Странските политичари не фалат: потребни се конструктивност, креативност и флексибилност. Македонската Влада е позитивна и креативна, а таква е и Владата во Атина, и затоа се гледа светлина на крајот на еден долг тунел. Нашите политичари укажуваат дека ниту регионот и континентот нема да биде безбеден ако биде поинаку
РЕДАКЦИЈА ГЛОБУС
Германскиот министер за европски прашања Михаел Рот минатата недела одржа прес конференција во девет часот претпладне. За новинарите тоа како да беше прерано – впрочем, во повеќето редакции се уште не се одржани утринските редакциски состаноци! Сепак значењето на оваа посета ја потврди и премиерот Заев, кој заедно со него дојде на пресот.
Рот веднаш истакна дека прашањето за името треба да се реши годинава или статус кво ситуацијата ќе продолжи со години. Има волја на двете страни и може да се стигне до заеднички прифатлив компромис. Медијаторот Матју Нимиц има клучна улога, но владите на двете земји се тие кои го водат процесот. Потребни се конструктивност, креативност и флексибилност. Македонската Влада е позитивна и креативна, а таква е и Владата во Атина, и затоа гледам светлина на крајот на еден долг тунел.
Ова го истакна државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев.
– Последните изјави ја потврдуваат волјата прашањето сега да се реши, и двете страни се подготвени за тешки компромиси. Германија дава целосна поддршка, рече Рот.
Порача дека не треба да се поставуваат црвени линии, а неопходно е да има и дијалог меѓу власта и опозицијата.
Рот го поздрави напредокот што го постигна Македонија во реформите и приближувањето кон ЕУ.
– Климата во земјата е значително променета, но неопходно е да продолжат реформите потребни за евроатлантското приближување и Македонија да остане на вистинскиот пат. Препораката од ЕК е резултат на заложбите на Владата. Германија ја поддржува европската перспектива на земјата и одблиску ќе ги следи извештаите за напредокот, изјави Рот.
Истакна дека владеење на правото е суштинско, тоа е задача на Владата, но и на сите во земјата, вклучително и опозицијата.
-Независно судство е клучно во борбата со корупцијата. Граѓаните мора да видат резултати, кажа Рот.
Тој ја поздрави работата и резултатите на СЈО и укажа дека е неопходно да се воспостави доверба во правните институции и да се расчисти случајот со прислушувањата. Рот го поздрави договорот со Бугарија и подобрувањето на односи со Грција.
Премиерот Заев изрази благодарност за германската поддршка. Нагласи дека Македонија во изминатата година направи квантен скок од заробена држава во функционална демократија во која се гради концептот „едно општество за сите“.
– За сработеното дојде чистата и безусловна препорака од ЕК. Остануваме максимално посветени на реформита, добрососедските односи и регионалната соработка. Целта ни е почеток на преговрите со ЕУ и покана за НАТО во 2018 година. Особено ни е значајно сознанието до кое стигнаа највисоките лидери на ЕУ дека доколку биде доведена во прашање иднината на членството во ЕУ тоа ќе ја доведе во прашање и безбедноста на регионот и на Унијата. Сепак, ние остануваме убедени дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментумот дека времето на РМ да и биде дадена европската перспектива е сега, оваа година. Сакаме да ја оствариме нашата просперитетна иднина со наш придонес секако и за посилна ЕУ, рече Заев.
Средби со странското мислење имаше за новинарите и на традиционалниот појадок со амбасадорите, организиран од вицепремиерот Бујар Османи, кој порача дека шансата не смее да биде испуштена
На денот кога се слави формирањето на Европската унија, Македонија ги предупреди земјите -членки дека постојат сериозни ризици, ако земјата наскоро не добие датум за старт на пристапни преговори за членство – нешто што Македонија го чека од 2009-та.
На традиционалниот појадок со амбасадорите, вицепремиерот Бујар Османи порача дека оваа година граѓаните очекуваат да биде клучна и историска, и дека шансата не смее да биде испуштена.
„Губењето на надежта за ЕУ и НАТО ќе придонесе младите и натаму да продолжат да ја напуштаат земјата, намалувајќи ја работната сила и можностите за развој и раст. Загубата на надежта исто така ќе предизвика силен замор од ЕУ и евроскептицизам, и ќе ги зголеми анти-НАТО чувствата. Поделеноста на населението по етничка, религиозна и социјална основа, ќе се продлабочи, што ќе предизвика ранливост на демократските институции“, изјави вицепремиерот Османи.
„Се надевам дека има шанси за време на бугарското претседателство Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, изјави во овој повод Иван Петков, амбасадор на Бугарија во Македонија.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека земјата за една година успеала да постигне импресивен напредок во однос на реформите, како и да придонесе за динамиката на регионот, што е потврдено во извештајот на Европската комисија.
„Но, останува на земјите-членки да ја донесат одлуката за датум за пристапни преговори, и тоа зависи од тоа колку ќе продолжи имплементирањето на задачите. Прашањето не е дали чашата е полупразна или полуполна, туку дека е важно да продолжите да ја полните, како што правевте досега“, рече Жбогар.
Амбасадорите, директно не ја споменаа главната пречка на патот на Македонија кон Брисел – прашањето за името. За ова прашање, во врвот на Владата има сериозна доза на оптмизам дека, и покрај разликите, наскоро е можно решение.
„Мислам дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се изнајде решение за долгогодишниот проблем за името. Очекувам најмалку на маргините на Самитот за Западен Балкан во Софија, да се видам со грчкиот премиер Ципрас, и да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива не велам не, но, во секој случај вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас давам шанса на процесот“, изјави премиерот Зоран Заев.
Таа средба е најавена за неколку денови. На неа, викендов зад нас, и претходеше преговарачка рунда Нимиц-Димитров-Коѕијас, од чиј исход ќе зависи дали во Софија Заев и Ципрас ќе може да ги направат финалните чекори кон доближување на позициите за можен договор.
Во меѓувреме сенаторот Бен Кардин и адмиралот Џејмс Ставридис го коментираа спорот со Грција за Гласот на Америка,
„Разбирам дека е предизвик. Не сум дел од таа историја, и затоа не сакам да навлегувам во детали. Но, тоа е прашање од кое целиот регион ќе има корист кога ќе се реши“, вели сенаторот Бен Кардин, за спорот за името со Грција и членството на Македонија во НАТО. Кардин нагласи дека сака да го види решението на овој проблем што побрзо, потенцирајќи ја опасноста од раширената руска пропаганда во овој регион.
„Она што Русија се обидува да го направи е директен обид да делува не само во САД, туку на глобален начин да ги афектира демократските институции. Не го гледаме тоа од други држави“, додава тој.
Адмиралот Џејмс Ставридис, во разговор со Јела де Франчески од Српската редакција на Гласот на Америка, исто така, ја истакна потребата од брзо решение на долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина кој, вели тој, е единствената причина зошто Македонија се` уште не е членка на НАТО.
„Ако Македонија може да излезе со конструкција за име што ќе биде прифатливо за Грците, како Горна Македонија, Северна Македонија, или нешто друго во таа насока, ќе го реши проблемот. Мислам дека патот до членството е доста чист“, смета Ставридис.
Тој го спомена учеството на македонската Армија во мисиите на НАТО, додавајќи дека посетите на македонски претставници во неговата Школата за право и дипломатија, како неодамнешната посета на министерката за одбрана Радмила Шекеринска се секогаш добредојдени.
Се зголеми подготвеноста на Македонија да стане полноправна членка на НАТО, вели конгресменот Џим Бенкс во писмото, кое вчера, заедно со група конгресмени, го испрати до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Македонија има светла иднина пред неа. Со нетрпение очекуваме да работиме со владините институции и граѓаните на Македонија, за да осигураме дека ќе го искористат максималниот потенцијал. Веруваме дека е време Македонија да стане членка на НАТО“, пишува Бенкс во писмото.
Тој, меѓудругото, истакнува дека заедно со колегите од двете партии во Конгресот, одблизу ја следат политичката и дипломатската ситуација во државата.
„Како што Македонија го продолжува патот кон посилна иднина, гледаме огромни можности да го засилиме сојузништвото со овој клучен балкански сојузник“, рече Бенкс, нагласувајќи дека „особено сме охрабрени од надежта за прогрес на преговорите, под медијаторство на Обединетите нации, како и од желбата на македонскиот и грчкиот лидер да го подобрат нивниот однос.
„Македонија ја покажа посветеноста преку учеството во мисиите во Косово и Авганистан, и преку поддршката во Ирак. Како што НАТО се прилагодува за зголемена безбедносна среднина, поради руската агресија, прифаќањето на Македонија како полноправна членка е нужно“, пишува Бенкс, кој го повика Столтенберг да го направи овој клучен чекор и да ја покани Македонија да стане членка на НАТО, од што бенефит ќе има и Алијансата во борбата против руската агресија.
Бенкс додава дека САД и натаму ја поддржуваат интеграцијата на земјата во евроатлантските институции.