Беше сосема јасно дека успешниот доскорешен прв човек на Регулаторна Бислимовски не е по теркот на струјната олигархија и дека прашење на час а не и ден ќе биде кога ќе настане ценовното цунами врз населението

На веројатно првиот брифинг што го одржа Ацо Ристов, новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, истакна дека ќе се анализираат воведените блок-тарифи во сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи и дека ќе се донесе одлука евентуално за нивно укинување.
– Регулаторна комисија во наредниот период ќе анализира дали да останат, дали да се укинат или пак дали да се промени структурата на самите блокови. Ова ќе се прави за да се види дали тоа е фер пристап, бидејќи не треба иста работа да се наплаќа со различни цени – рече Ристов.
За потсетување блоковите за струја на регулираниот пазар во Македонија се воведени од 1 јули 2022 година, како дел од реформата на тарифниот систем за домаќинствата што ги снабдува универзалниот снабдувач. Системот важи за скапата, односно високата тарифа, а идејата е потрошувачите што трошат помалку да плаќаат пониска цена, а оние со поголема потрошувачка да плаќаат поскапа електрична енергија. Да се потсетиме Бислимовски тогаш илустрираше дека некои граѓани со струја ја греат водата во своите базени додека други одвај чекаат да дојде период на евтина струја да ги задоволат основните потреби. И тоа во услови кога земјава е зависна од увозот на се’ поскапа електрична енергија од странство.
Па така свбоевремено добивме четири блокови: прв блок до 210 kWh, втор блок од 211 до 630 kWh, трет блок од 631 до 1.050 kWh, и четврт блок над 1.050 kWh. Се работи за месечна потрошувачка по домаќинство.
РКЕ ги воведе овие граничници со образложение дека треба да испратат сигнал за рационално користење на електричната енергија, односно принципот е: „кој троши повеќе, плаќа повеќе; кој троши помалку, плаќа помалку“.
Блок-тарифите беа воведени во екот на енергетската криза за да се ублажи ценовниот удар врз најголемиот дел од домаќинствата и да се заштитат ранливите категории. Според тогашниот став на РКЕ, без блок-тарифите струјата за сите домаќинства ќе поскапела значително повеќе. РКЕ подоцна објави дека по воведувањето на блоковите била регистрирана голема заштеда во потрошувачката во висока тарифа.
Ристов на брифингот, коментирајќи го објавениот извештај за работењето на РКЕ за 2025, рече дека за прв пат купената електрична енергија лани на отворениот пазар е над 50 отсто, како добар сигнал во прилог на движењето за потребната енергетска либерализација.
– 86 одсто од електричната енергија во 2025 е од домашно производство, тенденцијата е да расте и во 2026 и 2027 и Македонија конечно да стане енергетсли независна, изјави поранешниот градоначалник на Радовиш.
Во потрошувачката на електрична енергија има раст од 3 отсто, а Ристов смета дека голем дел во тоа како влијание има вклучените клима уреди во летните месеци. Првиот човек на „Регулаторна“ напомена дека потрошувачката на струја во најтоплите месеци од годината се движи кон израмнување со количините што се трошат за време на греењето во зимските месеци.
Тој додаде дека лани на македонската берза за електрична енергија се истргувани за над 41 отсто мегаватчасови повеќе во однос на 2024. ЕВН Хоум има шест пати повеќе набавено на берзата струја како универзален снабдувач.
За 27,7 отсто е зголемено производството пд фотоцентрали, хиперпродукцијата значи дека во иднина оваа енергија ќе се извезува на европските пазари кога ќе се интегрираме во нив, наведе Ристов.
А кога ќе биде тоа?
Она што паѓа во очи е дека се прави чекор кон задоволување на апетитите на оние кои се директни продавачи на струја, најчесто по пат на мини-хидроцентрали. Тоа се оние објекти што најмногу ја загадуваат човековата средина и водат кон постојани протести на месното население на терените каде се градат. Во исто време имаат обезбедено во тарифникот простор тие да добиваат највисока цена по продаден киловат и на истите купувачи како и сега, па оттаму им е доста битно оваа богата социјална групација да има свој човек во Регулаторна. Меѓу нив секако спаѓа и премиерот Мицкоски кој иако ги продаде своите четири мини-хидроцентрали секако не е индиферентен кон состојбите на релација „купи – продај“ на пазарот. Тарифните правила се секако трн во окото на оние кои во периодов сакат да продолжат со ефективната позиција на ексклузивни продавачи на енергија и на кои им пречи социјалната политика која се проценува во нормалниот свет како правична.
(Р.Г.)




