Ова го покажува новата студија изработен од коалиција на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост
На почетокот на месецов во Брисел беше презентиран новиот истражувачки извештај „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“, изработен од коалиција на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост. Поддржана од Европската Унија и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), студијата е дел од пошироката регионална иницијатива за борба против родовобазираната дискриминација и унапредување на работничките права на жените.
Некои од клучните наоди од студијата, презентирана на промотивниот настан се: Родово-базираната дискриминација е широко распространета, особено при вработување и унапредување. Значаен дел од вработените жени доживуваат сексуално вознемирување на работното место и прекршување на правото на платено отсуство поради раѓање, бременост и родителство. Во регионот, иако се ратификувани релевантни меѓународни инструменти, правните рамки што се однесуваат на дискриминацијата се фрагментирани и честопати неконзистентни. Различните стандарди на заштита, процедури и санкции, што се применуваат под различни закони, предизвикуваат забуна. Мал е бројот на институции од Западен Балкан, одговорни за адресирање на родовата дискриминација поврзана со трудот, кои имаат јасни податоци за застапеноста на оваа појава. Иако се чини дека релевантните институции се генерално запознаени со нивните одговорности за справување со родово-базираната дискриминација при работа, сепак, пријавени се само мал број на случаи, така што институциите немаат практично искуство во адресирање на ваквите случаи. Луѓето се недоволно информирани за тоа каде може да се пријави родовобазирана дискриминација..
За време на настанот, Васка Лешоска, истражувачка од Реактор – Истражување во акција, презентираше вистински потресни приказни од регионот, вклучително на една жена од Црна Гора, која изјавила: „Требаше да заменам една девојка која беше на породилно отсуство. Планираа да ја отпуштат потоа, и ми рекоа дека не смеам да забременам во следните две години.“
Дополнително, извештајот од истражувањето содржи бројни препораки за институциите од Западен Балкан, како и за ЕУ, на повеќе теми, вклучително и за усвојување и имплементација на реформи против родово-базирана дискриминација, подобрени пристапи за следење на состојбите и континуирана поддршка за организации кои се борат за женските права
Џеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Европската Комисија нагласи: „Постои итна потреба од повеќе активности за справување со родово-базираната дискриминација низ целиот регион и на сите нивоа. ЕУ работи со владите, претставниците на приватниот сектор и граѓанското општество во насока на неопходните реформи и активности во оваа област и ќе продолжи да обезбедува поддршка за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените во регионот. Во текот на изминатите години, нашата помош испорача конкретни резултати во важни области, како што е борбата против родово-базирано насилство и поддршка на организациите за женски права.“
Повеќе информации: Истражувањето и извештајот се изработени од коалиција на организации за женски права од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Kosovo Women’s Network од Косово, Реактор – Истражување во акција од Северна Македонија, Gender Alliance for Development Centre од Албанија, Helsinki Citizens’ Assembly Banja Luka од Босна и Херцеговина, Women’s Rights Centre од Црна Гора и Фондацијата Kvinna till Kvinna од Шведска преку својата канцеларија во Србија. Извештајот содржи компаративна анализа на релевантните правни рамки во Западен Балкан, наоди за распространетоста и природата на родовата дискриминација поврзана со трудот и како институциите постапувале со вакви случаи.
Извештајот исто така дава таргетирани препораки. Говорници на промотивниот настан беа: Колин Волф, раководител на Одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан, Европска Комисија; Лиза Бјугстам, министерка советничка и заменик раководителка на Одделот за надворешна и безбедносна политика, Постојаното претставништво на Шведска во ЕУ; Гордон Пурвис, офицер за политика – преговарач за евроинтеграции, Европска Комисија, Генерален директорат за пристапни преговори и соседска политика, Западен Балкан, Црна Гора; Кристијане Вестфал, офицерка за политика – Одделение за меѓународни прашања, Генерален директорат за вработување, социјални работи и инклузија, Европска Комисија; Никол Фарнсворт, директорка на програма, водечка истражувачка, Kosovo Women’s Network, Косово; Дејвид Рајан, коавтор, Kosovo Women’s Network, Косово; и Васка Лешоска, истражувачка, Реактор – Истражување во акција, Северна Македонија.