Поднесената иницијатива на ВМРО ДПМНЕ за референдумско изјаснување за договорот со Бугарија од пред пет години (!) ја подигна и онака прегреаната политичка атмосфера во земјава иако јавно не предизвика доволно релеватни коментари и анализи. Ви предлагаме да погледнеме неколку од нив
Со последната одлука на ВМРО ДПМНЕ дека дефинитивно ќе иницира задолжителен, правно обврзувачки референдум, ова плебисцитарно изјаснување брзо стана тема број еден на домашната политичка сцена. Се поставуваат неколку суштински прашања – дали ни е потребен референдум, каков е можниот исход, и се разбира, какви би биле последиците од референдумот.
Во оваа фаза, аналитичарот Петар Арсовски мисли дека потребата од референдумот е дискутабилна. Македонија нема план Б освен ЕУ, вели тој, а претставниците на меѓународната заедница се прилично јасни дека без исполнување на договорот со Бугарија нема продолжување на тој пат. Оттаму, прашањето е зошто ни е потребно ова мачење на нацијата, зашто референдумот ќе биде токму тоа – мачење, повторно преживување на сите болки и фрустрации од компромисите кои бевме приморани да ги направиме; наративот ќе се поврзе со се уште живиот отпор и против Преспанскиот договор, и така натаму.
Од друга страна, мислио Арсовски, ние мораме да одржиме функционална демократија, а очигледно е дека значаен дел од граѓаните имаат сериозни забелешки, па и се противат, на договорот со Бугарија. Игнорирањето на тој отпор не е здраво за нацијата на долг рок. Опонентите на овој компромис можеби треба да имаат фер шанса да го искажат своето мислење, и низ демократски процес да добијат можност за некаков алтернативен курс од овој, по кој во моментов се движиме, заклучува аналитичарот.
Тој потоа продолжува во стилот – кој губи, а кој добива?
Проблемот е, секако, во начинот на кој се предвидени ваквите задолжителни референдуми во нашиот правен систем. Задолжителен референдум, кој би требало да има правно дејство, има најмалку две нужни карактеристики – првата е дека мора да биде така формулиран да создава императивно дејство – односно успешниот референдум недвосмислено да ги обврзува пратениците на некаква конкретна акција (во овој случај поништување на законот со кој се ратификува спорниот дел од договорот со Бугарија); втората карактеристика – која е врзана и за политичките последици од ваквиот референдум, е што тој е валиден само ако е успешен, односно е бинарен. Во таа смисла, успешен референдум предизвикува правно дејство, но неуспешен референдум не го предизвикува обратно правно дејство, туку е ништовен.
Така, ако на распишаниот референдум мнозинството се изјасни за поништување на договорот, тоа би ги обврзало пратениците на таква акција, но неуспешен референдум нема да го обврзе приредувачот (во случајот ВМРО ДПМНЕ) на обратната акција. Дури и ако, теоретски, на распишаниот референдум, излезат над 50% од гласачите, и мнозинството гласа против – значи ако се исполнат условите за успешен референдум во обратен правец од намерите на приредувачот – тој исход е ништовен, односно не би го обврзал ВМРО ДПМНЕ да го прифати договорот. Така, постоењето на референдумот не е фер позиција- Мицковски нема што да изгуби– зашто, ако успее референдумот, власта мора да го поништи договорот со Бугарија, но ако не успее, Мицковски нема обврска да го прифати.
Така се враќа во игра прашањето за целисходноста на ваквиот референдум. Имено, за успешен референдум прагот е исклучително висок (најмалку 910,000 излезени, најмалку 50% + 1, да гласаат „за“), па така, без активна поддршка од двете најголеми македонски партии, најверојатниот исход е неуспешен, односно ништовен референдум. Но, неуспешниот референдум нема да предизвика правни последици, а најверојатно, ни политички: тешко е да се верува дека ВМРО ДПМНЕ би толкувало неуспешен референдум како мандат од граѓаните за прифаќање на договорот со Бугарија. Така, се враќаме на почеток – екскурзија од неколку месеци и потрошени средства – за резултат кој не остава во истата позиција како и референдум да не се спроведе воопшто. Ова особено што кај опозицијата не постои наратив како ќе ги усогласат нивните две прокламирани, но спротивставени тези – за ЕУ, но против механизмите кои не носат таму.
Во овој случај се актуелизираат политичките последици од референдумот. За ВМРО ДПМНЕ постојат и позитивни и негативни страни на ваквиот настап. Позитивните страни се, секако, што немаат што да изгубат: ако успеат – победиле, ако не успеат – не изгубиле. Најмалку, референдумот ќе ги мобилизира нивните гласачи, ќе ги собере на куп околу еден наратив (колку и да е тој проблематичен во смисла на евроинтеграциите), а партијата ќе им ја одржува во висок степен на готовност. Во таа смисла, овој потег е за нив добар.
Но, со ваква платформа, тие истовремено релативно јасно се поставуваат (без оглед на нивната мантра) против курсот за кој цела ЕУ вели дека е единствениот правилен. Овој опозициски наратив, може да ги направи толку радикални, што ќе станат невозможен избор за нова власт, без оглед на резултатите на наредните избори.
На крајот, политичкиот исход ќе се прекрши кај номинираните уставни измени. Ако референдумот помине со најверојатниот исход – а тоа е огромен дел од излезените гласачи да се за поништување на договорот (бидејќи само оние кои се „за“ имаат реален мотив да излезат), но референдумот да биде ништовен, односно да не го собере потребното мнозинство, ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на истата дилема која ја има и сега: дали да ги поддржи уставните измени, или да остане единствениот причинител што Македонија нема да ги отвори поглавјата за преговори со ЕУ. Имајќи предвид дека уставните измени се релативно бенигни, и претставуваат помал дел од цената (поголемиот дел веќе е платен), за ВМРО ДПМНЕ тоа ќе биде политички тешка ситуација: брендирани како анти-ЕУ, со неуспешен референдум, под силен политички притисок за прифаќање на уставните измени. Таа дилема ја имаат и сега, со или без референдум, смета Арсовски.
На панел дискусијата на ЦИВИЛ „Зад димната завеса: со референдумот или на него“, (која се одржа на 7 септември 2022), правниот експерт и долгогодишен гласен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Костов, немаше добро мислење за иницијативата за референдумот, бидејќи, според него со оваа иницијатива ВМРО-ДПМНЕ си влегуваат во стапица, односно во замка.
Тој истакна дека не би одел веднаш на референдумското прашање.
„Не би дозволил ни крив ни должен да влегувам во една правна кал. Прво би рекол – дали ни е потребен референдум за оваа работа која веќе е ‘лански снег’. Во 2017 година овој Договор се потпиша. Овој договор направи поделба по вертикала и по хоризонтала во нашето општество“, вели Костов, меѓу другото.
Според Костов, сите политички партии се наоѓаат во стрмоглав пад.
„Тоа го видовме на овие спорадични локални избори, тоа го видовме на последните парламентарни избори. Процентот на излезеност се намалува. Ние имаме лош контекст за референдум, бидејќи имаме висок референдумски цензус. Кога ќе видите дека освен првиот референдум, сите други референдуми или иницијативи ни се неуспешни, јас се плашам дека повторно ќе имаме неуспешен референдум“, нагласи Костов.
Референдумот треба да биде израз на врв на демократија. Но забораваме дека на локално ниво имаше неколку референдуми. Имаше во струмичко за рудниците, имаше во Центар и мене ми се помили тие референдуми, каде се применува директната демократија. Мислам дека секојдневниот живот е побитен од сите овие прикаски што ни се вртат веќе 30 години и од кои што не можеме да се ослободиме, вели меѓу другото новинарот Столе Наумов на панелот на ЦИВИЛ „Зад димната завеса: Со референдумот или на него“.
Според него, лошо е кога референдумот е алиби за неодлучни и нерешителни политичари.
-Ако беше проблем Договорот со Бугарија во 2017 година место да се напушти Парламентот, можеше на пример да се направи филибастеринг и слично, изјави Наумов.