БОРКО ЗАФИРОВСКИ
Како по долгите опсади на Византија или по молневито тивкиот, застрашувачкиот упад на талибанците со сите други племенски заедници, во Кабул и на целиот Авганистански релјеф, станавме сведоци како „номадска“ политичка окупација функционира кај нас, а регионално-на Балканот
За сите историски циклуси има одговор и толкување, далекусежно во историјата, или кој милува брзо, во блиската дневна политика, ако умее да ја толкува. Наместо весели и торжествени ритуали околу најновото или дефинитивно закопување на (закопаната) ВМРО со неприфатлива, несоодветна придавка ДПМНЕ, која требаше да не се формира во разумна средина заради само-спротивставеност на сите букви и значења, но бидна во некои загушливи канцеларии уште во осумдесеттите кога „УДБА“ сфати дека ниту еден „водач“ не е со капацитет или интелигентна визија за некаква организација, а само губи време во истражните разговори со разочарувачки потпросечни „лидери“, како Богдановски и слични – па ги пушти да шетаат. Едноставно, сите информации стануваа јавни откако кај домаќинот на ресторанот „Ново Скопје“, сред центарот на Берлин, беа угостувани и баби и жаби, од естрадни до политички профили на СРМ/СФРЈ, како и комшиски душкала и секако под домаќински надзор на резидентна служба.
Глупоста, незнаењето и лошиот, примитивниот вкус ја крстија таа мешавина од плуралистичка група и властољубиви кариеристи – како што ја крстија, а секако со амин на разни „удби“, кои ги испуштија конците оти немаше логика, ама стасаа пари.
Сега, кога се бараат волшебни поуки и реанимација за освежување на државотворната партија, со свој континуитет и фундаментални заслуги меѓу кои се членството во НАТО, разоткривањето на прислушкувања, шпиунажи и ѓубрето од капитал, што очигледно им пречи на папигите во белата палата, и ФСБ експозитурите во новиот Офицерски, со придружен хотел, Самсоненко бренд и обука, СДСМ има внатрешна и меѓународна обврска да ја консолидира политичката клима, да ги заштити стручните кадри а да си ги процени дел од „бела комика“ театарот на површни и промашени „фини“ луѓе, како и групите на пациенти без или со образование. Но, насилни глувци за кои се вели „наш човек“, ги има низ сите кабинети, ама го нема, на пример Сојузот на борци, писатели или има трансфер на Драмски и музички уметници низ сите национални установи. Само кулиси и Потемкини ѕидови и села. Кланови од членство на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Ако се додаде и косовската драмска секција, ќе се вратиме на поставеното описменување. Анафалбети.
Оваа провала мора да се решава со особени методи и здрав разум, оти беше периферно по портали и фб, спомнувано за Ванчо Михајлов и Михајловистичка ВМРО ама тоа одамна е апсолвирано како тема за ловџии и риболовци.
За сериозни луѓе подобро е да најдат пат до знаење и расудување, или што викаше (горделиво) Б.Ц, не бараме помош, ама не ни одмагајте.
Нашите премрежиња се насекаде низ Балканот а тие, по Балканските војни добиваа и свои специфики во средините каде што заживување автономност и самосвест. Стравот од тие појави изведуваше постојани репресии, но и проекти за блага денационализација. Во таа папка е и формирањето во Бугарија на Таа ВМРО, Михајловистичка, чиј пандан беше последниот обид за нетерористичка, туку лево ориентирана и демократска, Обединета.
Ја членуваа активисти од левите партии, како и дел од граѓанската емиграцијата, еснафи и дејци во културата и образованието. Влахов, Шатев, Зафировски…
Првично ќе заглавеа со идејата за атентат врз Ванчо Михајлов, а бил испратен за „електрификација“ на Рилскиот манастир, каде што било седиште на Михајлов, М. Зафировски, електротехник-журналист, кој проценил дека народот нема јасни ставови, а е постојано во страв од закани на Михајловисти штитеник од полицијата и финансирани од државата.
Набрзо Зафировски се враќа на средба со Обединета и започнуваат процес на гаснење на таква партија, со заклучок дека атак, атентат врз Михајлов е контрапродуктивен – ќе направи херој, нов македонски мит. Тоа е воедно став и на Коминтерната со која имало консултации а нивните врски со Георги Димитров како и со разузнавачките активности на советската НКВД, довеле до целосно реорганизирање и дистанцирање од вмровски теми и дилеми. Отпочнуваат прогони и судења на членовите на Об. што ја потврдува тезата за стапица.
Тоа ги потврдува плановите за што по големо културно и информативно делување, па излегуваат повеќе весници на Динев, Панов, Македонска земја на М.Зафировски (често со псевдоним Димитар Глигоров Заров). Тој воедно, 1936-та спроти Илинден излегува со уводник за формирање на културен кружок, што исто не им се допаѓа на властите, па после прогони, во 1938 г. со Вапцаров, Абаџиев, Жаров (Сматкалиев), Неделковски и други, се формира и редовно делува меѓу емиграцијата и жителите во Пиринска, МЛК, Македонскиот литературен кружок.
Значи, Михајлов и Михајловистичка остануваат игнорирани и подзаборавени. Откажан атентат, а зголемена културна и политичка пропаганда, го оставија тоа име и злоупотребата на ВМРО, на периферијата во која делуваа подземни сили и служби. Неговата долговечност преку Павеличевата НДХ, или прекуокеанските МП… потврди дека не беше вреден за внимание од ниеден фактор или служба. Ни за УДБА, освен можеби од Софија, до крај.
Ако се потсетиме: Данс макаброт од крајот на минатата година, што ја игнорираше Одата на радоста во Советот на Европа, што се обиде да го компромитира ОБСЕ, што уби дете, се тегне доследно од минатиот септември, во навидум не осмислен континуитет, но тој е „ковчегот“ на Јуриј Љубимов во „Хамлет“, подоцна во „Црнила“ на Љ.Георгиевски, или е и „Грузиското пиле“ од ресторанот до ФСБ (реконструиран со милиони), а во духот на Михаил Љубимов. Конечно, духот на Навални шета и понатаму а отровниот меч на Лаерт, предизвикува наш Хамлет.
Нашата реалност е во Европска дружина, а за таму треба голема, засилена волја и квалитетни луѓе. Без фрази и флоскули, без панаѓуски кампањи и високопарни мудрувања.
Прагматизмот на општеството и неговата култура се главниот удар кон целта, другото е промашување и трошење сила – во празно.