ТВ Алсат јави дека организациониот директор на Онкологија Нехат Нухи креирал список со лажни болни од канцер од свои блиски а тие добиените лекови ги препродавале, Се започна со изјава на една медицинска сестра за криминалните работи во Клиниката а продолжи со ревизија која очевидно ќе ја шокира јавноста со своите наоди
Колку се подлабоки истрагите на Клиниката за онкологија, толку повеќе скандали излегуваат на виделина. Според медицинските извештаи кои ги обезбеди Алсат – М, организацискиот директор на клиниката, Нехат Нухи, во системот внел дел од членовите на неговото семејство, наводно со лажни дијагнози на рак, за во секое време да добиваат скапи терапии за бесплатни услуги во секоја друга јавна здравствена установа. Овие документи покажуваат дека пациентот Е.Н. 71 година во системот се појавува во периодот 2021-2022 година со неколку различни дијагнози на рак: C.34, D.64.9, C34.9, но никогаш не бил хоспитализиран.
Истиот модел наводно го користеле и други вработени во клиниката, со внесување на членови на нивните семејства во системот.
Државниот завод за ревизија врши увид во целата документација за да се потврдат сомнежите за финансиска злоупотреба на Клиниката за онкологија. Алсат-М стигнал до некои пропусти кои се констатирани со 1/3 од обработката на овие податоци.
Од ревизија ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат ваквите информации на Алсат.
„Согласно Законот за ревизија, при инспекциската постапка во ниту една институција, наодите не ги објавуваме јавно. Во Клиниката за онкологија ревизорите ќе работат до 31 јануари, по што има законски рок клиниката да се жали на извештајот и да ги дополни потребните документи. Според процедурата, конечен извештај за Клиниката за онкологија ќе имаме финализиран во првиот квартал од 2023 година“, велат од Државен завод за ревизија.
Предмет на ревизија се и пациенти кои со години умираат од рак, како што претходно откри Алсат за покојниот Томе Димовски. Имено, тој и понатаму се водел како пациент и за него се праќала терапија, иако починал уште во 2014 година од рак на желудникот. Колку други вакви случаи постојат преку кои евентуално се крадат лекови, како и за сите други злоупотреби, треба да утврди ревизијата и потоа да пријави до Министерството за здравство и Јавното обвинителство.
Во периодот кога изби скандалот за недостиг на милиони евра за терапии против рак, техничарот на интерната аптека на Онкологија е осомничен дека наводно примил 100 евра мито. Семејството Уштеленца од Дебар вели дека нивниот син бил жртвуван за да се сокрие шемата на поголемите злоупотреби кои со години се случуваат на клиниката. Неговиот татко вели дека правдата за 24-годишниот Калтрин ќе ја бара во државните органи.
„Како што ми кажа синот, тие лекови кои се многу скапи, одат со потпис на директорот и комисиите. Нема шанси фармацевт да ги издаде без потпис на повисока личност. На Онкологија има процеси со години, се зборува за огромни суми кои јас, а камоли син ми, никогаш не сум ги видел, а обичен работник не може да влезе во тие процеси. Не можеме да кажеме кој е одговорен, има надлежни органи“, рече Беким Уштеленца, родител на осомничениот, објави Алсат.
Но, како всушност функционира можната шема за земање скапи терапии од пациенти со рак?
Од интерната аптека на Клиниката за онкологија велат дека немаат никаков контакт со пациенти и единствена можност да добијат лекови од таа аптека е со лекарски извештај и за терапии кои треба да се даваат во клиниката.
Од петте вработени во интерната аптека, специјалистот кој работи 11 години, Билјана Настова, вели дека недостигот на лекови е последица на тоа што Фондот за здравство не го одобрил дополнителниот буџет. Но, таа негира дека некој може слободно да земе д резервите терапии вредни десетици илјади евра.
Годишниот буџет на Клиниката за онкологија е околу 14 милиони евра, од кои околу 10 милиони годишно се трошат само за давање терапии против рак. Но, сегашното раководство со медицинскиот директор Нино Васев и организациониот директор Нехат Нухи велат дека тоа не е доволно, барајќи зголемување на буџетот за 2023 година за 40 отсто. Во моментов Фондот за овие три месеци за Онкологија одобри 5,5 милиони евра.