МИХАЕЛ РОТ
Сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста. Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни
Да, мораме да ја реформираме Европската унија (ЕУ)! Но, задоцнетото продлабочување на ЕУ не е спротивно на нејзиното проширување. Поголема ЕУ, која истовремено е поспособна за делување, посуверена и подемократска, може да создаде повеќе сигурност за нејзините граѓани. Затоа и претседателот на ЕУ-Комисијата во заминување Јункер е потполно во право: „историска грешка“ е што шефовите на државите и на владите на ЕУ на 18 октомври одбија да дадат зелено светло за предвиденото започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Неуспехот е поради потребната едногласност. Повторното одложување на позитивниот вотум предизвика збунетост, и на Балканот и во ЕУ. Бидејќи ЕУ стои зад својот збор: двете земји ги исполнија условите зададени од ЕУ. ЕУ-Комисијата ова одамна го потврди во нејзините извештаи.
Наша приоритетна цел мора да биде, да се направи сѐ на Западен балкан за мир, помирување и демократија. Бидејќи регионот не е „заден двор“ на европската куќа. Тој е „внатрешниот“ двор! Стабилизација и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес. Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа полето го препушта на други актери како Русија, Кина или Турција. И нивниот примарен интерес сигурно не е засилување на демократијата и владеење на правото.
Позитивната одлука би го испратила потребниот сигнал: ЕУ е сериозна со нејзината одговорност за цела Европа и пристапната перспектива за Западен Балкан. И би оддала признание дека Албанија и Северна Македонија дале одличен резултат и консеквентно ги спровеле реформите. Во двете земји, граѓаните и владите секогаш одново докажуваа дека се подготвени да направат болни компромиси за да се приближат до ЕУ. Повеќекратното одложување масивно ѝ штети на веродостојноста на ЕУ. Во регионот тоа ги засилува оние сили, кои немаат интерес за реформи и напредок. Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев веќе го најави своето повлекување како и нови избори во април. Се заканува враќање на национализмот и појавување на старите рани и етнички конфликти.
Тоа што започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна доживеа неуспех поради отпорот на поединци, е горчлив пораз. Но, сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста. Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни. Во меѓувреме, Северна Македонија и Албанија мора ангажирано да продолжат со своите реформски напори. Тоа е најдобриот сигнал до сите скептици. Истовремено, ние во кругот на ЕУ мора да ги завршиме нашите домашни задачи и да разјасниме како може да се отстрани резервираноста на поединечни држави-членки.
ЕУ одамна ја научи својата лекција, дека во поранешните рунди на проширување на места прерано дала зелено светло. Методологијата на пристапните процеси ја преработивме и во меѓувреме ставаме силен фокус на демократијата и правната држава. Во следните месеци треба и понатаму да се интензивира соработката со двете држави. ЕУ не е доволно видлива на Западен Балкан. Новата ЕУ-Комисија мора конечно да му даде приоритет на регионот! Притоа, можеме да ги поддржиме со експерти за консеквентно да ги придвижат реформите. И во рамките на берлинскиот процес мора уште посилно да се ангажираме и да инвестираме повеќе во регионалната соработка.
Исто така, мора да ја засилиме Младинската организација на Западен Балкан, за новата генерација да ја придобиеме како амбасадор на мирот и помирувањето. Западен Балкан останува проба на издржливост за трајниот успех на мирот на европскиот модел. Нема да ја подобриме Европа со прекршување на нашиот збор.
(Авторот е германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи)