Како небо паднато европско здание во Румелија, на Балканот, во една мала турска касаба
МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
На многумина не им се верува како „Сарајот“ единствено „европско“, здание, на почетокот на минатиот век, паднало на југ од Дунав, во некогашната Румелија, на југозападниот Балкан и тоа во една мала турска касаба каков што во почетокот на 20. век бил Ресен или како што Турците го викаат Ресне.
Но каде е можеби одговорот и симболиката: Неговиот градител ресенчанецот Ахмед Нијази бег со чин мајор (некаде стои и потполковник) е еден од водачите на Младотурската револуција, школуван на воена академија во Стамбол. Нешто ново тргнало во промените на османлиската империја токму од Ресен. Ресенскиот Сарај како, во тоа време, импозантен репрезентативен пример на неокласичниот односно францускиот неоренесансен стил во архитектурата, всушност, симбол на зачетоците на модерната турска, европска држава.
И не случајно многу често последниве години ќе видите бројни автобуси со турски туристи кои сакаат да го видат ресенскиот Сарај и да се потсетат на еден од водачите на Младотурската револуција од 1908 година, кого го гледаме на слика и со Јане Сандански.
Инаку, Сарајот се градел седум години, започнат во 1906, а завршен во 1912 година, кога османлиската империја е на самиот залез и го напушта и Балканот, па и Ресен заедно со Сарајот. Нијази бег не дочекал неговиот објект да биде довршен. Пред самото завршување на изградбата бил убиен во 1912 година во Драч.
Преспанскиот хроничар Кирил Јоновски од Претор во својата прва и единствена монографија за Преспа пишува дека гредите за објектот ги носеле Kојнцкари со своите рибарски чунки од Пречна планина, од Којнско до Сирхан, а, пак, мермерот е носен од месноста Плочине, кај селото Болно. По реконструкцијата од 1982 и реставрацијата од 2005 година, наскоро покривот на дворецот на Нијази бег повторно ќе се санира за да може да опстојува уште многу години како споменик на една епоха од историјата на Преспа.
Од самата изградба, почнувајќи од Балканските и Првата светска војна, поранешното кралство Југославија и во повоедниот период, ресенскиот дворец се користеше или како седиште на воена или локална власт, а во него последно заврши – Собранието на општина Ресен. За да може Сарајот да се претвори во споменик и седиште на културни дејности, во осумдесеттите години во Ресен започна да се гради нов објект на седиштето на општината, но инвестицијата се водеше под името „Дом на културата“ за да можат да се користат средства од ФНП и РФНП. Така неколку години во Ресен се градеше „Дом на културата“, за потоа во оваа наменски градена зграда, да се всели општинската управа. Во секој случај, ова прекрасно здание останува заштитен знак на Ресен и како седиште на Домот на културата „Драги Тозија“ во кој се наоѓаат и галериски поставки на Ресенската керамичка колонија и на сликарката Кераца Висулчева.