ДРАГАН МИШЕВ
Милиони Руси да се разбудат во новата, сурова реалност и за тоа да го обвинат Путин, а руските војници, уморни од борба и умирање за лаги, да почнат да одбиваат да се борат во Путиновата катастрофална војна, и да се свртат кон Москва за да се стави крај на војната со ставање крај на владеењето на Путин, или, според одамна воспоставената руска (советска) традиција, некој во Кремљ да се охрабри да изврши навистина патриотска должност и да имаме објава дека Путин умрел мирно во сон
Кога втората најмоќна армија на светот, на 24 февруари изврши воена агресија врз Украина, руската пропаганда најави дека Кијив ќе падне за 48 до 72 часа, а стравувањата беа дека главниот град на Украина за кратко време ќе биде претворен во Грозни или Алепо, со илјадници цивилни жртви, и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе заврши обесен на улична канделабра или ќе биде застрелан во главата од про-Кремљ атентатори.
Повеќето тогаш мислеа дека Украина би можела да води само краткотрајна борба, и дека има многу мала надеж дека ќе се одбрани од Русите.
Но, уште многу рано, за само две недели украински отпор, стана јасно дека Русија претрпува големи загуби, повеќе одколку што ги имаше за 10 години во Авганистан, или повеќе отколку што претрпеа американските сили во војните во Ирак и Авганистан заедно.
Беше јасно дека руските војници не беа добро водени, дека логистиката е лоша, руските војници немаат доволно храна или вода, нивните комуникации не беа безбедни и нивната координација за комбинирано дејствување беше слаба. Стана јасно дека тие немаат доволно трупи да го заземат, а камоли да го окупираат Кијив, дека возилата, опремата и резервните делови се неодржувани и со лош квалитет поради големата корупција која владее во руската армија ( и целото руско општество, во целина) . Беше јасно дека нивните оклопни единици немаат одговор или одбрана од украинските „Џавелин“ и други противтенковски ракети.
А потоа, почнувајќи од крајот на март, почетокот на април. се случи тој спектакуларен колапс на руските сили на фронтовите во Кијив, Чернихив и Суми. А откако беше потопен предводникот на црноморската флота на руската морнарица, ракетниот крстосувач „Москва“ стана јасно дека руските не се сигурни ниту на море.
Беша повеќе од очигледно дека Русија ќе мора да го промени целиот свој тактички и стратешки пристап за да избегне целосна катастрофа, и ако не се приспособи, во догледно време, ова ќе ја уништи руската војска и ќе го урне режимот на Путин.
Но, Русија не се адаптираше, само продолжи да ги прави истите грешки одново и одново. Наместо тоа, од крајот на март, Украина повторно зазеде многу повеќе територии од Русија отколку обратно; тотален пораз за Русија во Украина е многу поверојатен од било каков вид на договорено решение. Постоечкото руско политичко и воено раководство покажа дека не се способни да ги свртат работите во своја корист за да победат. Поразите од ваков размер вообичаено резултираат со колапс и промена на режимот одвнатре.
Стана очигледно дека Путин отишол предалеку и дека оваа војна ќе биде негова пропаст, а со динамиката на бојното поле и лошите одлуки на Путин , ова станува се поверојатно секој ден.
Руските неуспеси беа речиси природен исход на годините на путинизам, автократија, години на еден човек над сите други кои го водеа шоуто. Оваа војна во Украина е врв на годините на владеење на Путин, најдобро го претставува него и системот што тој го изгради, луѓето што ги воздигна, институциите што ги обликуваше, Никој не може, и не треба да биде обвинет повеќе од Путин, а најмалку остатокот од светот за овој дебакл.
Така, воените пресврти во корист на Украина покажаа дека руската војска всушност и не е втора најмоќна во светот, дека нејзината обука и ефективноста на нејзините тактики, застарената и лошо одржувана опрема и оружје, лошиот однос кон сопствените војници значеше дека она што постоеше на хартија и во проценките на разузнавачките служби не беше она што руската армија беше во реалноста. Наспроти „импресивноста“ која ја покажа против малата Грузија и слабо вооружените сириски бунтовници, во моментот кога наидоа на посилен непријател во , сеуште недоволно вооружена, но добро организирана по западни стандарди украинската армија, веќе воопшто не беше импресивно.
Со зголемениот број загинати руски војници, и кога нивните тела почнаа да им се враќаат на нивните семејства во Русија, со руската економија која само се влошува со текот на времето под дејство на западните санкции, Путин започна да ја губи големата поддршка што многу скоро ќе доведе до масовни протести што ќе го оневозможат неговото понатамошно владеење. А колку Русите се подготвени да умрат во битката на својот владетел, покажува масовниот егзодус на военоспособно руско население, кои откако Путин прогласи „делумна“ мобилизација, ја напуштаат Русија со, во рекордно време расподадени летови или во километарски колони кон соседните земји во кои сеуште им е дозволен влез.
Многу руски војници и опрема беа уништени во таа прва фаза. Целиот свет гледаше како руските војници одат во битка без доволно храна и вода, лошо водени во заседи одново и одново. Светот гледааше како заробените војници велат дека ги лажеле каде одат и што прават. Напуштени руски тенкови затоа што не можеа да набават гориво или останаа без муниција само ги извадија на површина лошо управуваните линии за снабдување и логистика.
Руските загуби во војска, опрема и територии само се зголемија со пристигањето на HIMARS, беспилотни летала, артилериски орудија М777 и друга напредна западна опрема, со кои Украинците сега можеа да погодат цели длабоко зад линиите на фронтот. Сега Украина е таа што го диктира темпото, интензитетот и правецот на воените операции, а руските окупатори сега се доведени во состојба да се бранат. Со постигнатите спектакуларни успеси на Украинската контраофанзива, украинските сили и нанесоа голем оперативен пораз на Русија, враќајќи ја речиси целата Харкивска област во брза контраофанзива, со што придонеспа путиновата армија да доживее срамен неуспех.
Така, седум месеци по тие 48 до 72 часа, најновите успеси на украинската војска со ослободување на стратешки важниот град Лиман, кој се наоѓа во областа Доњецк, само еден ден откако претседателот Путин, потпишувајќи ја анексијата изјави дека регионот сега е дел од Русија, при што беа опколени над 5.000 руски војници на кои не им преостана ништо друго освен да побегнат, да умрат или да се предадат, всушност го отворија патот за деокупацијата и на регионот Луганск.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека Украина ќе ги врати сите свои територии, вклучително и Крим, ги повика Русите да го решат проблемот со тој што го започна сето ова, со тој кој ја започна оваа бесмислена за Русија војна против Украина.
По загубата на Лиман, во руската воената команда веќе почнаа и меѓусебно да се обвинуваат и да се бараат виновници за загубата.
Развојот на настаните, неизбежно доведува до тоа големите делови од оваа руска војска едноставно да се распаднат, руските војници панично бегаат пред налетите на украинските напади , оставајќи ги зад себе оружјето,опремата, загинатите и ранетите.
Овие руски војници, во Украина на своја кожа осетија дека нивната влада ги лаже, нив и нивните семејства за тоа зошто ги испраќа во оваа војна.
Досега, историјата многу пати покажала што се случува во вакви ситуации. Русите веќе губат борејќи се на украинска територија, и, на крајот, може само да се вртат дома со подвиткана опашка. За Русија, ова сега не е Големата патриотска војна во Втората светска војна, кога Русија се спасуваше од уништување во Сталинград и Ленинград; напротив, руските војници сега се окупатори. Залудни се обидите на Путин преку мобилизација да собере околу 300 000 нови регрути, кои секако, нема заначајно да придонесат за промена на состојбата на фронтот во Украина. Слабо опремени, немотивирани и недоволно обучени, со пристигањето во Украина само ќе бидат нов контингент со топовско месо.
Сето ова само ќе придонесе милиони Руси да се разбудат во новата, сурова реалност и за тоа да го обвинат Путин, а руските војници, уморни од борба и умирање за лаги, да почнат да одбиваат да се борат во Путиновата катастрофална војна, и да се свртат кон Москва за да се стави крај на војната со ставање крај на владеењето на Путин, или, според одамна воспоставената руска (советска) традиција, некој во Кремљ да се охрабри да изврши навистина патриотска должност и да имаме објава дека Путин умрел мирно во сон.
Сега веќе не се поставува прашањето дали Путин ќе падне, туку кога и како?