Берлин: евреите, христијаните и муслиманите под ист покрив
И покрај сите судири и предрасуди: христијаните, евреите и муслиманите градат заедничка верска куќа. Во центарот на Берлин е положен камен-темелник за „House of One“. Тука ќе има црква, синагога и џамија.
На локација во центарот на Берлин, на само неколку минути пеш од Форумот Хумболт и Министерството за надворешни работи, денеска беше положен камен-темелник за верски проект кој го привлече вниманието на светската јавност. Христијани, евреи и муслимани тука градат заеднички дом за трите монотеистички религии под името „House of One“ (Куќа на еден). Не затоа што некој тоа им го наложил „одозгора“, туку затоа што постојат луѓе кои веќе 12 години сонуваат за тоа. И оттогаш работат на остварување на тој сон.
„Овој проект е многу важен за градот Берлин“, вели Грегор Хохберг, евангелистички пастор кој работи на проектот од самиот почеток. „Разговараме едни со други веќе добри 10 години. Меѓу нас се евреи, христијани, муслимани, луѓе од различни вери или атеисти“.
На Берлин му се потребни вакви места, вели пасторот, на кои луѓето можат да разговараат, без оглед колку се различни. Хохберг тоа го нарекува „место на мирот“.
Повеќе од 800 години на тоа место стоела црквата Петри, а нејзината кула се издигала до небото, станувајќи и еден од симболите на Берлин. Во 1964 година, властите на Источна Германија ги расчистиле урнатините на високите ѕидови на црквата, оштетени за време на Втората светска војна.
За пет години над тие археолошки остатоци ќе биде подигнато камено здание „House of One“, со црква, синагога и џамија кои ќе бидат сместени околу централната просторија за средби и собири. Зградата треба да биде висока 40 метри и да стане симбол на заедништво. Планираните трошоци за изградба се 43,5 милиони евра и во поголемиот дел веќе се обезбедени.
За Осман Орс, еден од имамите вклучени во проектот, изградбата на објектот во срцето на Берлин е од посебна важност. Главниот германски град има повеќе од 80 џамии или муслимански молитвени простории, но ниту една од нив не е во срцето на Берлин – повеќето се во сиромашните квартови, Нојкелн, Вединг или Моабит.
„Тоа всушност ќе биде најцентралната џамија во Берлин“, вели Орс и низ насмевка додава дека „некои муслимани се губат барајќи на Гугл џамија во центарот на градот“.
Три монотеистички религии под еден кров – и тоа истовремено додека цвета антисемитизмот, дури и меѓу младите муслимани. Се зголемува загриженоста поради верските судири во секојдневниот живот. За Хохберг, најновата ескалација на судирите меѓу Израел и терористичкиот Хамас во Појасот Газа која резултираше со серија инциденти во Берлин, покажува колку е важен проектот „House of One“.
„Овој проект покажува колку е важно да се разговара едни со други, да се разберат оние кои изгледаат поинаку, кои доаѓаат од други региони, кои веруваат во нешто поинакво. Тоа покажува и колку е важно да се бара дијалог со тие луѓе за да воспоставите врска и да запознаете други луѓе“, вели Хохберг. Доколку останеме во дијалог, вели тој, „многу сме сториле за соживотот и многу сме добиле. А токму тоа го правиме“. Повеќе години актерите на тој проект се собираат во посебни пригоди за да се молат, тагуваат или солидаризираат едни со други. Тоа се случи, на пример, по крвавите напади врз џамиите во Нов Зеланд, врз црквите во Шри Ланка, врз синагогите во Питсбург и Хале.
„Ние сме пријатели и се залагаме за тоа еден рабин, имам и пастор да стојат рамо до рамо. Екстремизмот не може да ја уништи ни верата, ниту мирот, но може да им нанесе штета“, вели имамот Орс. „За тоа прашање мораме нешто активно да преземеме“, вели тој.