Во јавниот простор преовладува мислењето дека референдумот ја уназадува позицијата на земјава непосредно на почетокот на првиот скриниг до кој дојдовме на патот кон Унијата
Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува – е одговорот на евроамбасадорот Дејвид Гир за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за организирање референдум против Договорот за добрососедство со Бугарија
Европската Унија не гледа со наклонетост на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот со Бугарија. Евроамбасадорот Дејвид Гир, во интервју за „360 степени“, вели дека „добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, треба да се имплементираат во добар дух од сите“.
„Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува“, вели Гир.
Во првото интервју дадено по завршување на летните одмори и во пресрет на забрзување на скрининг-процесот, амбасадорот на ЕУ зборува за потребата од запазување на моментот со јулското отворање на преговорите, од обединување на сите домашни сили и фокусирање на заедничката цел – зачленување на ЕУ што е можно поскоро.
„Прашањето за уставни измени е суверена одлука што треба да ја донесе самата држава. Земјата веќе има добро досие за меѓуетнички односи, некои го сметаат за модел, така што, уставни измени дополнително би го засилило она што сте го направиле дсоега. Но, мислам дека повторно треба да се вратиме чекор назад и да се запрашаме – која е стратешката цел што земјата се обидува да ја исполни? Знаеме дека ова доаѓа од речиси целиот политички спектар – целта е пристапување кон ЕУ што е можно побрзо. И како што реков, тоа бара огромно инвестирање и вклученост. Ако тоа е стратешката цел и ако, како што рековте, за понатаму да се продолжи треба да се завршат уставни измени, а таква преземена обврска веќе постои, тогаш некој треба да се запраша – која е предноста да се продолжи по овој пат, дали тоа навистина ја унапредува агендата за ЕУ-интеграција? Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање“,
Говорејќи на оваа тема либералот Величковски трди дека иницијатива за референдум и противење на промена на Преамбулата е контрадикторна „принципиелност” за збунета пракса
„Мицкоски иницира референдум за Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Согласно Уставот кој принципиелно ни ја гарантира и непосредната и претставничката демократија.
Истовремено тој одбива неговата партија да гласа за дополнување на уставната Преамбула со Бугарите, Хрватите, Црногорците… кои живеат во Македонија.
– Накратко, ако беше за принцип, раководството на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата можеби ќе тераше иницијатива за референдум, но секако ќе ја поддржеше промената на Преамбулата за да го одразува етничкиот колорит и реалност на земјата – вели овој аналитичар и додава – принципиелно, ниту Македонците ниту Албанците, Бошњаците, Власите, Ромите, Србите, Турците до сега не се во Преамбулата поради меѓународен договор туку како реалност.
Наместо како досега несигурни меѓу себе и кон другите и зависни од правно-политички толкувања. Ниту лажно супериорни ниту снисходливо инфериорни, употребливи само за дневната политика од подрумите на Це-Ка во Скопје, Белград или Москва. Принципиелно, ова е темата и за неа допрва ќе зборуваме, тврди во својот Фејсбук статус Ивон Величковски
Референдумското прашање е апсурдно затоа што до сега во Македонија не познавам дека се случило во пракса да се поништи договор ратификуван од Собранието, па оттука се сомневам во искрените намери за референдум, односно дали се работи за искрена политика или повторно само гол популизам, рече денеска пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
„Скрининг процесот од утре започнува за пристапување на земјава во ЕУ, а денеска е одржан првиот состанок со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите кои што преговараат за пристапување. Формирани се преговарачки тимови, така што со спроведување на референдумот, државата наместо напред би направила чекори наназад. Неразбирлива е одлуката да се излезе со такво референдумско прашање ако се земе предвид дека токму ВМРО-ДПМНЕ, беше онаа која немаше ништо против при усвојувањето на резолуцијата за Западен Балкан, предложена од нивната сестринска партија- Европската народна партија на конгресот во Ротердам, во која се бара да се почитува и спроведува Договорот со Бугарија и добрососедските односи, потенцираше таа.
Таа додаде дека организирањето на референдум во време на енергетска криза е непотребен чекор, затоа што тоа ќе удри по буџетот на државата, а со тоа и по џебот на граѓаните. Според неа во моментов на отпочнати процеси не е потребно да има референдум, а истиот може повторно да предизвика големи поделби меѓу граѓаните, како и последици по однос на државата и успорување на процесот на нејзината евроинтеграција.
Пратеникот Боби Мојсоски вели дека внатре во ЛДП сè уште не дискутирале по однос на иницијативата за организирање на референдум, но лично смета дека референдумското прашање може да ги успори веќе отпочнатите процеси на евроинтеграција.
„Во моментот е потребно силите да ги насочиме кон менаџирање и решавање на енергетската и економската криза кои ни се пред прагот и сите заедно да се насочиме кон развој и брзо поминување на патот до целосна европска интеграција а не да заглавиме во лавиринти. Уставот во членот 118 е јасен: ,,Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон’’, вели пратеникот и генерален секретар на ЛДП Мојсоски.
Пратениците од ЛДП, инаку, во минатиот состав го поддржаа носењето на договорот за развој на добрососедските односи со Бугарија, оттука би било апсурдно од денешна перспектива да поддржат вакво референдумско прашање, изјави тој.
Уредникот на „Независен“ Љупчо Поповски тврди дека не треба да се биде некој ингениозен аналитичар, длабок и таинствен познавач на внатрешните работи во Внатрешната организација, за работите не ви бидат јасни ако не на прв брз поглед, тогаш сигурно на втор смирен преглед. Најавата на опозицијата за одржување референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија има многу мала врска со темата.
Главната работа што ја сака ВМРО-ДПМНЕ е ако може да испровоцира и одржување предвремени избори на истиот датум. Доколку и тоа не успее, барем два-три месеци да го држи членството и поддржувачите во некаква „младинска работна акција“ и тоа во време кога цела Европа е загрижена како ќе изгледа зимата. И како ќе може да се преживее. Во овие тешки месеци што претстојат, вмровскиот штаб и вмровските членови потписите на барањето за референдум треба да ги греат како боринче. Додека не се стопат снеговите. И да ја почнат новата сезона од сапунската опера која трае од 2017 година со еден ист наслов: Барање предвремени избори.
Речиси уште од првиот ден од изборите во јули 2020 година (на кои СДСМ и коалицијата освоија два пратеника повеќе) ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори и неговиот штаб и лидерот ја потрошија речиси целата своја енергија во образложувањето зошто се потребни тие. СДСМ и ДУИ им помогнаа со лошото справување, пред сѐ со корупцијата и промашувањата во првите шест месеци од корона пандемијата. Откако тие теми го стигнаа максималното ниво на искористеност на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ се врати на старата проверена тема од нивниот наратив – националните предавства и претставувањето себеси како единствен природен застапник и бранител на македонството. Бидејќи мислат дека само тие се повикани како единствените вистински претставници на македонскиот народ, сите други (партии, општествени групи, здруженија) се второстепени, третостепени во скалата која треба да го одредува македонството.
Токму тоа македонство преку референдумот треба да биде искористено како мамка за конечно Христијан Мицкоски и другите околу него да се обидат да стигнат до целта по која толку многу копнеат. Во овој момент, а и повеќе месеци подоцна, проектот да се стигне до успех на задолжителен референдум изгледа како политичка фатаморгана. Затоа што бројките се неумоливи. Според последното ажурирање на Избирачкиот список, Македонија има 1.824.000 гласачи. Значи, за еден задолжителен референдум да биде успешен треба да излезат 912.000. Во овој момент тоа изгледа како бројка која се граничи со фантазмагорија.