ДЕНКО МАЛЕСКИ
Дека прашањето е одраз на политиката на првиот претседател на републиката. Одраз на неговата визија сите републики на поранешната федерација да добијат статус на суверени и независни држави, така што ќе се спречи војната
Дебатата околу референдумското прашање никако да стивне еве веќе 32 години. Некои луѓе нешто сериозно ги мачи. Ги мачи вториот дел од прашањето, па се прашуваат што, всушност, „сакал да каже авторот“ кога напишал: „Дали сте за суверена и незвисна држава Македонија, а со право да се приклучи на суверени држави на Југославија“. Што сакал да каже „стариот лисец“, како пежоративно го нарекуваат првиот претседател на Македонија Киро Глигоров? Никако да разберат дека авторот сакал да каже токму она што го напишал.
Дека прашањето е одраз на политиката на првиот претседател на републиката. Одраз на неговата визија сите републики на поранешната федерација да добијат статус на суверени и независни држави, така што ќе се спречи војната и ќе се сочува соработката во форма на некаква конфедеративна асоцијација. Поумно, попаметно, поевропски и поцивилизирано, здравје! Кој му најде маана?
Се разбира, националисчки настроената јавност во Македонија, опседната од „вековниот стремеж на Македонците за своја самостојна држава“, која посакува да го нема вториот дел од прашањето, оној кој го спомнува сојузот со другите републики на Југославија. Сојуз кој, како што покажува тридецениската самостојност на нашата држава, ќе беше од наш интерес, како економски така и во односите со проблематичните соседи.
Националистите би сакале нашето референдумско прашање да гласеше како словенечкото: „Дали сте за тоа Република Словенија да стане незaвисна и суверена држава?“. Кратко и јасно, нели? Не разбираат дека вакво прашање беше можно само во етнички хомогена република со поволна географија. Географијата и демографијата на Хрватска, нивниот сосед, на пример, бараше нивното референдумско прашање да биде поинаку формулирано. Имено, референдумското прашање во Хрвтатска е долго и сложено, испишано во два параграфи. Условено е и од демографијата – бројното српско малцинство. Така, граѓаните беа повикани да одговорат на две прашања:„1.Дали сте за тоа Република Хрватска како суверена и самостојна држава, која гарантира културна автономија за и сите граѓански права на Србите и на другите националности во Хрватска, да може да стапи во сојуз на суверени држави со другите републики (според предлогот на Република Хрватска и Република Словенија за решавање на државната криза во СФРЈ?), 2.Дали сте за тоа Република Хрвтаска да остане во Југославија како единствена сојузна држава ( според предлогот на Република Србија и Социјалистичка Република Црна Гора за решавање на државната криза во СФРЈ?)“.
Уште поспецифична е нашата географија, демографија и историја на земја без излез на море. Ако се бара грешка во референдумското прашање тоа не е во барањето иден сојуз на суверени држави туку во фактот дека ја прескокнавме демографијата и не ги земавме предвид големите очекувања на Албанците од демократските процеси во Европа. На тоа тие одговорија со бојкот на референдумот.
Македонците, пак, безмалку едногласно се изјаснија „За“. Но, наш државен интерес беше да има разврска на кризата на конференциската маса која ја организира ЕЗ со поддршка на другите големи сили, САД и СССР.
Разврска која ќе произведеше мир, ќе го сочуваше пазарот од 20 милиони, ќе обезбедеше редовни координативни состаноци меѓу суверените држави и ќе не доближеше сите заедно до ЕЕЗ која дури беше спремна да им плати на југословенските народи само да не војуваат меѓу себе и да најдат мирно решение на кризата.
Значи, да заклучам, референдумското прашање во Македонија не беше ничја итроштина туку беше одраз свесно формулирана надворешна политика која на Конференцијата за Југославија, претставена од претседателот и министерот за надворешни работи, беше против војната и се залагаше за суверена и самостојна македонска држава во иден сојуз на самостојни и суверени држави: Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Иако Милошевиќ го отфрли предлогот, кој, патем кажано, стана предлог на самата Конференција за Југославија, таквата политика не легитимира во светот и ја обезбеди мирната транзиција на Македонија – од недефинирана територија на една поранешна федерација, во членка на ОН.
Зарем ова не е причина за гордост со својата држава?