на работата на носителите на власт во Република Северна Македонија од аспект на стручност и професионалност, треба да го вршат исклучиво лица кои со своето професионално искуство и знаење покажале дека се стручни и независни, а не лица кои се обидуваат да ги заобиколат законите за да остварат одредена цел која не е поврзана со правото и за која оправдано постои сомнеж за постоење на политички влијанија. Ова особено ако се следи дека четири од петте избрани членови на ССРСМ од страна на Собранието (со исклучок на Весна Дамева) беа поддржувачи на одлуката од 26.4.2023 година, која по тврдењата на Дамева е донесена по политички притисок, со што се поставува прашањето во јавноста дали до оваа состојба во Судскиот совет дојде по основ на политички влијанија врз членовите кои не доаѓаат од редот на судиите.

Овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина  иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на Судскиот совет и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво. Упатуваме повик до сите чинители вклучувајќи ги и членовите на Судскиот совет да бидат достојни за функцијата која ја вршат и да преземат мерки за утврдување на индивидуална одговорност за сторените повреди од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија“, стои во реакцијата.

ЦРНА ДАМКА Опасно е што поголем дел од судиитер не ја 0прифатија критиката на стручната јавносТ

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, вчера изјави дека очекувала барем Собранието да изреагира.

„Ние ги повикавме и останатите институции коишто имаат свој придонес, односно предлагаат членови на Судскиот совет, да излезат со своја реакција. Искрена да бидам, очекував дека можеби требаше Собранието тука малку поинаку да изреагира, во најмала рака да свика некаква надзорна комисија, да побара отчет од учесниците во целата таа драма, да кажат зошто тоа го направиле така, кои се причините, едноставно да дадат свое објаснување пред јавноста. Тоа е мој личен став, мислам дека така требаше да биде“, рече Ивановска на ТВ 21.

Такво нешто не се случи, а вчерашниот епилог во Судскиот совет таа го оцени како чин на „страшна трговија со влијание“.

„Мислам дека се случува страшна трговија со влијание, позадински, врз членовите на Судскиот совет, од некои што имаат интереси. Ова не е само мое мислење, ова е мислење што излезе во јавноста и што ми стои дека е кредибилно“, рече Ивановска.

Единствената со право на глас која не присуствувала на последното гласање е Весна Дамева. ДВ побара коментар од Дамева за последниот чин во Судскиот совет.

„Очигледно е дека вчерашниот чин, кој за некои најверојатно е завршница на претходните дејствија, нема ниту правна ниту законска основа. Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има. Судскиот совет беше блокиран изминатите денови, со цел да се обезбеди потребното мнозинство за мое разрешување и за избор на нов претседател. Целата оваа ситуација стана предмет на јавен интерес. Но, и покрај тоа, Судскиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што ја лиши од правото да знае што се случува зад затворените врати во оваа важна институција, која треба да се грижи за самостојноста и независноста на судството. Пред да ја напуштам салата за да не бидам учесник во понатамошните дејствија, јасно укажав дека јавноста не смее да биде исклучена и остро се спротивставив на тоа. Се прашувам, чиј интегритет се штитеше зад затворените врати. Мојот?“, коментира Дамева.

ТРГОВИЈА СО ВЛИЈАНИЕ Очекував барем Собранието да реагира – вели претседателката на Антикорупциска Ивановска

По нејзиното „прво разрешување“ на 26-ти април, таа изјави: „Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Јас навистина не знам ова како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако успеат во ова“.

Осум дена подоцна, Дамева е уверна дека на јавноста веќе и` е јасно кои се причините за ваквото нејзино разрешување.

„Што се крие зад ‘вистинските’ причини за моето повторно разрешување, без присуство на јавноста, со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и е веќе добро познато. Јас останувам доследна на изјавата која ја дадов на денот на мојот избор за претседател на Судскиот совет – дека за корумпираните судии нема место во судовите. Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судскиот совет, сѐ додека не се обидат да ме ‘отстранат’ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство“, вели Дамева.

 

 

Filed Under: Македонија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet