Премиерот за „Ди Пресе“: Дезинформации пласираат оние кои не сакаат земјата да напредува
Во интервју за австрискиот весник „Ди Пресе“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски се осврнува на дезинформациите што во нашата земја се пласираат во контекст на актуелните политички случувања и војната во Украина, информираат од владината прес служба.
„Тие потекнуваат од трети земји кои не сакаат оваа земја да напредува и да се развива. Ова е јасно финансирано од Русија. Затоа членството во ЕУ е наша стратешка цел. Тоа нуди слобода на критичко размислување, социјална правда и економски просперитет. Тоа го сакаат и луѓето во Северна Македонија и во регионот“, истакнува за „Ди Пресе“ Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во интервјуто вели дека Република Северна Македонија во целост ја спроведува одлуката на Советот на Европа за забраната за емитување на руските медиуми „Спутник“ и „РТ“, како што неодамна направија и САД, Велика Британија и други земји.
„Северна Македонија целосно ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ. За прв пат воведовме санкции кон Русија, почнувајќи со оние од 2014 година “, посочи премиерот Ковачевски за австрискиот медиум.
Ковачевски, во интервјуто порача дека во време на воената агресија на Русија кон Украина, членството во НАТО е од огромно значење за Република Северна Македонија, особено за нејзината економија.
„Неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина докажува дека членството во најголемиот светски одбранбен сојуз НАТО, е од огромно значење за секоја членка. Ние сме мала земја. Нашата безбедност ја гарантираат сите членки на НАТО, што има многу позитивни последици за нашето општество – исто така и за нашата економија. Затоа што странските инвеститори, особено оние од инфраструктурниот сектор, знаат дека се во безбедна земја, заштитена од НАТО“, истакнува премиерот Ковачевски во интервјуто за “Ди Пресе“.
Ковачевски за австрискиот весник се осврнува и на континуираниот геостратешки интерес на Русија за Балканот.
„Западен Балкан отсекогаш бил од интерес за Русија. Нејзиното влијание преку медиумите, вклучително и преку некои политички партии, беше секогаш присутно. Русија има интерес од замрзнати конфликти на Балканот, кои им оневозможуваат на земјите да го изодат својот пат кон евроатлантските интеграции“, дополнува претседателот на Владата за австрискиот медиум
Премиерот Ковачевски, одговарајќи на прашање поврзано со азилот во Унгарија на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е правосилно осуден во нашата земја, во интервју за „Ди Пресе“истакна дека нашиот судски систем е ослободен од политичко влијание
Ковачевски посочува дека Груевски е осуден, а против него се водат и други постапки.
„Прашањето за политичкиот азил во Унгарија им се упатува на унгарските политичари, не мене. Еден ден тој ќе мора да се врати и да се соочи со својата казна“, додава Ковачевски за австрискиот весник.