Последниот пад во рангирањето на Република Македонија го отсликува негативното влијание на политичката криза, меѓутоа, и претходните резултати главно покажуваа слабости на истите полињаа што се нотирани
СИЛВАНА МОЈСОВСКА
Во најновиот Извештај за глобална конкурентност (2018) на Светскиот економски форум (СЕФ), Република Македонија се наоѓа на 84-тото место (од 140 земји) според глобалниот индекс на конкурентност, со вредност на индексот 56,6 (од можни 100). Ова претставува значителен пад споредено со 68-мото место (од 138 земји) во 2016 година и најдобриот ранг од 2015 година, кога Република Македонија беше на 60-тото место (од 140 земји) и беше позиционирана пред сите земји од регионот, вклучително и Хрватска. Во 2018 година, освен Босна и Херцеговина (90-то место), земјите од регионот се рангирани пред Република Македонија, односно Србија, Црна Гора и Албанија се наоѓаат на позициите 65, 71 и 76, соодветно.
Извештајот за глобална конкурентност преку големиот опфат на земји обезбедува споредбени индикатори добиени според иста методологија кои овозможуваат да се согледа позиционираноста на земјата во однос на другите. Во услови кога конкурентноста паѓа, а таа треба да биде конечниот резултат од економските политики на земјата, анализата на овој Извештај е корисна. Последниот пад во рангирањето на Република Македонија го отсликува негативното влијание на политичката криза, меѓутоа, и претходните резултати главно покажуваа слабости на истите полиња нотирани и во последниот Извештај.
Светскиот економски форум ја дефинира конкурентноста како „збир од институции, политики и фактори што го определуваат нивото на продуктивност на земјата“ и согласно тоа, „конкурентна економија е таа што е продуктивна“. Оваа дефиниција е преточена во гореспоменатиот индекс на глобална конкурентност кој претставува пресметана вредност од 12 комплексни индикатори (кои вклучуваат вкупно 98 показатели). За поодделните индикатори/показатели што се коментираат подолу е наведен и рангот на Република Македонија од опфатените 140 земји. Податоците врз основа на кои се пресметуваат индикаторите/показателите се добиваат од базите на податоци на етаблирани меѓународни организации и преку стандардизирана анкета на раководни лица во компании во националната економија. Оттука, резултатите вклучуваат и перцепција на бизнис секторот за деловното опкружување и конкурентноста на земјата.
Од 12-те индикатори, Република Македонија е најслабо позиционирана во однос на следните четири: големина на пазарот (109), пазар на производи (107), способност за иновирање (98) и институции (85).
Во првиот индикатор има два композитни показатели: вредноста на БДП според паритетот на куповната моќ (115) и увозот како процент од БДП (18). Овие два показатели покажуваат дека и покрај изразената трговска отвореност на земјата (висок ранг во однос на увозот), куповната моќ во земјата е ниска, што ја прави неатрактивна на глобално рамниште. Потребен е многу силен раст на БДП во подолг временски период за да има извесен напредок кај овој индикатор.
Вториот индикатор се однесува на факторите кои ја детерминираат конкуренцијата на пазарот на производи и услуги. Тој е добиен како композит од осум показатели, при што Република Македонија има најслаб ранг во следните четири: штетен ефект на даноците и субвенциите врз конкуренцијата на пазарот (109), опсег на пазарна доминација (124), конкуренција во областа на услугите (119) и нецарински бариери во трговијата (99).
Третиот индикатор се однесува на способноста за иновирање, мерена преку десет показатели. Од нив, Република Македонија е најслаба во однос на соработката помеѓу засегнатите страни (126), софистицираноста на купувачите (119) и состојбата на кластерите во земјата (108). Интересен показател е ниската софистицираност на купувачите, кој покажува дека кај македонските купувачи основен фактор за купување е ниската цена, додека техничките и другите карактеристики на производот помалку се земаат во предвид. Тоа се рефлектира во помал капацитет за апсорпција на иновации на пазарот, што посредно се одразува и на мотивираноста/способноста за иновирање.
Четвртиот индикатор се институциите. Од вкупно дваесет показатели во рамките на овој индикатор, Република Македонија е најслабо рангирана во однос на следните осум: заштита на интелектуалната сопственост (133), организиран криминал (131), правна рамка за решавањето на спорови (129), правна рамка за оспорување на правната издржаност на владините активности или одлуки (од страна на приватниот сектор) (129), независност на судството (128), имотни прашања (126), стандарди за ревизија и репортирање (122) и идна ориентација на владата (120). Коментар за овие показатели не е потребен, имајќи предвид дека најголемиот притисок од ЕУ се однесува на реформи во правосудниот систем и јавната администрација.
Другите индикатори во рамките на индексот на конкурентност се: инфраструктурата (80), усвојувањето на ИКТ (70), макроекономската стабилност (70), здравството (71), вештините (81), пазарот на труд (78), финансискиот систем (80) и деловната динамика (57). Во однос на овие индикатори, исто така, потребно е подобрување, посебно на патната и железничката инфраструктура, квалификациите на кадарот, можностите за наоѓање на квалификувана работна сила, примената на критичко размислување во наставата, соработката помеѓу вработените и работодавателите, како и расположивоста на капитал за вложување и форми за финансирање на мали и средни претпријатија.
(Ова е издвоен дел од текостот објавен во Рес-публика)