Кога некој ќе ви каже дека тишината понекогаш знае да биде многу погласна од она „ајде сега сите раце горе“ и од унисоното пеење, дека тоа е фреквенцијата која го се спојува со публиката, тогаш бездруго се работи за Крсте Роџевски, оној кој умешно ја сплоти личната емоција со њујоршката естетика
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Крсте Роџевски е доктор со сопствена психијатриска практика во Њујорк и музичар по сопствен избор. По судбина. Како уметник пошироката публика го запозна по песните од проектите на Дуке Бојаџиев, филмовите на Милчо Манчевски и Столе Попов, за потем со познати американски авангардни и џез музичари да сними четири албумски објави, трилогијата сочинета од „Batania“, „Bitter Almonds“ и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ и минатогодишниот „Hubris“, со кој ја потврди репутацијата на исклучителен автор со брилијантен, кадифен глас. Тој е еден од оние чии песни публиката ги прифати како свои, стана миленик и на критиката и тоа не на било која туку онаа од извиканите магазини и пред чија емоција и писменост допрва ќе се отвораат нови творечки хоризонти.
Разговорот со него подолу е плод на неколкучасовната срдечна средба сторена утрото по инспиративниот концерт во Куршумли ан насловен „Насамо со Крсте Роџевски“, мелем за душите распнати на половина пат помеѓу она што го познаваа како „живот“ и жедни за бегство од реалноста во ерата на пост-пандемијата.
Концертот „Насамо со Крсте Роџевски“ што се случи во рамките на одбележувањето на 30 годишнината на Канал 103 во Куршумли ан беше вистински триумф. Публиката беше воодушевена од вашиот перформанс базиран само на гитара и глас, на суштината на вашите песни. Како авторот го доживеа овој настап и од каде кај Роџевски потребата да најде време за една ваква интимна средба со почитувачите на неговата музика на својот краток престој во Македонија?
Прво ќе кажам дека беше многу порелаксирано отколку што очекував. Ја немаше таа тензија или трема дека „еве свирам пред домашна публика“. Концертот на некој начин беше како „таен настан“ бидејќи тука се разбира беа правилата за организација на вакви случувања во време на светска пандемија и токму поради тоа картите пламнаа и се продадоа за рекордно кратко време. Потем имаше и бројни интервенции за билет повеќе од разни луѓе, и јас повеќе се занимавав со тие практични административни проблеми отколку со нешто друго. Практично немав сет листа на три часа пред излегувањето на сцена. Немав ни гитара. Инаку, во Македонија дојдов прво да ги видам моите, првпат по прогласувањето светска пандемија, и второ „глумам“ во „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Глумам, ха, ха, ха…кажувам една реплика од 20 секунди. Значи стигнав овде без гитара, без проби, немав свирено долго време… Гитарата Оли ( Оливер Јосифовски, ЉУБОЈНА) ми ја позајми, еден пријател од Битола ми даде уште една, направив сет листа и влегов во концертот без било какви подготовки, пресии… и очекував да биде по хаотичен. Арно ама кога влегов во Куршумли ан, тој амбиент некако ме смири. Почувствував дека просторот нуди не само позитивна енергија, туку и еден вид меланхолија. Тоа некако се всади во мене. Си реков, е ова убаво ќе биде.
На самата тонска проба се сетив, „чекај бе, јас овде концерт правам!“. Ова не е зафрканција. И, кога почнав да ја свирам првата песна почувствував како времето да застанало. Ова можеби некому нестварно ќе му звучи, некако „new age“, ама јас така го почувствував моментот. Се* ми беше некако трансцедентено. „Тезга“ секогаш ја свирам на крајот на концертите, а сега почнав со неа. Морав да почнам со нешто меланхолично и тажна бидејќи некако морав да се поврзам со амбиентот. Мислам дека енергијата на таа песна беше точно во фреквенција со публиката. Си реков, е тука ќе почнеме и потоа ќе видиме кај ќе одиме.
И, каде ве одведе сето тоа? Имаше ли време да направиш споредба на овој концерт дома со другите што си ги свирел во последно време. Во САД, било каде.
Сето тоа ми беше многу смирувачки. Кога ги свирам овде во Македонија нотите не одат прво кон публиката, туку влегуваат во мене и потоа тргнуваат кон присутните. Многу е чудно чувството. А, во Америка, барем за мене, концертите се некако „трансакциони“ – свирам и знам дека она што излегува од гитарата оди директно кон публиката. И, тие ја примаат или не музиката. А, овде е многу лично. Комплетно си разголен. Луѓето ме знаат. Зборуваме исти јазик. Имаме слични детства. Слични трауми, слични нарации … и се* што излегува низ мене многу е по лично, многу е по сурово, многу е по разголено. И, едноставно помалку се грижам дали ќе направам грешка во свирењето, дали при пеењето дикцијата ќе биде добра… На концертите повеќе ме интересира дали се разголив доволно. Ама не премногу, пак да си има некоја граница. Кај нас во Македонија, во македонската музика, воопшто во македонската уметност, па дури и кога градиме, готвиме, јадеме како да нема елементи на преуредување. Како да не оставаме малце „негативен простор“. Мене ми е малку пренатрупано. И, на концерт кога си сам, а тоа и Оливер Белопета ми го кажа по настапот, е друга енергија, друг концепт. Сам си, само со гитара. Нема тука тапани, бас, клавијатури, некој да отсвири соло и да те покрие. Или светлото да падне на некого близу до тебе… Едноставно си сам. Меѓу секоја песна, меѓу секој збор, меѓу секој акорд ја има таа тишина и ти си сам исправен пред сите. Од публика не знам дали тоа може да се види, али јас нагласувам дека кон сите музичари кои прават соло концерти имам посебен респект, дали е тоа Кит Џерет, или Сесил Тејлор, или гитаристката Мери Халворсон кога свири соло… па и пијанистот Ви Џеј Аер. Тоа се страшни музичари, меѓутоа секогаш кога ги слушам нивните композиции соло поинаку ги доживувам. Друго е трио, квартет, квинтет…но кога си сам, разголен тоа е вистинското. Затоа во Куршумли ан беше многу интимно, многу топло и знам дека од публиката струеше една голема љубов кон мене… и сакав да им кажам дека и јас ги сакам.
Во таа размена на енергија и емоции одеше со една песна на македонски јазик, потем една на англиски… и така со ред. Како да сакаше да и кажеш на публиката еве ви ги вашите омилени напишани на нашиот јазик, но еве и дел од оние што во меѓувреме настанаа. Свесно ли влезе во таквата авантура?
Кога со мојот оркестар свирев на 18-от ОФФест во 2019 година во МОБ, концертот го поделив на блокови. Еден блок со песни отпеани на македонски, па неколку на англиски…и така во круг. И, додека траеше концертот почувствува дека публиката чудно реагира. Најнапред ќе ја заплисне опуштање, а потоа како да се повлекува. Дури и прашав – сакате „кирилица“ или “латиница“? А, тие поделби не се многу убави. Се што ќе поделиш на црно и бело не е убаво. Кога ќе направиш ментална хигиена, кога нештата ќе ги разделиш, независно дали е тоа музика, книга… не е доволно добро. Постои некоја сива сона. Затоа овој пат се решив за експеримент. Наместо да ги свирам сите од „Batania“ и некои преработки, си велам ај ќе ги измешам. Сет листата беше направена неколку часа пред концертот, но свирев онака како што ми дојде. Она што ми се свиреше во моментот. Работите ги мерев според силината на аплаузот.
Се препушти ли на моментот, на сознанието дека сепак треба да се ужива мигот што една домашна, твоја публика може да ти го дари? Публика која, сепак, дошла да си ужива во своите фаворити, во песните што во меѓувреме ги присвоила.
Ова беше концерт како во дневна соба. Како кај некој дома. Затоа јас се чувствував одговорен дека треба да го изградам тоа чувство на вистинска интимност. Се обидувам, но не можам да го обаснам тоа бидејќи навистина е на многу длабоко емоционално ниво. Не сакам да звучам како „new age“, ама навистина беше така. При секој акорд, при секоја емоција… се чувствуваше пулсирањето на публиката. Куршумли ан го има тој амбиент. Песната одеше кон публиката и се враќаше како некаков вртлог… и во еден момент, на сред песна, кога ќе пробие тишината чувствуваш дека си поврзан со оние во партерот. Дека сте заедно. Таа тишина беше многу погласна од она „ајде сега сите раце горе“ и од унисоното пеење. Ете, тоа беше таа фреквенција каде што се споивме. Затоа и искрено сум им благодарен на сите оние што беа пред мене во Анот, оти тоа некоја публика не сака да го направи независно колку и да си и близок. Треба да си спремен пошто и тие се отворија малку.
На концертот раскажувајќи една анегдота врзана со твојот пријател Пеце Талески и неговиот подарок, винилно издание на американскиот бенд БАФАЛО СПРИНГФИЛД, онака лежерно откри и дел од артистите кои влијаеле на твојата музика, артисти како Дејвид Боуви, Том Вејтс… Ова ме повлекува да прашам со кого Крсте Роџевски другарувал и кој се влијаел врз формирањето на него како автор, музичар, од почетоците до денес?
Јас имав различни фази на прибирање информации. Во Битола во периодот на моите адолесцентски години, формативни години, имаше неколку локали каде што се береа постарите, луѓе во нивните касни 20ти и рани 30ти, дузина аудиофили како Љупчо, Тончи, Ристе од Порта џез, Пеце Талески…Тоа беа луѓе што беа „постари“ и имаа огромни колекции на плочи. Цели ѕидови во собата, влегуваш таму и се губиш. И, јас како млад ентузијаст со долгаа коса и малце влакна нешто како пубертетска брада одам кај нив и сакам да слушам плочи. Тие преку мене се идентификуваа веројатно со својата младост и мислам дека мојот ентузијазам и тој мој џагор што го имам ми помогна и нормално добивав на слушање одбрани винили. Јас секоја недела слушав по едно 20 нови плочи. Татко ми и мајка ми ми купија систем од Германија, го памтам беше комбинација на Санио и Техникс…и тоа беше врв. Тончи, на пример, ми даваше плочи од ВАНИЛА ФАЏ, ГРЕНД ФАНК РЕИЛРОУД, ЏЕТРО ТАЛ…класичен рок, тука беше и сцената од Кентебери во Англија и ХЕНРИ КАУ на Фред Фрит… преку Дупата, Љупчо кој беше џезофил и ја имаше целата колекција на германската издавачка куќа ECM, стигнав до џезот. До Гарбарек, Ралф Таунер, ОРЕГОН, Кит Џарет и тн. Пеце беше поеклектичен, не беше заглавен како другите во 1970 или 1980 и носеше плочи од Том Вејтс, од Боуви, ТОКИНГ ХЕДС, БАФАЛО СПРИНГФИЛД, Кејт Буш… Тогаш беше и Перо, фронтменот на дет метал групата ОРИОН во која своевремено свиреше тапани и Алек (Александар Секуловски, ФОЛТИН, ВОДА…), кој дојде од Австралија со две гајби полни со плочи од треш и дет метал албуми. Од него ги зедов СЛЕЈЕР, АУТОПСИ…Слушав и хардкор дет метал или бендови како КАНИБАЛ КОРПС, ОБИЧУАРИ…Се* и сешто. И, кога дојдов во Скопје на факултет нормално започнав со Скопски џез фестивал, запознав нови луѓе, имаше голема понуда на настани, почнав да одам на концерти, бев голем фан на Сид Берет, па на Ник Дрејк…на таа „гитара глас култура“. Едно време слушав и електронска музика, онаа од 1970те во Франција , Груп де ресерч музикал на Лук Ферари, Бернард Пармеџиани…експериментални музичари од GRM центарот во Париз…од кој иако не се бавам со електронска музика многу научив бидејќи таа го има тој „негативен простор“ за кој зборувам, да не се пренапише туку да се одземе нешто. Тоа како во сликите на Рембрант, сите гледаат во ликовите а според мене, ајде и поправилно според вистинските познавачи се е до светлината. Никој не слика светлина како Рембрант. А тоа е негативниот простор. Тоа не го гледаш.