БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
На поголемиот дел од овие богатства во им отните листови на функционерите, вистински непроценливи блага, во образложението пишува- „стекнато на друг начин”. И сега, прашањето е клучно – кој може да ги обвини овие наши драги функционери, кога законите налагаат да не должат никакви објаснувања на граѓаните
Секогаш се воодушевуваме кога ќе ја видиме имотната состојба на нашите драги функционери. Сеедно какви титули добивале тие низ сите овие години: големи политичари со надуени стомаци, важни директори со прелеани стомаци, ваши екселенции, мој наклон- намќорести амбасадори, високопочитувани сваровски партиски судии, намргодени шефчиња согласно партиските команди, висококотирачки изгубени партиски потрчкала, покорни, но сепак арогантни партиски полтрончиња, што се нема и кого се нема низ списоците на Антикорупциската комисија.
Што се тие не освоиле низ годините, или експресно, за само една година, кладете се дека некогаш може да биде и пола месец, о, какво изненадување, дури и за неполн час може да се стекне се што посакале и замислиле. А зошто не, кој би ги спречил?
Затоа имате по списоците распослани, удобни квадратури на станови насекаде, куќи, нешто земјишта, ниви, ливади и падини, за да не се разочара окото ако предвреме завршило. О, да, потоа доаѓа и по некое живеалиште на планина, или можеби цела шума, од каде капат поточиња и надоаѓаат бујни реки, па следат девизни и денарски штедни книшки, иако поударно е да се имаат дополнително и депозити, акции, накит и уметнички слики.
Но, ништо од тоа не е важно. Затоа што, на поголемиот дел од овие богатства, вистински непроценливи блага, во образложението пишува- „стекнато на друг начин”. И сега, прашањето е клучно – кој може да ги обвини овие наши драги функционери, кога законите налагаат да не должат никакви објаснувања на граѓаните- како се стекнале со сите тие богатства и удопства.
Оттука, тие наши кутри граѓани, наликуваат на оној пропаднатиот глумец, шаманот со крзно и рогови на бизон, што парадираше докрај полудено и театрално низ американскиот Конгрес. Со тоа што тој драматично ги шеташе сите тие реквизити на себе сосема свесен дека е патетичен егзибиционист, но суштински, по дефиниција- терорист.
Нашиве граѓани сопствените рогови ги шетаат несвесно, со децении, од време на време препознаваат дека имаат врз сопствената глава нешто што им боде очи на останатите, оние без рогови, оние со “стекнат имот од друга причина”, но, што ако. Овие вториве, со функциите, се развртуваат понекогаш, им се подиставаат, им прават пат, преплашени дека роговите можеби не се доволно долго цврсто наместени, дека ќе паднат, или ќе станат свесни нашиве граѓани на што заличиле низ годините.
Но, кога ништо од тоа не се случува, кога сите молчат и намерно ги кршат огледалата да не се видат, препознаат и ужаснат, нашиве драги функционери здивнуваат со олеснување. Тогаш, следува нов проект- понекогаш без тендер, а можеби и со неколку, за да биде исмејувањето повесело, нарачуваат нови, свежи, уште поголеми рогови, кои им ги всадуваат засекогаш. За тоа време, мирно и трпеливо чекаат на ред да добијат бесплатни рогови, кротките, послушни граѓани, добрите, тивки луѓе македонски.