Не се намалува бројот од 160 илјади службеници, кој во една мала земја како што е Македонија е надвор од секаков нормален статистички параметар
СЕФЕР ТАХИРИ
Остануваат уште неколку месеци до денот кога Владата ќе ја одбележи половината од нејзиниот мандат. Граѓаните очекуваа многу повеќе на планот на заживување на реформите, затоа што ветувањата беа многу големи и убедливи. А секогаш кога постојат големи очекувања, разочарувањето, потенцијално, може да биде исто толку големо колку и очекувањата.
Нема Влада во Македонија, уште од онаа на Никола Кљусев па до оваа последната на Зоран Заев, што не е самопромовирана како реформаторска и која не ветила дека ќе биде фокусирана на развојот на земјата од економски, демократски и правен аспект. На премиери и министри, заедно со своите советници и други државни чиновници секогаш устата им е преполна со зборовите дека се за реформи, за да стигнат во фазата во која синтагмата „реформаторска влада“ станува бајата.
РЕФЕРЕНДУМ МЕСТО РЕФОРМИ Македонија и нејзините граѓани, односно поголемиот дел од нив, поминаа повеќе од една тешка деценија, во којашто преживеаја многу кризни моменти, политички притисоци, монтирани процеси и страв за иднината на земјата. Со оглед на тоа дека реформите беа блокирани или не се остваруваа со предвиденото темпо во еден релативно долг временски период, новата влада дојде со паролата „Нема правда, нема мир“ и со голема надеж дека ќе прави брзи реформи и заради јавниот интерес. Заев изјавуваше „Доаѓа ново време, време на реформи“. Дотолку повеќе, беше составен и многу фамозниот план 3-6- 9!
Наместо реформи, на Македонија ѝ се случи референдумот, и тоа не за какво било прашање, туку за името на државата, кое ја гарантира евроатланската иднина. Наместо државните институции да се бават со реформирање на судскиот систем и на обвинителството, на јавната и државна администрација, со борбата против организираниот криминал и корупцијата, со реформатирањето на здравството, образованието и медиумите, сета институционалната енергија на власта и на опозицијата се фокусираше кај референдумот за новото име на државата.
Остануваат уште неколку месеци до денот кога владата ќе ја одбележи половината од нејзиниот мандат. Граѓаните очекуваа многу повеќе на планот на заживување на реформите, затоа што ветувањата беа многу големи и убедливи. А секогаш кога постојат големи очекувања, разочарувањето, потенцијално, може да биде исто толку големо колку и очекувањата.
Заради сензибилноста на прашањето на името, со оглед на тоа дека се работи за едно круцијално прашање, реформите настрадаа во голема мера. Доколку во првата година Владата се оправдуваше со името и референдумот, а во овој процес беа инволвирани премиерот и три други министри, во иднина таа нема веќе ниту една „џокер карта“ за убедување на народот дека сака да прави поголем број реформи, но дека за жал тие ја избегнуваат приоритетната институционална агенда. Нема повеќе да бидат важечки ни оправдувањата од видот „режимот на Груевски, узурпација на државните институции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, прислушувањата од кликата на бившиот режим“.
РЕФОРМИТЕ ВО СУДСТВОТО ТАПКААТ ВО МЕСТО Не е превземен ниту еден одлучувачки чекор кој ќе го реформира судскиот систем. Кога сите очекувавме дека на најдобар начин ќе започне процесот на реформите во судството и дека ќе имаме барем малку правна држава, започнаа вообичаените проблеми од балканска природа. Министерството за правда започна да им прави опструкција на експертите.
Беше формиран Совет на експерти за реформи во судството, но тој не профункционира, иако владата изјави дека неговата работа е успешна. Целата оваа збрка заврши со формирање на нов совет, раководен од самиот премиер Зоран Заев, кој во исто време е и лидер на СДСМ, претседател на Владата, но и шеф на Советот за реформирање на администрацијата. Ова би значело дека ќе му недостасува време дури и по формулата на Груевски 24/7, којашто, треба да се нагласи, беше неефикасна и нефункционална затоа што повеќе наликуваше на политички маркетиншки трик.
Нема подобра илустрација којашто евидентира дека судството во Македонија е на ова дереџе, отколку фактот дека во Државниот судски совет седат луѓе кои немаат ниту еден ден работно искуство во судовите. Апсурдите во Македонија се бескрајни. Таа не е само земја на природните чудесии, туку и на општествените чуда.
Наместо длабоко реформирање, за да имаме ефикасни, агилни и политички независни судови, имаме судии кои, како што изјави и премиерот Заев, испраќаат СМС пораки во кои бесрамно ги нудат своите услуги! Достоинството заедно со професионалниот интегритет на судиите се топат во моментот кога ѝ се потчинуваат на власта.
Доколку анализираме како функционираат судовите и гледајќи ја коруптивната шема на судиите поврзани со политиката и со моќните луѓе облечени во костумот на власта, тогаш треба да се откажеме од Европа, којашто честопати останува длабоко зачудена со нашите потези, иако прави многу обиди да ѝ помогне на државата и на Владата.
Не се заборавени прислушувањата, во кои се слушаше дека судиите се избрани со политички диктат и со купување подароци. „Сваровски“ судиите продолжуваат да делат правда во Македонија, а граѓаните се молат да не бидат приморани да имаат работа со органите на (не) правдата во Македонија.
Не е случајно што во Последната стратегија за интеграција во Европската Унија, од Македонија, освен добрите добрососедски односи и решавање на спорот за името, се бара и функционирање на правната држава и владеење на правото, коишто и понатаму продолжуваат да бидат фикција. Македонија е во иста група со Албанија, но таму американскиот амбасадор Доналд Лу им рече на судиите да се изјаснат како си ги купиле рачните часовници коишто чинат над 10 илјади евра и додаде дека доколку земале мито во работењето треба да се откажат од својата професија. Кај нас, како и насекаде на Балканот, поголемиот дел од судиите се богати луѓе, а како што се чини, на намалувањето на корупцијата не влијаело ниту големото зголемување на месечните плати.
ПРЕОПТОВРЕНА И НЕЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА Колку блиску, или подобро колку далеку сме од Европа зборува однесувањето на еден дел од административците на шалтерите, полицајците, новинарите, медицинските сестри, наставниците и на многу други професии кои треба да му служат на јавниот интерес, а не на личните, партиските, групните или парцијалните интереси. Голем број административни работници, нормално не баш сите, ја восприемаат власта и позициите кои ги администрираат како индивидуална „сопственост“ и заради тоа кон граѓаните се однесуваат со ароганција, препотенција и со гледање од високо, на кои појави укажуваат и од канцеларијата на Народниот правобранител. Реформите во администрацијата чинат големи суми пари, но промената на односот, една насмевка на лицето кон обичниот граѓанин е голема реформа која треба да се случи и којашто не чини пари. Не се потребни ни ИПА фондови, ни ИПАРД или други европски фондови.
Честопати, па дури и за вообичаена работа, на експлицитен начин, а во голем број случаи и имплицитно, бараат мито и затоа Македонија е на прво место од балканските земји во извештаите на организациите за мерење на корупцијата. Во која и да е државна канцеларија или во која било државна институција да се обратат граѓаните, иако веќе не сме во комунизмот, но наводно сме во парламентарна демократија, се соочуваме со шалтери, коишто и физички го потчинуваат граѓанинот! На почеток им се потчинуваат на шалтерите, а потоа и на државните и јавните службеници. Со оглед на тоа дека се знае каков е менталниот склоп на еден дел од тие службеници – кои се вработени поради фактот што имале членски книшки од партиите на власт, а не поради знаењето, вредностите и компетентентоста, но и имајќи предвид дека дел од вработените се реликти на комунизмот и се` уште го немаат заборавено тоа што им го правеле на граѓаните, можеби е разбирливо, но не е и нормално, што граѓанинот оди со некаков страв во општината за да добие каква било потврда, во месните канцеларии за да земе некој документ или во полиција за да земе лична карта.
Ниту еден конкретен чекор не е превземен во реформирање на администрацијата. Старата практика продолжува, а во канцелариите се реализира токму спротивното од она што го вели премиерот Заев. Доколку неговата порака би се парафразирала, подтекстот би бил дека нема да се платат со месечни плати тие кои би го поминале работниот ден седејќи на Фејсбук или читајќи весници. Во голем број се административците, кои заради политичката афилијација кон ВМРО-ДПМНЕ, но и другите опозициски партии – Алијансата на Албанците и партијата БЕСА- крилото на Билал Касами се пасивни, не им се даваат задачи или одбираат да седат „надвор од играта“. Не се намалува бројот од 160 илјади службеници, кој во една мала земја како што е Македонија е надвор од секаков нормален статистички параметар. Се` уште не е завршена до крај систематизацијата на 1.600 административци вработени според Охридскиот договор, кои со добрата волја на Владата одмараат дома и добиваат месечни плати од буџетот. Ова не се случува во ниту една друга земја на ниту еден друг континент!
Би било апсурдно да се рече дека се е како во комунизмот. Има прогрес и ова е еден историски процес, затоа што веќе сме во 2018 година, а уште од 2005 година го имаме статусот на земја кандидат за зачленување во Европската Унија. Но Европа се` уште е далеку, многу далеку што се однесува до цивилизациските и прогресивните вредности. Европа како ориентација, како цел секогаш го еклипсира поведението на некои службеници, но исто така треба да се нагласи дека во администрацијата и другите органи има чесни девојки и момци кои административната униформа ја употребуваат за да бидат во функција на законот, за почитување на основните човечки права и слободи и дека не ја употребуваат својата позиција за да ги потчинуваат граѓаните.
ДО ЕУ ПРЕКУ БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА И КРИМИНАЛОТ
Администрацијата, полицијата, здравството, образованието, судството и многу други сфери треба на суштински начин да се реформираат за да ѝ се приближат поблиску до Европа. За да бидеме Европејци, треба сите ние да ги избегнуваме и да се бориме против коруптивните дејанија, треба да го пријавуваме криминалот, затоа што Европа не е мит туку реалност. Европа и европскиот систем ќе продолжат да бидат мит доколку владеењето продолжува да биде централизирано, односно ако власта биде концентрирана кај неколку индивидуи. За да се смени ова, треба да има „ветинг“ или прочистување на политиката и јавната сфера. Но, без реформи во изборниот систем ова катарза е речиси невозможна. Реформирањето на изборниот систем би значело избор на пратеници со отворени листи на кандидати, што претпоставува дека граѓаните ќе ги избираат најодговорните, најотчетните, најтранспаретните и највредните претставници на народот во законодавниот дом. Се додека лидерите на партиите ги избираат пратениците, демократијата ќе биде супституирана со „демократура“.
(http://respublica.edu.mk/blog/2018-12-24-09-23-04)