Пожарите ги обелоденија пропустите во системот за управување со кризи, кој всушност е тешко да се нарече „систем“. Во истиот повеќе преовладуваат недостатоците отколку решенијата. Ова не е проблем создаден од последните избори до денес, туку состојба која се развива уште од стекнувањето на независност на земјата, и покрај обидите да се воспостави некаков систем за реакција и превенција
Огромните пожари кои ја зафатија земјата во изминатиов период изнесоа на површина многу нефункционалности во системот за управување со кризи и цивилната заштита. Прогласувањето на кризна состојба во времетраење од триесет дена веројатно ќе им овозможи побрза реакција на институциите во време на енормно високи температури, но нема да промени многу во поглед на готовноста, бидејќи ресурсите се тие што се. Најголем дел од опремата е застарена, недостигаат пожарникари, а и оние кои се во работен однос, претежно се повозрасни. Ова не е проблем создаден од последните избори до денес, туку состојба која се развива уште од стекнувањето на независност на земјата, и покрај обидите да се воспостави некаков систем за реакција и превенција.
Правната рамка за управување со кризи (кризен менаџмент) и цивилната заштита како нејзин составен дел во Република Северна Македонија, која го дефинира постоечкиот систем е иницирана во 2004 година преку усвојувањето на Закон за заштита и спасување.
Следната, 2005 година, Собранието го усвои и Законот за управување со кризи, кој по логика на нештата требаше да го дополни првично донесениот Закон за заштита и спасување и да ги опфати оние делови од материјата кои со него не беа уредени. Наместо тоа, Законот за управување со кризи донесе бирократизација на процедурите со кои треба да се решаваат итни кризни ситуации до бесконечност, заплеткувајќи го системот за кризен менаџмент во пајакова мрежа на тела чии надлежности се преклопуваат таму каде што најмалку е потребно, или каде што никој не е надлежен кога треба да е надлежен (на пример, и во двата закони има централни институции и за двете институции е предвидено формирање на кризни штабови, иако Центарот за управување со кризи воопшто нема законска можност да формира сили за заштита и спасување, туку тие се предвидени кај Дирекцијата за заштита и спасување).
На Дирекцијата за заштита и спасување и се определуваат и посебни обврски и задолженија во согласност со Законот за пожарникарството, кој е првично донесен во 2004 година и неколку пати подлежеше на измени и дополнувања, и кој делегира обврски и за општините и на републичко ниво, при што правниот статус на противпожарните единици, нивното финансирање и одржливост се неконзистентни и доведуваат до спорни ситуации кои најмногу се манифестираат за време на кризи.
Обврски од цивилната заштита се предвидени и со Законот за безбедност и здравје при работа (како што се изготвување на проценка од ризици и организација на вежби за спасување и евакуација и слично), а и со Законот за локална самоуправа, Законот за безбедност во сообраќајот и други закони. Во одреден степен, и Законот за внатрешни работи и Законот за одбрана навлегуваат во оваа проблематика, што на терен, за време на кризна ситуација предизвикува дополнителна тензија за тоа кој за што е надлежен и кој кому издава наредби.
Измените и дополнувањата кои следеа во деценискиот период по донесувањето на двата носечки закони, не беа од суштински карактер ниту пак беа креирани врз база на спроведена евалуација на системот за управување со кризи.
Ваквата правна состојба доведе до операционализација и ефектуирање на сериозни ситуации на терен, кои веќе се повторуваат циклично секоја година без поголеми промени во одговорот или било какво подобрување на состојбата, пред сè поплави и пожари. Врз основа на вака создадената конфузна правна констелација, се изработуваат и подзаконските правни акти во областа на цивилната заштита и кризниот менаџмент: правилници, упатства, програми, планови, проценки и слично.
Во тoј поглед основен документ е Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи. Првата национална платформа од овој тип беше донеена во мај 2011, а по подолг период новата беше донесена во 2019 година по што беше именуван и нов национален координатор за спроведување на истата, што само по себе претставува придвижување во секторот по подолг период на стагнација (нема податоци за евентуални активности во врска со досегашната имплементација). Уредбата со која се утврдува методологијата за проценка на ризици датира од пред десет години.
Ваквите стратешки и акциски документи кои се поставени на официјалните веб страници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи или не се ажурурани, или не кореспондираат ниту во временска рамка, ниту номотехнички, ниту квалитативно. Од самото таксативно набројување, како и од неусогласеноста на периодите, повеќе од очигледно е дека пристапот кон проблематиката на управување со ризици, ниту бил интегрален, ниту бил усогласен.
Во вака поставена констелација, тешко е системот за управување со кризи да се нарече систем. Повеќе преовладуваат недостатоците отколку решенијата, и затоа потребно е, кога зборуваме за негови реформи, да имаме предвид дека реформата тука ќе мора да претставува сосема нова инсталација врз база на искуство и најдобри практики прилагодени на локалниот и регионалниот контекст. Многу е лесно, како што тоа го прават најчесто стратешките документи, да се повикаме на параванот „адаптирање кон ЕУ и НАТО стандарди“ без да разбереме што всушност тоа значи, бидејќи во НАТО се и земји како САД, Германија и Турција, но и Албанија и Словенија.
На Република Северна Македонија ѝ е неопходен интегриран систем за кризен менаџмент кој ќе овозможи централизирано управување и децентрализирано извршување, како и развивање на капацитети во насока на постигнување на интероперабилност.
Интегриран систем за кризен менаџмент и цивилна заштита значи дека единствена централна институција ќе биде надлежна за донесување на одлуките, планирањето на одговорот и превенцијата и сите прашања кои се од значење, а задачите ќе се извршуваат заеднички со сите заинтересирани страни.
Интегриран систем за кризен менаџмент е стандардна практика преку која се интергрираат цивилната заштита и управувањето со кризи.
(повеќе на оваа тема од авторката може да се прочита на https://respublica.edu.mk/mk/blog/republika-vo-plamen)