Стотина автобуси на 26 мај треба да пристигнат во Белград на собирот што го организира српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неговата власт го најавува како најголем во историјата. Автобуси за собирот на Вучиќ нема да пристигнат само од Србија, туку и од Куманово, Скопје и други градови во Северна Македонија
Претседателот на едно од здруженијата, кое е регистрирано со седиште во зградата на Груевски, негира дека се организира превоз за собирот на Вучиќ, додека на телефонскиот број даваат информации и за местото на поаѓање, како и за тоа дека има бесплатни сендвичи и вода. Во Куманово, пак, советникот од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не негира дека на негова иницијатива се организира превоз за Белград на 26 мај
Стотина автобуси на 26 мај треба да пристигнат во Белград на собирот што го организира српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неговата власт го најавува како најголем во историјата, додека дел од јавноста го гледа како контрапротест, со оглед на масовните демонстрации на опозицијата и илјадници граѓани под слоганот „Србија против насилството“, а кои дојдоа по двете масовни убиства.
Автобуси за собирот на Вучиќ нема да пристигнат само од Србија, туку и од Куманово, Скопје и други градови во Северна Македонија.
Телевизијата Н1 направи репортажа од земјава по повод организацијата на превозот. Видеоприлогот започнува со кадри од киоск на кој се продаваат дел од весниците кои важат за провладини медиуми во Србија.
Потоа продолжува со здружение кое е еден од организаторите на бесплатниот превоз за 26 мај. Здружението е со седиште во зградата на поранешниот премиер Никола Груевски, а го носи името „Мир, слога, стабилност“ што, пак, потсетува на последниот изборен слоган на Вучиќ кој гласеше: „Мир, стабилност, Вучиќ“.
Иако претседателот на ова здружение пред камерата на Н1 негира дека организира превоз, на телефонскиот број оставен во огласот, пак, даваат детални информации за местото на поаѓање, за тоа дека има бесплатни сендвичи, вода итн.
Репортажата на српската телевизија опфаќа уште еден организатор на превоз за митингот во Белград, но овој пат од Куманово. Таму, како организатор се јавува Мирослав Тричковиќ, кој инаку е советник во Советот на Општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Прилогот на Н1 можете да го погледнете во видеото во продолжение (15 минути и 30 секунди):
Во продолжение пренесуваме и интегрален превод од репортажата:
Сончево утро, кафе и весници. Во понудата „Новости“ и „Курир“. Порано утрово имало и „Информер“, но веќе го нема бидејќи не сме во Србија. Велат, денеска е распродаден.
Добиваме еден примерок, да бидеме реални. Веројатно имало нешто интересно на насловната страница, па го купиле. Инаку, најмногу се продава ’Курир‘, па ’Новости‘ и таблоидите ’Скандал‘, ’Свет‘ и ’Стори‘“,
вели сопственик на еден киоск, Зоран Јанев.
Во Северна Македонија не е невообичаено да се читаат и гледаат медиуми од Србија. Изгледа не е невообичаено оттука да се оди и на политички собири во Србија. На интернет има повеќе огласи за бесплатен превоз за Белград на 26 мај.
Првата објава е од Скопје и води до оваа адреса:
Гордана Бјелетиќ – репортерка: „Обична станбена зграда преку улицата. Сепак, е многу позната. Во неа живеел некогаш најголемиот функционер во оваа земја. Никола Груевски од стан во оваа зграда исчезна и така избегна одговорност пред властите во Македонија“.
Со него (Груевски) замина и порано вообичаеното големо обезбедување. Новите комшии се здружението „Мир, слога, стабилност“.
Претседателот на здружението ден претходно рече дека патува во Охрид, па дојдовме само да направиме кадри со камерата, завршивме и тргнавме да си одиме. На двострано изненадување, од другата страна на улицата сепак се сретнавме.
Н1: Добар ден. Ви се јавив според договореното во 12 часот.
Димитрије Недиќ (претседател на здружението): Верувајте сега стигнав и одам за Куманово.
Н1: Добро, само кратко кажете ни околу организацијата. Каква е организацијата, колку автобуси ќе има, колку се пријавиле?
Недиќ: За која организација?
Н1: За 26 мај. Тоа што го организира вашето здружение.
Недиќ: Ние немаме никаква организација.
На телефонскиот број што го оставиле за пријавување за патувањето што „не го организираат“ го рекоа следното:
„Од паркингот кај ‘Ист гејт’ е поаѓањето. Превозот е бесплатен. Имате обезбедено вода и сендвичи. Митингот е закажан за 18 часот, а колку ќе трае не знаеме“.
Уредникот во ТВ 24 вести го замоливме за помош да ни приближи што се знае во Македонија за оваа и другите организации што организираат превоз на митинг.
„Очигледно е дека се нови и се направени наменски, за да се постигне нешто. Тоа очигледно е обид да се мобилизира српското население во Северна Македонија, да се мобилизира за Вучиќ бидејќи тој веројатно се претставува како ексклузивен претставник на српскиот народ и дека тоа е единствен начин да се поддржи Србија“,
вели Сеад Ризвановиќ, уредник во ТВ 24 вести.
Гордана Бјелетиќ – репортерка: „Има вода и има сè, се слушна во разговорот. Значи, има организација иако негираат. Сега одиме во Куманово, таму исто така организираат превоз и не го негираат тоа“.
„Ова е лично моја иницијатива која ја покренав затоа што во Куманово има многу државјани на Република Србија кои гласаат на избори. Овде последните избори покажаа дека има многу, и формирано е изборно место овде покрај тоа во Скопје. Што се однесува до резултатите, претседателот Вучиќ доби најмногу доверба од граѓаните кои гласаат во Куманово и Скопје, повеќе од 90 отсто“,
вели Мирослав Тричковиќ кој е советник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оние што организираат и оние што „сè уште не организираат“ како причина за патувањето за Белград на 26 мај го наведуваат истото:
Тричковиќ: Претседателот Александар Вучиќ.
Недиќ: Ние едноставно му даваме поддршка на оној кому му верува членството кое е во Македонија.
Поддршка за Вучиќ – така овде ја препознаваат целта на собирот.