ФАТМИР БЕСИМИ
На денешен ден пред триесет години, 25 февруари 1993 година, нашата држава станува членка на Светската банка, односно дел од глобалното партнерство од 189 земји за намалување на сиромаштијата и градење на заедничка просперитетна иднина. Во изминатите 30 години Светска банка беше наш партнер во развојот на нашето општество и економијата
Групацијата на Светска банка беше наша поддршка во секој чекор кон градењето на функционална пазарна економија – од јакнењето на капацитетите преку финансиска поддршка на клучни капитални проекти до зајакнување на човечките капацитети. Сакам на почетокот на оваа колумна, која не е многу поврзана со соработката со Светската банка, туку повеќе се однесува на тековните случувања со домашните финансии, да изразам благодарност на Групацијата и на сите исклучителни експерти и професионалци кои дале свој придонес во развојот на нашата економија.
Меѓу големиот број на проекти вредно е да се спомене поддршката на Светската банка за јакнење на јавните финансии, особено проектите во фискалниот дел. Ќе се задржам на сегашноста и ќе го истакнам Законот за буџети и поддршката за воспоставување на единствената платформа во јавните финансии во која ќе се поврзат сите системи – ИФМИС. Уште една многу значајна тековна соработка со Светската банка е изработката на Прегледот на расходи (Expenditure Review), кој ќе даде многу важен придонес во реализација на нашите заложби за фискална консолидација (постепено намалување на јазот помеѓу приходите и расходите во буџетот, без притоа да се наштети на економскиот раст).
Тука ќе се осврнам на темата која во изминатите три недели беше многу дискутирана во јавноста. Таа се однесува на јавниот долг и бидејќи фискалната транспарентност и отчетност се највисоката форма на контрола на јавните финансии, во нивна функција ја ставам и мојата најнова колумна. Во текстот се осврнувам на планот за финансирање на долгот годинава, како и среднорочната стратегија за управување со долгот, вклучително и фискалната консолидација. Голем дел од бројките се веќе комуницирани, но верувам дека е секогаш добро „се да се стави на маса“ за да сите ја имаме целосната слика, каде сме и каде одиме.
ЈАВНИОТ ДОЛГ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗИ За три години, по неколкуте светски економски кризи, глобалниот јавен долг порасна за околу 12 процентни поени, додека јавниот долг кај економиите во развој забележа просечен раст од околу 10 процентни поени.
Нашата економија, мала и отворена, не е исклучок од она што му се случува на регионот и светот. По брзиот раст на јавниот долг 2008-2016 година, имавме стабилизација во 2016-2019. Но, со почетокот на пандемијата во 2020 година, јавниот долг се зголеми за 10 процентни поени. Наглото запирање на економската активност, како и потребата за финансирање на здравствените, економските и социјалните мерки, резултираа со продлабочување на буџетскиот дефицит, кој требаше да се сервисира заедно со старите обврски кои достасуваа за отплата. За време на пандемијата беа донесени шест пакети антикризни мерки во вредност од 1,2 милијарди евра, за ублажување на ефектите од кризата врз граѓаните и стопанството. Во извештаите на меѓународните финансиски организации беше забележано дека економските политики значително го амортизираа падот на економската активност и ефектите од кризата.
По надминување на првите ефекти од пандемијата, економијата започна да се отвора. Сепак, нарушените синџири на добавување, побрзото опоравување на побарувачката во однос на понудата и воениот конфликт во Украина, резултираа со нови економски кризи. Домашната економија започна да закрепнува од ударот од пандемијата, но целосното заздравување беше одложено поради новите шокови. Беа донесени нови мерки од страна на Владата во вредност од 760 милиони евра за надминување на ефектите од енергетската и ценовната криза.
Од 2020 година досега, донесени се антикризни мерки во вредност од близу 2 милијарди евра, со цел да се олеснат последиците од глобалните кризи врз економијата и граѓаните. Исто така, за трите години реализирани се капитални расходи од над милијарда евра, тековните обврски се редовно сервисирани, а претходно преземените долгови навремено отплаќани .
Во 2021 година јавниот долг од 59,7% од БДП се покачина 61%, додека на крајот на 2022 година јавниот долг се намали на 57,1% од БДП. Гледано во апсолутен износ, иако порелевантно е јавниот долг да се претставува како процент од БДП бидејќи ја одразува способноста на економијата да ги сервисира обврските, тој е зголемен за 2,1 милијарди евра.
Ова накусо е тоа што се случуваше со јавниот долг во изминатите три кризни години. Но, уште поважно прашање е кои се очекувањата и стратегијата за понатаму. Нашата главна цел е водење на здрави макроекономски политики, кои ќе бидат поддршка за економскиот раст, што подразбира и задржување на одржливото ниво на јавниот долг.
ОДРЖЛИВО НИВО НА ЈАВЕН ДОЛГ Пред да навлезам подетално во годишните, среднорочните и долгорочните стратегии и планови, мала дигресија за читателот во однос на одржливоста на јавниот долг и значењето за макроекономската стабилност и економскиот раст.
Нивото на јавниот долг се смета за одржливо доколку овозможува навремено сервисирање на обврските коишто достасуваат на подолг период. Тоа зависи од повеќе фактори, како нивото на буџетски дефицит/суфицит, стапката на раст на економијата, стапката на инфлација, степенот на развој на домашниот финансиски пазар, ликвидноста на меѓународниот пазар на капитал и сл. Оттаму, целите дефинирани во Стратегијата за управување со јавниот долг се финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, одржливо портфолио за непречена отплата на долгот, како и развој на ефикасен домашен финансиски пазар.
Пред повеќе од 30 години, кога во Мастрихт се постави фискалната архитектура на Европската Унија, горниот праг на јавниот долг за земјите членки беше утврден на 60% од БДП. Но сепак, тој не беше поставен како апсолутен лимит, бидејќи долгот на некои од земјите-членки (Белгија, Ирска и Италија), беше блиску или надминуваше 100%. Наместо тоа, поставен е лимит за буџетскиот дефицит до 3% од БДП, во насока нарегулирање на новото задолжување. Голем дел од земјите во ЕУ и еврозоната и денес имаат повисок долг во однос на Мастришкиот критериум. Впрочем, минатата година просечниот државен долг во еврозоната изнесуваше 95% од БДП. Сепак, нивниот долг е одржлив, односно економијата има капацитет да продуцира и непречено да го сервисира долгот. Во однос на Мастрихшките критериуми, се посочува дека тие веќе не соодвествуваат со реалноста, имајќи ја предвид временската дистанца кога се поставени и тековната состојба на долговите на економиите во ЕУ (Гаспар и Бути, 2021).
Има многу трудови и истражувања од економисти кои ја истражуваат врската на јавниот долг со економскиот раст. Еден од најцитираните е „Раст во време на долг“ на Кармен Реинхарт и Кенет Рогоф, кој претставува истражување врз основа на подолга серија податоци за јавен долг и БДП, при што заклучуваат дека стапките на јавен долг над 90% од БДП го успоруваат економскиот раст. Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, прагот од 70% нема да делува негативно на економскиот раст на овие економии.
Јавниот долг кај нас е под овие нивоа, иако во изминатата декада и пол тој има тенденција на раст. Од 2008 година, кога јавниот долг изнесуваше 23% од БДП, тој во континуитет растеше до 2016 година година кога достигна 48,8% од БДП, односно се зголеми за 25,8 процентни поени, односно се удвои. Следните три години долгот се стабилизира на ова ниво, за да, како што спомнав на почетокот, како резултат на кризата предизвикана од пандемијата, како и кај останатите економии, кај нас тој се зголеми за десет процентни поени. Во 2021 година има минимално зголемување на јавниот долг од еден процентен поен, додека во 2022 година тој се намалува и е на ниво од 57,7%. Да потсетам и дека од 2019 година, во насока на следењето на препораките на меѓународните финансиски организации и поголема транспарентност, во пресметката на јавниот долг почнува да се калкулира и негарантираниот долг.
Согласно буџетот за годинава, се проектира умерено зголемување на јавниот долг на 60,6%. Имајќи ги предвид обврските кои доспеваат за отплата, во 2024 година долгот ќе се зголеми умерено за 1,2 процентни поени, додека веќе од 2025 година се очекува постепено намалување на јавниот долг и нивоа под 60% од БДП во 2026 и 2027 година.
Очекувањата за намалување на јавниот долг ги темелиме на цврстата определба за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит со секој следен буџет преку рационализација на расходите и подобрување на наплатата на приходите, како и заложбите за сузбивање на сивата економија. Целта е буџетскиот дефицит на среден рок да се сведе под Мастришкиот критериум (под 3%), а без притоа негативно да се влијае врз економската активност.