Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

РУСИЈА ВРБУВА АГЕНТИ И ПРОВОКАТОРИ ЗА СУБВЕРЗИВНИ АКТИВНОСТИ ВО ЗАПАДНА ЕВРОПА

November 4, 2025 Filed Under: Свет

Неодамна излегоа група Бугари пред француски суд за извршен вандализам нарачан од Русија. Пред еден месец се притворени 11 српски граѓани во сличен по својата природа вандализам  во Французија. Зад сето тоа се чини стои руската пропагандна мрежа RRN, или Неодамнешни сигурни вести, создадена еден месец пред почетокот на целосната инвазија на Украина во 2022 година. Дневна преокупација на истата е редовно ширење на дезинформации во Европа со имитирање на автентични новински веб-страници од соодветните земји

УВЕЗЕН ПРОБЛЕМ Местото на честите активности на „шпионите-аматери“ е оваа синагога во Париз

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Според новинарката во Дојче Веле од Софија – Мина Киркова во тек е судење на четворица бугарски државјани, инаку жители на Благоевград кои направиле како група, организирано вандализам во Париз. Ние треба да се потсетиме дека во еден сличен напад во Франција учествувале 11 Срби кои требале во и онака долготрајната криза во оваа земја да долеат „бензин на огнот“ создавајќи додатно незадоволство со веројатен интернационален одек. За што станува збор? Може ли такви инциденти да се поврзат, се прашуваме, со последните аларми во македонски училишта со наводни подметнати бомби и тоа среде предизборна кампања? Внимавајте, во недела во тие училишта ќе треба да се постават и кутии за гласање а некому му одговара да постои страв и излезноста да биде помала!

Да се вратиме на парискиот инцидент за кого пишува и „Политико“ а пренесува софиската редакција на DW (https://www.dw.com/bg/blgari-pred-frenskia-sd-vandalizm-po-porcka-na-rusia/a-74543322).

Обвинетите бугарски државјани отпатувале во Париз, таму добиле сместување а целта била – да се вандализира Споменикот на холокаустот во градот. Тие потоа требале веројатно да извршат и други инциденти ама се забелеѓжани и брзо ја напуштиле Франција. Четворица Бугари овој октомври се изведени пред суд во Франција (се нагласува дека тоа е прво судење од ваков вид) се Мирчо Ангелов, Георги Филипов, Кирил Милушев и Николај Иванов. Обвинението гласи дека биле дел од руски план за дестабилизација на земјата. Вандализирањето на холокаустот во Париз бил од таа акција за која се вели дека требала да е дел од специфични операции насочени кон зголемување на тензиите и поларизацијата во општеството.

Вандализмот се случил во мај 2024 година, кога еден од спомениците за жртвите на холокаустот во Париз бил „окречен“ со отпечатоци од раце обоени со црвена боја. Инаку тоа е симбол што го користат некои пропалестински активисти за да ја осудат војната во Газа. Но, многумина ги перцепираат и како повик за антисемитско насилство. Поасебно бидејќи споменикот се поврзува со годишнината од првото масовно притворање на Евреи во Франција за време на нацистичката окупација.

Во вандализмот учествувале директно двајца од обвинетите, третиот го снимал настанот а четвртиот се грижел за пречекот и вкупната органзиација, вклучувајќи и нивното заминување што се случило брзо, бидејќи, при акцијата се забележани од чуварот и тој ги бркал, па станало јасно дека се откриени. Секако, потоа се активирани и снимките од видео камерите

Но тројцата Бугари сепак успеале да побегнат во Брисел и оттаму да фатат авион за Софија. Подоцна, откако француските власти го откриле идентитетот на сторителите, дошло до екстрадиција.

Адвокатот на обвинетиот Кирил Милушев коментирал за европското издание дека нејзиниот клиент само снимал што се случило и не учествувал активно во вандализмот. „Тој воопшто не знаел што треба да прави“ кога се согласил да патува во Париз – гласи одбраната.

Вториот од обвинетите, Георги Филипов, негирал дека дејствувал од расни или религиозни мотиви, инсистирајќи дека неговото дејствие било „едноставен хулиганизам“ по прекумерна консумација на алкохол, пишува „Агенција Франс-прес“. И Филипов и Милушев не негираат дека учествувале во акцијата, но го посочуваат Ангелов како главен организатор. Доколку бидат осудени, четворицата Бугари би можеле да се соочат со затворска казна до седум години.

А кој е пак Ангелов?

Фејсбук профилот на Ангелов е полн со фотографии од цела Европа, пишувал „Политико“. Се чини дека неговото тело го открива неговиот „мисловен репертоар“ – полно е со големи тетоважи со неонацистички симболи, вклучувајќи ги броевите 14 и 88 и црниот череп „Тотенкопф“, кој ги покрива неговите гради, горниот дел од рацете и нозете.

Каква врска има Русија со сето ова? Па којги платил патните трошоци, сместувањето и се друго што било потребно?

Францускиот истражувач Клемент Рено изјавил за новинската агенција Франс-Прес дека ова е „првиот во низата судски случаи што се одвивале во текот на изминатите две години, а властите ги поврзале со странско мешање“. Извештаите вклучени во судското досие ја припишуваат операцијата „црвени отпечатоци од прсти“ на Петтата служба на ФСБ“, коментираше и разузнавачкиот експерт од Францускиот институт за стратешки студии.

Операцијата би можела „да одговара на обид за дестабилизација на Франција, организиран од руски разузнавачки служби“, според проценка на домашната разузнавачка агенција ДГСИ, цитирана во белешка од обвинителството.

Во исто време, Вигинум, француското тело кое го следи странското мешање на интернет, изјави дека инцидентот со црвениот отпечаток од прст бил искористен од „поврзани со Русија неавтентични портали на X“. Според истрагата на Вигинум, операцијата „црвен отпечаток од прст“ била користена за манипулација на социјалните мрежи. Зад нив стои и псевдофранцускиот медиум Artichoc, создаден од руската пропагандна мрежа RRN. Нејзиното цело име е Неодамнешни сигурни вести, создадена еден месец пред почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Редовно шири дезинформации во Европа со имитирање на автентични новински веб-страници од соодветните земји.

Оваа акција на бугарските државјани практично се повтори со активност во која се вклучени 11 лица од Србија на исти и слични места во Франција ама и во Германија!

ХРИСТО ГРОЗЕВ Ова е новинарот кој требаше да биде киднапиран од групата на Јан Марсалек

Како што јави Хју Скофилд, дописник на BBC од Париз  (https://www.bbc.com/serbian/articles/cgmz183rnwko/lat)

уапсените во Србија се обвинети за шпионажа, поттикнување расна и верска омраза во Германија и Франција, каде што оставале свински глави пред исламски верски објекти и фрлале зелена боја врз синагогите, објавило српското Министерство за внатрешни работи (МВР). По службеното известување оној кој им бил обучувач, по „инструкции од странска разузнавачка служба“, е во бегство.

Во ова соопштение од 29 септември годинава на српскиот МВР инструкторот ги учел притворените српски граѓани да ги кршат „основните човекови права и слободи“ и „да шират идеи што заговараат и поттикнуваат омраза, дискриминација и насилство“. Таа група дејствувала во периодот од април до септември 2025 година, при што групата фрлала зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еден еврејски ресторан, лепела налепници со „геноцидна содржина“ и оставала свински глави врз муслимански верски објекти во Париз, објави Министерството за внатрешни работи.

Истрагата во Франција брзо посочи на необични траги – двајцата осомничени возеле автомобил со српски регистарски таблички, користеле хрватски телефонски број и неколку часа по инцидентот ја преминале границата со Белгија. Да, патеката а веројатно и „чистењето на патот“ се врши од еден центар, како и кај уапсените бугарски државјани!  Всушност, забележани се токму тие впечатливи сличности со низа претходни провокации, како што е цртањето на Давидовите ѕвезди на париските ѕидови во октомври 2023 година или црвените отпечатоци од раце на Споменикот на холокаустот во мај 2024 година, што го споменавме.

За првиот случај, трагите воделе во Молдавија, додека судењето за вториот случај, како што најавивме започна овој октомври.

Обвинителот во судењето што е во тек изјави дека сè укажува на „обид за дестабилизација на Франција организиран од руската разузнавачка служба“.

Француските безбедносни агенции претходно ги етикетираа Русија и Иран како земји што користат „валкани трикови“ за да предизвикаат поделби во француското општество.

За време на најновата истрага, сточарка од Нормандија, област на северот од Франција, се обратилa до полицијата, каде изјавила дека продала „околу десет“ свински глави на двајца мажи кои дошле со автомобил со српски регистарски таблички. Истиот автомобил подоцна бил забележан на 8 септември на снимки од безбедносни камери во источниот дел на Париз, како и во близина на неколку џамии.

Со следење на сигналот од хрватскиот телефон, било утврдено дека осомничените ја напуштиле Франција рано наутро на 9 септември и влегле во Белгија. Телевизијата BFMTV добила видео на кое се гледа маж во бела маица, со капа и хируршка маска, како остава свинска глава пред џамија во предградието Малакоф. Тој фотографирал сè пред да замине. Слична сцена е снимена пред џамија во Монтреј, друго париско предградие.

Очевидно, Франција станала жешка точка во хибридната војна на Русија против Европа. Москва се обидува да го поткопа еден од најмоќните поддржувачи на Киев со зголемување на политичките и социјалните тензии во земјата. Аналитичарите велат дека Франција е и примарна цел и лесна цел – земјата има големо влијание на светската сцена, но е изложена на внатрешни ранливости што ја прават особено подложна на манипулации, пишува Политико а пренесува DW.

Француските служби ја поврзуваат оваа операција со „поширока стратегија“ насочена кон „поделба на француското јавно мислење и поттикнување на внатрешни тензии со користење на посреднички актери, т.е. лица кои не работат за овие служби, туку добиваат плаќање од нив за специфични задачи преку посредници“.

Така, се наведува дека порано годинава шест Бугари беа осудени во Велика Британија за шпионажа за Русија. Тие дејствувале во голем број земји во Европа и биле организирани од Јан Марсалек, Австриец баран за финансиска измама преку компанијата Wirecard, кој наводно живее во Москва. Групата Бугари шпионирала украински војници на обука во Германија, ги следела руските дисиденти и учествувала во план за киднапирање на бугарскиот новинар Христо Грозев.

Порано оваа година, во Австрија беше откриена и Бугарка, која извршувала шпионски активности во корист на Русија. Цветанка Дончева го следела главниот уредник на престижно австриско издание („Профил“), а во слободно време извршувала и други „помали“ операции – како што е лепење налепници што ги поврзуваат Украинците со нацизмот. Бугарите осудени во Лондон биле вмешани и во слични операции.

Овие операции и регрутирањето „аматерски агенти“ се јасно дел од новата стратегија на руските служби за Европа – по почетокот на целосната инвазија на Украина, огромен број руски шпиони биле протерани од европските земји. Новите методи на Кремљ вклучуваат „мали“ саботажи за поделба на европските општества и сеење внатрешнополитички тензии. Големата цел е една – да се повлече поддршката на овие земји за Украина. За извршување на операциите се ангажираат странци, кои понекогаш дури и не знаат за кого работат. Целта е да се спречи руските служби да бидат вмешани како сторители на саботажата.

Треба ли да се вратиме на лажните бомби во македонските училишта што се случуваа во тензични ситуации на нашите улици кога беше добро средношколците да се на улица отколку во школските клупи? По долга пауза ете ги деновиве одново се вратија. Па и во Црна Гора а одвреме-навреме и во Србија.

Filed Under: Свет

КАКО ЗАВРШИЈА ПОСЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: НИЗОК ОДЅИВ КАКО ОДРАЗ НА АПАТИЈА, СО МНОГУ НЕДОСТАТОЦИ КОНСТАТИРАНИ ОД НАБЉУДУВАЧИТЕ
КОЈ ЗА ШТО, ВО СДСМ ЗА ОСТАВКИ
ВО ПОДГОРИЦА СЕ СЛУЧУВА ФАШИСТИЧКА ЦРНА КОМЕДИЈА
НИКОЛА РИСТАНОВСКИ: ГНЕВОТ НЕ Е ДОВОЛЕН
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025: ГЕНЕРАЛНО МИРЕН ПРОЦЕС СО СЕРИОЗНИ СИСТЕМСКИ И ИНСТИТУЦИОНАЛНИ СЛАБОСТИ

Најново

  • КАКО ЗАВРШИЈА ПОСЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: НИЗОК ОДЅИВ КАКО ОДРАЗ НА АПАТИЈА, СО МНОГУ НЕДОСТАТОЦИ КОНСТАТИРАНИ ОД НАБЉУДУВАЧИТЕ
  • КОЈ ЗА ШТО, ВО СДСМ ЗА ОСТАВКИ
  • ВО ПОДГОРИЦА СЕ СЛУЧУВА ФАШИСТИЧКА ЦРНА КОМЕДИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet